Историски развој

Познато е дека првите производни погони, од кои израсна Алкалоид биле во приватна сопственост на семејството Огњановиќ. На почетокот петнаесетина работници во два погона произведувале околу 350 кг фармацевтски суровини. Фабриката претставува никулец на една нова стопанска гранка не само на овие простори, туку и во поширокиот регион. Основна дејност е производство на алкалоиди од опиум, односно екстракција на морфин база и нејзино синтетизирање до кодеин.

Квалитетот на македонскиот афион, кој долго време во ова поднебје го има третманот на "црно злато", несомнено е пресуден за отворање на овој преработувачки капацитет. По завршувањето на Втората светска војна, од посебно историско значење за Алкалоид е летото 1945 година. Со решение на владата на тогашната ФНРЈ и на НРМ, на 22 јуни е извршено поопштествување на фабриката, која тогаш имала 17 работници, од кои само еден со високо образование. Оттогаш почнува континуираниот растеж на Алкалоид, еден од најстарите индустриски капацитети во Република Македонија и тогашната југословенска заедница.

Поради специфичноста на производството, фабриката во првите повоени години има третман на капацитет од посебно значење и е под директна административно-оперативна надлежност на Главната управа на медицинското производство (ГУМПРО) од Белград.

Kaко значаен производствен капацитет за тогашната југословенска држава, Алкалоид на 31 октомври 1946 година, е регистриран како државна фабрика за производство на алкалоиди. Со таквиот титулар останува се до 1950 година, кога надлежностите од сојузно ниво ги презема Генералната дирекција на хемиската индустрија на Македонија. Во овој период се евидентирани првите чекори на Алкалоид за зголемување на производството, за осовременување на технологијата, за проширување на производната дејност и за подобрување на квалификационата структура на вработените.

Веќе во 1947 година бројот на вработените е двојно поголем и со 38 работници се постигнува рекордно производство од 1.544 килограми алкалоиди. Периодот на првата петолетка, како што популарно се нарекува првиот петогодишен план, се одликува со квалитетни промени. Се подобруваат условите за работа, се прошируваат постојните капацитети и се градат нови, а бројот на вработените постојано расте. Во 1949 година се надминуваат дотогашните производствени планови, а со тоа и старите поими за производствените можности на претпријатието. Со 53 работници, Алкалоид таа година реализира 2.135 килограми алкалоиди, а остварените приходи се за една третина поголеми од оние во 1947 година. Тоа не останува незабележано ниту дома ниту во пошироките рамки на тогашната заедничка држава и ваквите резултати му обезбедуваат на Алкалоид сојузно признание за најдобра фабрика во земјата.

Подемот на Алкалоид продолжува и во периодот на таканареченото работничко самоуправување, што во фабриката е воведено на 29 август 1950 година. Со помали осцилации претпријатието ја задржува динамиката на раст на производството, така што по извршената реконструкција на капацитетите, производството на Алкалоид е зголемено за осум пати.

Oваа декада по многу нешта претставува нова етапа во развојот на Алкалоид, пред се', со воведување на нови производни дејности, како тенденција за заокружување на техничко-технолошкиот процес. За подемот на Алкалоид од клучно значење е 1957 година кога е пуштен во работа нов капацитет за производство на лекови - Галенскиот погон. Во него, на база на алкалоидните суровини започнува производството на готови лекови во вид на таблети и течности, а подоцна и масти и ампули, меѓу кои Кодеин, Кафетин, Кодафен и Носкапин - таблети и сируп. Новото производство бара забрзано подобрување на квалификационата структура на вработените: повеќе фармацевти, технолози, хемичари...

Сето тоа влијае врз зголемувањето на учеството на Галенскиот погон во вкупното производство на Алкалоид, кое продолжува континуирано да расте. Во првата година од отворањето, Галенскиот погон учествува со седум проценти во остварените приходи, а само неколку години подоцна, тој е носител на 70 проценти од вкупните приходи на фабриката. Со отворањето на Галенскиот погон почнува нов период за македонската фармацевтска индустрија, која со Алкалоид го започнува пробивот и афирмацијата и надвор од границите на тогашната држава. Во развојот на Алкалоид, посебно поглавје претставува почетокот на деловно-техничката соработка со познати светски фармацевтски и хемиски корпорации, на што му претходат обемни подготовки и анализи. Со тоа фабриката настојува да фати чекор со забрзаниот фд на современата фармацевтска и медицинска наука, како и со најновите технолошки достигнувања.

