Истражување и развој

Институт за развој и контрола на квалитет

Својата определба за производство на квалитетни, безбедни и ефикасни лекови и посветеноста на перманентниот развој, Алкалоид АД Скопје ја потврди и со отворањето на Институтот за развој и контрола на квалитет. Оваа уникатна високо софистицирана технолошко-аналитичка единица е прва од ваков вид во земјава, а само една година од поставувањето на камен -темелникот, со пригодна свеченост официјално беше предадена во употреба на 11 март 2009 година.

Во присуство на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, министерот за здравство д-р Бујар Османи и голем број гости, деловни партнери и вработени, Институтот свечено го отворија Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски и г-дин Живко Мукаетов, Генерланиот директор и Претседател на УО на Алкалоид АД Скопје.

Институтот располага со 1540 метри квадратни корисна површина. Институтот е екипиран со најсовремена лабораториска и пилот-производствена опрема која ќе овозможи да се развиваат нови, модерни форми на генерички лекови во кои ќе бидат имплементирани најновите научни сознанија од областа на фармацијата.

Во Институтот за развој и контрола на квалитет се инвестирани повеќе од осум милиони евра, а финансиската конструкција во најголем процент е обезбедена со сопствени средства на Алкалоид АД, а дел преку наменски кредитни линии.

Формирањето на Институтот претставува додадена вредност на лековите од аспект на развој и воведување на нови технологии и методи, одржување на квалитетот, постојано подобрување и задоволување на најстрогите референтни барања на Европските и Американските регулаторни органи.

Оваа нова технолошко - аналитичка единица е поддржана со современа лабораториска и пилот производна опрема од реномирани американски, англиски, германски и јапонски производители, а имплементирани се најсовремени инструментални техники и технологии. Просторот во кој се одвива технолошкиот развој е изведен и докажан во класа на чистота ИСО 8. Согласно планот за кадровска екипираност, во Институтот работат 80 високо специјализирани и обучени извршители.

Во Институтот се изведуваат активности кои го следат процесот на развој на генерички лекови и нивно воведување во индустриско производство, активности за постојано следење на квалитетот на лековите на пазарот како и активности кои произлегуваат од законската обврска за следење на стабилноста на лековите до истекот на рокот на траење. На овој начин се обезбедува не само одговор на се построгите барања од регулаторните органи, туку и развивање на производи во кои ќе бидат имплементирани најновите сознанија од полето на фармацијата.