ОБРАЌАЊЕ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР/ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ

2015 ќе биде запаметена како година на најголемата мигрантска криза во европската историја, почетокот на кампањата за избор на претседател на САД, терористичките напади во неколку европски метрополи и градови во Турција, немирите во Украина, Бразил, Сирија, забавениот раст на најбрзо растечката економија во светот, Кина, и многу други настани кои го потиснаа економскиот развој на второ место.

Постојаниот пад на цената на суровата нафта што директно се одрази на падот на девизниот курс на руската рубља, промената на владеачката структура во Хрватска, изборите во Србија заедно со промените на политичката ситуација во нашата земја, се само некои од предизвиците со кои се соочувавме во текот на нашето работење во текот на 2015 година.

РЕЗУЛТАТИ

Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во текот на 2015 година ги извршуваше своите обврски внимателно следејќи ги сите сегменти на работењето на нашата Компанија и севкупните економски услови во земјата и регионот воопшто.

Наспроти сите објективни и субјективни предизвици, компанијата успеа да генерира позитивни финансиски резултати во своето работење, вложувајќи вонредни напори и мерки на претпазливост во секојдневните активности.

Постигнавме вкупна консолидирана продажба во износ од МКД 7.860.414.000, што претставува пораст од 6%, со што се надмина износот од EUR 127,5 милиони на нашите пласмани. Консолидираниот нето профит изнесува МКД 666.467.000, со што забележавме пораст од 8% во споредба со 2014 година.

84% од вкупната (консолидирана) продажба се однесува на сегментот Фармација, а 16% на Хемија, Козметика и Билкарство.

Од вкупната (консолидирана) продажба, 59% претставуваат пласмани на странски пазари, што претставува пораст од 10% на продажбата од извоз во споредба со 2014.

Анализирано по региони, највисок процентуален раст во споредба со 2014 беше забележан на пазарот во Северна Америка (28%), Заедницата на независни држави (19%), регионот на Југоисточна Европа (10%), пазарите на ЕУ/ЕФТА (4%) и Македонија (2%).

БЕРЗАНСКО РАБОТЕЊЕ

Според податоците на Македонската берза, акциите на Алкалоид во текот на 2015 година беа меѓу најтргуваните и најликвидните акции.

Алкалоид АД Скопје, како една од водечките компании на Македонската берза, во редовното берзанско работење учествуваше со тргувани МКД 317.905.386, што претставува 23,04% од вкупниот промет регистриран на првиот официјален пазар на Берзата во 2015 година.

Цената на акциите на Алкалоид АД Скопје се движеше од MKД 4.700 до MKД 5.700, со просечна цена од MKD 5.067,83, што претставува пораст од 11,40% на просечната цена за акција, споредено со 2014 година.

Алкалоид АД Скопје по шести пат доби Кристално ѕвоно, како најтранспарентно котирана компанија и плаката за второ рангирана компанија според прометот на Македонската берза ефектуиран во последните 20 години.

Овие признанија претставуваат уште една потврда за високото ниво на корпоративно управување на Алкалоид АД Скопје, транспарентноста во работењето и високото ниво на квалитетна комуникација со инвеститорите, институциите, медиумите и јавноста, воопшто.

ДРУГИ ВАЖНИ ДЕЛОВНИ ПОТФАТИ

2015 година ја обележа и трендот на проширување на одобренијата за ставање во промет на лекови, со регистрации на околу 100 нови производи на 18 пазари во земјите на Европската Унија и 8 земји во регионот и Заедницата на независни држави.

Во ПЦ Фармација воведовме постапка за проектен манаџмент со цел да се оптимизира временскиот период за пласирање на нашите производи на пазарите и поефикасно да се менаџираат производните портфолија. Преку нашата Служба за деловен развој реализиравме продажба на првите лиценци за наши производи на светски реномирани компании, како што е лиценцата за Nycomed Takeda за скандинавските земји, Sun Pharma за Романија, Sandoz за Словенија и Generic Partners за Јужноафриканската Република, деловни потфати на кои сме особено горди, бидејќи со тоа демонстриравме дополнителен квалитет за извоз на знаење.