Прва деловно-техничка соработка е воспоставена во 1961 година со "Терапликс" од Париз, Франција, а со прераснувањето на Алкалоид во современа фармацевтско хемиска индустрија, таквата соработка е трасирана и со реномираните "Фајзер" од Њујорк, "Шеринг" АГ од Берлин, "Специа" од Париз, "Лабораторија Делагранж" од Париз, "Хеми" од Линц, "Солко" АГ и "Хофман Ла Рош" од Базел, "МеркШарпДом" од САД и други. Во почетокот, ваквата соработка се состои во преземање лиценци, а подоцна се надградува и се преминува на доработка и производство на супстанции наменети за создавање на специфични фармацевтски производи. Со тоа се збогатува асортиманот на Алкалоид со нови препарати за голем број области од медицината, а многу од нив претставуваат врвни достигнувања во фармакотерапијата.

Bо мај 1966 година, кон Алкалоид се интегрира претпријатието за откуп на лековити билки Билка од Скопје. Како една целина се обединуваат три основни дејности: производство на алкалоиди, на готови лекови и на билки. Алкалоид прераснува во вистинска индустрија, каде производството започнува со обезбедување на сопствена суровинска база, а завршува со финален производ. Друг значаен момент во овој период е изградбата и пуштањето во работа на новиот погон за екстракција на афион во 1968 година. Со тоа се воведува нова технологија на водена екстракција на незасечени афионови чушки. На овој начин се поедноставува дотогашниот процес и што е многу важно се овозможува екстрахирање на двојно поголемо количество морфин база. Зголемените производствени капацитети за екстракција, бараат поголеми количества афионски суровини, што наметнува и подолгорочно планирање на афионското производство и потреба од обезбедување сопствена суровинска база. Овие зафати уште посилно ги зацврстуваат позициите на Алкалоид и неговите економски перформанси.

За само три години од 1968 до 1971 година, остварените резултати на Алкалоид се зголемуваат четирикратно. Порастот на производството е следен и со зголемување на бројот на вработените и промена на квалификационата структура. Во 1969 година тогашната работна организација брои 515 вработени, а по две години овој број се зголемува на 671, од кои 120 се со високо образование. Согласно развојната стратегија, Алкалоид во овој период издвојува значајни финансиски средства во инвестиционите и други развојни фондови, при што води сметка и за стандардот на вработените. Визијата за создавање модерна фармацевтска индустрија почнува да се остварува во 1972 година, со новата фабрика за готови лекови.

Современ капацитет со работна површина од 7.000 квадратни метри, во кој се сместени сите галенски одделенија и кој претставува заокружена техничко-технолошка производствена целина. Процесот на модернизација и унапредување на производството продолжува со докомплетирањето на алкалоидното производство преку воведување на нови најсовремени уреди за екстракција на афионот и проширување на производната програма на готови лекови. Технолошкиот процес се модернизира и во билкарството, што резултира со зголемување на асортиманот и квалитетот на чаевите и на сушените производи. Во 1972 година Алкалоид почнува производство на ветеринарни препарати, а влегува и во секторот на козметичката индустрија.

Следејќи ги интеграционите движења, во насока на поекономично и порентабилно работење, во 1973 година се реализира интеграцијата со фабриката за производство на хемикалии и фотоматеријали "Лафома", и со фабриката за сапуни и козметика "Цветан Димов".

Во средината на седумдесеттите години во Алкалоид почнува инвестиционен циклус чија основна цел е реконструкција на тесните грла во повеќе погони на Компaнијата која веќе е со регионално значење. Во 1979 година е пуштена во употреба фабриката за преработка на лековити билки, а во овој период стартува и производство на рентген и графички филмови, како и други фото-материјали.

