Ин мемориам

In memoriam

Трајче МукаетовНа 29 март 2007 г. со голема жал се разделивме од Претседателот на нашиот управен одбор, Трајче Мукаетов, човекот кој го имаше посветено сиот свој живот, цели 34 години од неговото суштествување на „Алкалоид“. Тој е човекот што го издигна „Алкалоид“ на нивото на кое се наоѓа и денес – високореномирана фармацевтска индустрија.

Роден е на 20 септември 1945 г. Неговата кариера започнала со завршувањето на Електро-техничкиот факултет во Белград, по што како дипломиран стручњак бил назначен за прв директор во Организацијата за процеси и за информатика при Македонската државна канцеларија за информатика.

Неговата кариера продолжила во „Алкалоид“ каде што во 1974 г. го основал Компјутерскиот центар на својата компанија. Набрзо, под негово водство, овој центар бил прогласен за водечки компјутерски центар во Македонија.

Од 1985 г., Трајче Мукаетов ја извршувал функцијата на Главен извршен директор на „Алкалоид“ АД Скопје. Овој период бил обележан со најголемиот инвестициски циклус во компанијата, но, исто така, и со трансформација на сопственоста во рамките на системските реформи во државата. И покрај радикалните промени, „Алкалоид“ останала една од малкуте компании во државата што успеале да го задржат позитивниот тренд на раст и развој, па дури и да ги подобрат своите перформанси.

Како голем стратег и визионер, тој во 1996 г. го иницирал создавањето на нови фармацевтски погони, опремени со нови автоматизирани производни линии и со зголемен капацитет на производство. Во текот на истиот период била трасирана и соработката на „Алкалоид“ со Европската банка за реконструкција и развој, при што за првпат на македонска компанија ѝ бил одобрен заем без гаранција од државата.

Интензивирање на развојот, експанзија и развивање на „Алкалоид“ во водечка фармацевтска компанија во регионот се основните одлики на менаџерскиот мандат на Трајче Мукаетов. Неговиот придонес кон развојот и кон афирмацијата на „Алкалоид“ и дефинирањето на деловната стратегија и на долгорочната политика на компанијата продолжиле од позиција на Претседател на управниот одбор во текот на последната година од неговата кариера.

Неговата харизма, визионерството и огромните напори претставуваа голем придонес за македонската економија. За своите достигнувања, Трајче Мукаетов има добиено голем број признанија. Тој бил член на управни одбори на голем број еминентни организации во областа на здравството, фармацијата и на спортовите. Во 1993 г. ја добил наградата „Менаџер на деценијата на Република Македонија“, за периодот 1985-1995.

Неговата биографија несомнено била основната причина за доделување на звањето Генерален конзул на Кралството Данска во Македонија, чест и доверба што им се доверуваат само на исклучителни личности.

Во сферата на дипломатијата тој инвестирал огромни напори во интензивирањето на соработката меѓу Македонија и Кралството Данска. Неговите заслуги во оваа сфера биле наградени со медалот „Витез на редот на данското знаме“, кој го доделува кралицата Маргарета II од Данска за исклучителни достигнувања.

За вработените во „Алкалоид“ тој бил пример за пожртвуваност, делотворност, совесност и чесност, а ќе остане во сеќавањата како личност со висок степен на професионализам и на подготвеност за несебична поддршка за своите колеги и за сите вработени во „Алкалоид“.

Трајче Мукаетов искрено ги сакаше својата земја, „Алкалоид“ и своето семејство. Ни беше особено задоволство и огромна чест да бидеме негови соработници.

ѝ