Хемија

Делот ХЕМИЈА од Алкалоид АД е дел од ПЦ Хемија, Козметика и Билка и е основан во 1957 година од група професори при Технолошко-металуршкиот факултет од Скопје и од група стопанственици од земјава. Фабриката работи во рамките на Профитниот центар Хемија, Козметика и Билка и е лоцирана во Скопје, со над 100000 l реакторски простор во околу 70 реакторски единици со различен работен волумен, со придружни апарати, инфраструктура и со сопствен развој. Ги поседува сертификатите ISO 9001, издаден од страна на QА, ISO 14001, издаден од страна на QА, ISO 13485, издаден од страна на QА и СЕ за медицински помагала, издаден од DEKRA Certification B.V.

Денес има развиена програма за производство на чисти хемикалии и на реагенси од органско и од неорганско потекло, со pa, puriss, purum и со фармакопејски квалитети за лабораториски цели, за индустриски цели, за широка потрошувачка, има производи за земјоделско производство, медицински помагала и средства за чистење и за дезинфекција.

Асортиманот, освен наведениот, е флексибилен и релативно бргу може да се развиваат нови комбинации на нови производи бидејќи развојот на делот Хемија се одвива во правец на флексибилност, но и на компатибилност на програмата со барањата на пазарот и со исполнувањето на квалитетот, роковите и на цените на производите. Самиот развој на нови производи, кој се остварува во секторот Истражување и развој, е во потполност поддржан од секторот Контрола на квалитет, којшто во континуитет се подобрува преку инвестирање во најсовремена апаратура, дообука и во специјализација на вработените.