Во текот на 1978 година во Алкалоид се интегрира и фабриката за бои и лакови "Пролетер". Во оваа декада стартуваат и подготовката за изградба на фабриката за козметика и сапуни, како и за некои други помали инвестициони зафати. Ваквиот развој и растеж го позиционира Алкалоид меѓу петте најголеми компании од овој вид во тогашната југословенска заедница. Алкалоид веќе брои над 2.800 работници од кои 560 се со високо образование. Податокот дека во периодот 1974-1979 година вредноста на вкупниот производ на Алкалоид продолжува да расте, несомнено го илустрира подемот на компанијата, која во своето 40-годишно постоење прераснува во исклучително значаен субјект на македонското стопанство.

За да се одговори на техничко-технолошките достигнувања, пред се во областа на медицинската наука и фармацијата, кон крајот на седумдесеттите години е извршена целосна реконструкција на Таблетното одделение, почнува осовременувањето на Одделението за ампули и за Конфекционирање, и се изготвуваат плановите за новата фабрика за ветеринарни производи. Се проширува асортиманот на готови лекови и се продлабочува деловно-техничката соработка со најпознатите светски фармацевтски компании. На тогашниот југословенски пазар Алкалоид пласира широк асортиман производи од препаративната и декоративната козметика, меѓу кои посебно се истакнуваат колекциите "Бекутан", "Блек ап", како и палетата која е резултат на соработката со реномираните "Алберто Калвер" од САД и германскиот бренд "Шерк".

Во рамките на Алкалоид успешно работи и Центарот за медицинска козметологија. Во производството на хемикалии воспоставена е долгорочна производно-техничка соработка со Мерк од Дармштад за заеднички настап на југословенскиот и на странските пазари. Долгогодишната стручни и деловни контакти со англиската фирма "Адмел" од Вејбриџ, придонесува за проширување на асортиманот во сегментот на диазо и фотоматеријали, а во соработка со јапонската корпорација "Фуџи" почнува со работа новоизградената фабрика за производство на рентген филмови. Подем има и во областа на билкарството каде зад производството и примената на лековитите растенија застанува науката. Bо таа функција се и специјализираните билни аптеки што се отвораат во Скопје и Белград. Напоредно со развојот, Алкалоид постојано посветува големо внимание и на унапредувањето на работната и животната средина и стандардот на вработените.

Успешната приказна на Алкалоид во овој период ја одбележуваат подготовките и почетокот на најкрупниот инвестиционен циклус во историјата на компанијата, како и нејзината сопственичка трансформација во рамките на системските реформи во државата. Во оваа декада, Алкалоид успешно го пребродува транзицискиот период, во кој севкупниот економски амбиент во државата се трансформира, кога се случуваат значајни промени во македонското стопанство и кога дополнитилен удар предизвикуваат случувањата во регионот поврзани со распаѓањето на поранешната југословенска држава.

Приватизацијата во Алкалоид е извршена согласно важечките модели на тогашниот Закон за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. Во 1990 година, Компанијата е регистрирана како Акциoнерско друштво во мешовита сопственост. Во 1995 година е донесена одлука за трансформација на препријатието во друштво со приватна сопственост додека во 1998 година, Алкалоид е регистриран како акционерско друштво во приватна сопственост. И покрај радикалните промени во сопственичката структура на компаниите во приватизациониот период, Алкалоид останува една од ретките компании во државата која успева да го задржи позитивниот тренд на раст и развој, па дури и да ги подобри своите перформанси во работењето.

Процесот на приватизација е воден од неколку приоритети, од кои доминантни се: постигнување на одлични резултати со паралелно мотивирање на вработените, константна профитабилност, инвестиции во модернизацијата, одржување на единството на компанијата, редовна исплата на дивиденди на сите акционери и водење на постојана грижа за вработените. Менаџерскиот тим на Алкалоид во oвој период ја зацврстува определбата за интензивирање на развојот преку јасниот концепт - за инвестиции во објекти и техничко-технолошко осовременување на производството. И покрај релативно лимитираната акумулативност во тоа време, веќе во 1986 година е направен првиот потег во оваа насока, кога е купена нова опрема во Одделението за ампули.

