ПОЛИТИКА ЗА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ НА АЛКАЛОИД АД

СИМБИОЗА ЗА ПОЗДРАВ ЖИВОТ И ИДНИНА

Ние постоиме и успешно го работиме нашиот бизнис повеќе од седум децении. Секоја година во секој сегмент сме сѐ попосветени да ги подобриме нашите операции, да се развиваме и да растеме на амбициозен и на одржлив начин. Но, ние никогаш не ги забораваме нашите луѓе, животната средина и општеството каде што припаѓаме.

Како продолжение на нашите основни вредности за грижата, интегритетот, иницијативата и супериорниот квалитет на нашите производи и како најголема фармацевтска компанија во регионот, се стремиме да останеме општествено одговорна и етична компанија. За да ги одржиме нашите вредности, ги фокусираме нашите напори во 4 клучни области:

  • нашите потрошувачи и клиенти;
  • нашите вработени;
  • нашата заедница;
  • нашите акционери.
НАШИТЕ ПОТРОШУВАЧИ И КЛИЕНТИ

Ние ги обезбедуваме нашите потрошувачи и клиенти со висококвалитетни производи, коишто се клинички тестирани и ги исполнуваат најсовремените и најстрогите светски стандарди. Нудиме гаранција со нашата посветеност, нашиот углед, високите стандарди и со сертификатите коишто ги поседуваме. Нашата организациска структура ни овозможува да ги слушнеме и да одговориме на најчувствителните потреби на нашите клиенти. Функционирањето со нашите клиенти се одвива во согласност со високите стандарди и развој, сплотувајќи ги заедничките перформанси во одлична соработка. Секоја година имаме панел-средби и дискусии (brainstorming-сесии) со доставувачите, со цел да се подобри секој сегмент од нашите релации.

НАШИТЕ ВРАБОТЕНИ

Ние го охрабруваме и го препознаваме континуираното подобрување, иновациите во секој сегмент, прагматичното размислување и дејствување, како и континуираната едукација. Инвестираме во нашите луѓе и во подобрување на нивните вештини. Со тоа, инвестираме во нивната иднина и во иднината на нашата компанија. За таа цел го реконструиравме и целосно го опремивме нашиот едукативен центар во Дојран, Р. Македонија.

Ние постојано ги подобруваме работните услови, придобивките за нашите вработени и системот за наградување. Но, истовремено се фокусираме и на подобрување на нашата ефикасност, на нашиот систем во целост. Добитници сме на плакета од Македонската асоцијација за безбедност и здравје при работа, доделена на компанијата како најбезбеден работодавец за 2009 година. Ние се грижиме да се одржиме како бренд и како работодавец и на тој начин да сме претставени од нашите вработени во најдобро светло.

„Не постои повисок приоритет од високопрофесионален и етичен однос на нашите вработени, од која и било земја да потекнуваат и на која било позиција да работат. Ние постоиме за исполнување на нашата мисија и визија и секој вработен со своето однесување треба да ја манифестира својата цврста намера и подготвеност да придонесе за поуспешно нивно остварување“, истакна нашиот генерален директор / претседател на УО, г. Живко Мукаетов, во неговото обраќање до вработените во Алкалоид АД во „Кодот на етично и на бизнис-однесување“ во октомври 2009 година и додаде: „Кодот на етично и на бизнис-однесување не претставува нешто што почнуваме да го практикуваме при вработувањето во Алкалоид АД или нешто што го практикуваме кога за тоа ќе имаме доволно време. Кодот треба да претставува показател за тоа што правиме и како се однесуваме во секоја минута и во секој момент од денот“.

НАШАТА ЗАЕДНИЦА

Започнувајќи од академската 2007/2008 година па сѐ до овој момент, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ учествува во спонзорирање на над 102 студенти од Фармацевтскиот и од Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. По нивното дипломирање тие имаат шанса да ја градат својата кариера во Алкалоид АД.

Ние ги поддржуваме и придонесуваме за успешна работа на голем број македонски и странски комори, асоцијации и организации. Алкалоид АД е докажан поддржувач и на македонскиот спорт и на македонските репрезентации во ракомет, одбојка и во кошарка. Шаховскиот тим на Алкалоид АД гордо го претставува македонското знаме. Дополнително, активно ја поддржуваме и културата преку овозможување врвни услови за творење на нашите истакнати уметници.

Некои од инволвираните страни со кои имаме соработувано во изминативе години:

  • Американска стопанска комора (AmCham);
  • Фармацевтска комора;
  • Стопанска комора на Македонија;
  • Комора за економија;
  • Министерство за животна средина и просторно планирање на Р. Македонија;
  • Фонд за здравство на Р. Македонија;
  • Светска банка;
  • Европска банка за реконструкција и за развој (EBRD);
  • Светска здравствена организација (WHO);
  • Меѓународна финансиска корпорација (IFC);
  • Американска агенција за интернационален развој (USAID);
  • Интернационален детски фонд за итни случаи на Обединетите нации (UNICEF);
  • Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје:
  • - Фармацевтски факултет;
    - Природно-математички факултет – Институт за хемија;
    - Медицински факултет;
    - Факултет за електротехника и информациски технологии;
    - Машински факултет;
  • Универзитет ФОН – Скопје;
  • Европски универзитет – Скопје;
  • Универзитет за економија – Љубљана;
  • Македонска шаховска федерација;
  • Македонска одбојкарска федерација;
  • Македонска кошаркарска федерација;
  • Македонска ракометна федерација.
НАШИТЕ АКЦИОНЕРИ

Нашиот бизнис-пристап е да се работи на транспарентен и на етичен начин. Ние комуницираме со нашите акционери и со јавноста и ги информираме точно, прецизно и навремено за секое важно прашање. Се грижиме за зголемување на вредноста на нашите акционери преку амбициозен, реален и оправдан развој, со намалување на ризикот, подобрување на уделот на пазарот, внатрешната ефикасност и на процесот на бизнис-планирање.
Во изминатите две децении имаме инвестирано речиси 60 милиони евра во производствени капацитети, во делот за истражување и развој, за контрола на квалитет, во магацини, во софтверски и ERP-решенија, а сето тоа во согласност со cGMP-стандардите.

Во 2009 и во 2014 година бевме наградени од Македонската берза како најтранспарентна компанија. Нашите приближно 6000 акционери, од кои околу 9 % се странски инвеститори, ги добиваат своите дивиденди секоја година, со речиси двоцифрен пораст од година в година. Како корпорација, ние сме посветени на континуиран развој, стремејќи се да ја исполниме нашата мисија и визија на најпрофесионален начин.

Нашиот генерален директор / претседател на УО, г. Живко Мукаетов, би рекол:
„И покрај тешкотиите, мора да го продолжиме трендот на раст на Алкалоид АД и да продолжиме да бидеме добрата вест од Македонија“.