ИНВЕСТИЦИИ

Во 2015 година, вкупните инвестиции на Компанијата изнесуваа МКД 986.806.000, што претставува двојно повеќе во споредба со претходната година. Би сакал да издвојам неколку од нив:

  • Официјално го пуштивме во употреба Центарот за контрола на квалитет во ПЦ Фармација, со површина од над 3000 м2, инвестиција вредна повеќе од ЕУР 5 милиони;
  • Покрај новата ALU/ALU машина за пакување, набавивме нова, трета по ред машина за таблетирање во ПЦ Фармација, нова GLAT машина за филм обложени таблети, нов вилушкар за буриња Miler и нов компресор во сегментот за производство на цефалоспорини.
  • Имајќи го во предвид континуираниот двоцифрен пораст на продажбата на нашата програма на чаеви на пазарот во САД, нарачавме нова машина за пакување на филтер чаеви IMA C24, со годишен капацитет од над 5 милони филтер ќесички.
  • Ја комплетиравме имплементацијата на САП со 6 модули во нашата подружница во Белград, Србија, нашиот најголем извозен пазар.
  • Реализиравме дополнителни инвестиции во нашите претставништва во Љубљана, Москва и во Алкалоид КОНС ДОО, а континуираните инвестиции во високо софистицирана опрема, технологија и кадар во секторите производство, истражување, развој и контрола на квалитет ќе продолкжат и во иднина.

Врз основа на претходно имплементираните проекти и вложени напори, во 2015 година на Компанијата ѝ беа доделени неколку меѓународно признаени сертификати.

КОРПОРАТИВНА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ

Општествено одговорната активност, како една од главните особености на компанијата и врвен приоритет на работната агенда, продолжи со несмален интензитет и во текот на 2015 година.

По петти пат, вработените на компанијата, под покровителство на Фондацијата “Трајче Мукаетов“ здружени на уште еден хуманитарен настан, собраа средства во износ од МКД 807.000, наменети за Црвениот крст на Република Македонија за справување со бегалската/мигрантската криза. За интензивната соработка со оваа глобална хуманитарна организација, по повод одбележувањето на 70 годишнината од нејзиното основање во Република Македонија, на Алкалоид му беше доделено признанието Златен поддржувач, а мене ми беше доделен Златен медал за поддршка.

Осма година по ред, Фондацијата “Трајче Мукаетов“ доделува стипендии на талентирани студенти на медицина и фармација при Државниот универзитет “Свети Кирил и Методиј“. Од 344 приматели на стипендија (179 студенти на фармација и 165 студенти на медицина), 128 се активни приматели на стипендиии, а 40 од дипломираните студенти веќе ја започнаа својата кариера во Алкалоид.

ПЕРСПЕКТИВИ

Економскиот напредок во 2016, според сите параметри, ќе биде во сенката на геополитичките случувања. Неизвесноста во 2016 претставува најголем предизвик и одговорност со која сите управни органи и сите вработени во компанијата ќе треба да се носат. Сите активности во компанијата ќе бидат насочени кон максимална диверсификација на потенцијалните ризици за нашето работење и намалување на нивниот интензитет и евентуално влијание. Кредибилноста, интегритетот и професионалниот пристап во сите деловни потфати и натаму ќе бидат главните насоки на нашиот натамошен раст и развој, сѐ за добробит на сите засегнати страни, акционерите, потрошувачите и вработените.

Кога пред точно 10 години бев назначен на функцијата генерален директор на оваа компанија, продажбата на Алкалоид изнесуваше ЕУР 53.1 милиони. 2015 година ја завршивме со консолидирана продажба од ЕУР 127,5 милиони. Во САД компаниите кои 10 години континуирано бележат пораст на продажбата, профитот и дивидендата се нарекуваат ’бизнис шампиони’. Процесот на искачување по овие скалила не беше воопшто лесен, но верувам дека останавме посветени на нашата цврста решеност за врвен квалитет и совршенство во секој сегмент на нашето работење. Во годината кога го обележуваме нашиот 80-ти јубилеј, лично би посакал компанијата да остане во шампионска форма, и во духот на мотото на Алкалоид: ’Здравјето пред сѐ“, би сакал од оваа позиција да славиме за многу успешни достигнувања на Алкалоид во иднина! Среќна 80-та годишнина на Алкалоид!

Живко Мукаетов
Генерален директор/Претседател на управниот одбор