Алкалоид го зголемува производството и асортиманот, а се' понагласената извозна ориентација на компанијата резултира со пробив на странските пазари. Кон крајот на оваа декада се склучени исклучително значајни извозни аранжмани, во рамките на кои Алкалоид прв на овие простори воспоставува нов вид на деловна соработка со меѓународно етаблирани фармацевтски куќи. Со цел да се реализираат извозните обврски, Алкалоид склучува договори за соработка со реномирани Европски компании. Ваквата соработка резултира со реализирање на извоз што неколкукратно ги надминува тогашните максимални производствени капацитети на Алкалоид. Палета на повеќе производи од асортиманот на Алкалоид под препознатливиот македонски бренд излегува од производните линии на швајцарски Солко и француски Делагранж.

Остварените резултати му овозможуваат на Алкалоид добра кондиција за реализирање на амбициозните развојни планови на менаџерскиот тим. Инвестициите се насочуваат кон купување современа опрема, јакнење на машинскиот парк, а изградбата на нова фабрика за лекови е зацртана како единствена вистинска перспектива за компанијата. Паралелно продолжува и модернизацијата односно развојот и на делот за козметика, а крупен инвестиционен зафат од околу 400.000 евра е реализиран и во фабриката за органски и за неоргански хемикалии, како и во Премази. Начелото дека за се' попробирливите светски пазари инвестирањето не е избор, туку неопходност, и натаму останува цврста определба во деловната агенда на Алкалоид.

Стратешки Алаклоид го реализира најзначајниот потег: трансфер на современ маркетингшки систем извозно ориентиран со отворање на сестрински компании вон границите на државата. Ваквата мрежа континуирано се проширува на нови пазари.

Bo 1996 година Алкалоид го почнува најкрупниот инвестиционен циклус. Прв чекор во развојната стратегија на компанијата е стартот на изградбата на новата фабрика за цврсти таблетни форми со површина од околу 12.000 квадратни метри. Квалитативно нов значаен потег на Алкалоид во овој период е соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ). Договорите со овие меѓународни финансиски институции, потпишани во 1999 година, претставуваат основа за нов вид повеќеслојна соработка. Преку нив Алкалоид, од една страна обезбедува финансиска поддршка од околу 17,4 милиони евра и тоа не како класичен кредит, туку во форма на конвертибилен заем кој во секој момент ЕБРД и ИФЦ можеа да го трансферираат во акционерски капитал во Компанијата.

Од друга страна, преку ваквиот вид соработка, што за прв пат се реализира во Македонија, Алкалоид ги имплементира најсовремените принципи на корпоративно управување. Во носечката дејност на Алкалоид, секторот Фармација почнува имплементација на строгите норми за добра производствена пракса, т.н. GMP стандарди. Претходно во делот на билкарство лекови се воведени највисоките тогашни ISO стандарди, кои подоцна се инсталирани и во сите други капацитети на Алкалоид со постојано надградување. Сето ова создава услови носечкиот македонски фармацевтски бренд да фати чекор со светски признатите производители на лекови. Во 1999 година се комплетира новиот магацин за готови лекови со современ дистрибутивен центар, а во април 2000 година е предаден во употреба најсовремен магацин за суровини и амбалажа.

Под мотото - пробив на светскиот пазар, инвестирањето се интензивира во 2002 година со стартот на новата фабрика за цврсти дозни форми и на фабриката за полусинтетски цефалоспорини, единствена во регионот во која целосно се воведени GMP стандардите. Заради поефикасно и поквалитетно производство, Алкалоид гради и опремува најсовремен оддел за пакување на лекови во вредност од 4,5 милиони евра, со две нови линии: за пакување на цврсти форми (таблети, дражеjи и капсули) со капацитет од 200.000 пакувања во минута и за ампули со капацитет од 30.000 ампули во минута. Со цел да се обезбеди повисок степен на автоматизација на производството, по 600.000 евра се вложуваат во новата линија за дозирање и пакување на раствори за орална употреба и во осовременување и адаптација на просторот за чување на полупроизводи.

Во 2004 година е дислоциран најстариот погон на Алкалоид од локалитетот во Автокоманда во новиот капацитет во Ѓорче Петров, каде со повисоки стандарди и пософистицирана опрема се обезбедува и повисок квалитет на производството. Генералната определба на менаџерскиот тим за континуирано инвестирање, како услов за опстојување на светскиот пазар останува, но со новата агенда, вложувањата се насочуваат главно во опрема и во технологии. Нова целосно автоматизирана опрема, со далеку поголем капацитет и перформанси, е инсталирана во Билкарство, а вакво осовременување е воведено и во Козметика. Во 2000 година Алкалоид-Фармација станува член на Европската генеричка асоцијација на производители на лекови. Во функција на врвниот квалитет на финалниот производ, значајни инвестициони фондови се алоцирани и во процесот на контрола и обезбедување на квалитетот на лековите: во најсовремена микробиолошка лабораторија вредна 1, 2 милиони евра и уште 500.000 евра за новата хемиска лабораторија.

Со заокружувањето на инвестициониот циклус е обезбедено целокупниот производствен процес, од влезот на суровината во фабриката до излезот на финалниот производ, да се одвива согласно со највисоките европски стандарди за производство на лекови. Тоа е верификувано и од страна на неколку инспекциски служби од земјите на ЕУ, како и од американската мултинационална компанија Фајзер, за која веќе со децении Алкалоид е партнер од избор. Во 2002 година Алкалоид ја продава првата лиценца, за лекот Кафетин на рускиот пазар, деловен успех со кој ретко кој македонски производител може да се пофали. Гордост на компанијата е и патентирањето на препаратот Новаморф во САД во 2003 година. Соработката со босанската фармацевтска куќа Фармавита е трасирана во 2005 година, а со неа се опфатени неколку препознатливи лекови од асортиманот на Алкалоид. Производната палета на Алкалоид се пласира на пазарите на 29 земји, а Компанијата со свои подружници ги покрива Руската Федерација, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Албанија. Со отворањето на подружница во САД, во февруари годинава, почнува планот за пробив на еден од најпробирливите светски пазари.

На странските пазари, според последните податоци, Алкалоид пласира над 70 отсто од производството, факт што ја потврдува извозната ориентација како доминантна определба на компанијата. Алкалоид во меѓувреме станува препознатлив и со новиот проактивен маркетиншки концепт и корпоративниот европски имиџ. Меѓу приоритетите остануваат грижата за вработените, акционерите, животната средина, деловните партнери, здравствениот систем и пред се' - здравјето на луѓето.

Реализираните инвестиции, промените и зголемениот обем на работа, особено во последните неколку години ја наметнуваат потребата од надградба на постоечкиот и инсталирање на модерен информативен систем и интеграција и консолидација на севкупната софтверска мрежа.

Во пресрет на 70-годишниот јубилеј, почнува имплементацијата на SAP, податочен софтверски систем, вреден над два милиона евра, кој со своите модули целосно ги интегрира сите деловни сегменти на компанијата. Со тоа Алкалоид останува лидер и во оваа област со оглед на тоа што тоа е првиот матичен SAP што една компанија го инсталира во земјата. Од ноември 2002 година компанијата котира на официјалниот пазар на Македонската берза на долгорочни хартии од вредност. Алкалоид прв во Македонија го отвора и потврдува својот легимитет пред јавноста и транспарентно ги прикажува билансите и финансиското работење пред сите потенцијални инвеститори. Алкалоид е избран за најтранспарентна котирана компанија на Берзата за 2003 година, додека неговата акција е најликвидна и најтргувана на Македонскиот пазар на долгорочни хартии од вредност.

Во последните 20 години Алкалоид во своето осовременување има вложено меѓу 70 и 80 милиони евра, а паралелно со воведувањето нови технологии, се менува и структурата на вработените во полза на високо стручните кадри. Алкалоид во својата визија останува на определбата дека најголемата инвестиција за една компанија е во човекот и во неговата едукација за управување со нови технологии, што несомнено е важно за развојот и битисувањето на компанијата, чија успешна приказна продолжува со нови предизвици.