Историски развој

Историски развој

Познато е дека првите производствени погони, од кои израснал „Алкалоид“, биле во приватна сопственост на семејството Огњановиќ. На почетокот, петнаесетина работници во два погона произведувале околу 350 кг фармацевтски суровини. Фабриката претставувала никулец на една нова стопанска гранка не само на овие простори туку и во поширокиот регион. Основна дејност било производството на алкалоиди од опиум, односно екстракцијата на морфин-база и нејзиното синтетизирање до кодеин.

Квалитетот на македонскиот афион, кој долго време во ова поднебје го има третманот на „црно злато“, несомнено е пресуден за отворање на овој преработувачки капацитет. По завршувањето на Втората светска војна, од особено историско значење за „Алкалоид“ е летото 1945 година. Со решение на Владата на тогашната ФНРЈ и на НРМ, на 22 јуни било извршено поопштествување на фабриката, која тогаш имала 17 работници, од кои само еден со високо образование. Оттогаш започнува континуираниот раст и развој на „Алкалоид“, еден од најстарите индустриски капацитети во Република Македонија и во тогашната југословенска заедница.

Поради специфичноста на производството, фабриката во првите повоени години имала третман на капацитет од особено значење и била под директна административно-оперативна надлежност на Главната управа на медицинското производство (ГУМПРО) од Белград.

Kaко значаен производствен капацитет за тогашната југословенска држава, на 31 октомври 1946 година „Алкалоид“ бил регистриран како државна фабрика за производство на алкалоиди. Со таквиот титулар останал сѐ до 1950 година кога надлежностите од сојузно ниво ги презела Генералната дирекција на хемиската индустрија на Македонија. Во овој период биле евидентирани првите чекори на „Алкалоид“ за зголемување на производството, за осовременување на технологијата, за проширување на производната дејност и за подобрување на квалификациската структура на вработените.

Веќе во 1947 година бројот на вработените бил двојно поголем и со 38 работници се постигнувало рекордно производство од 1.544 килограми алкалоиди. Периодот на првата петолетка, како што популарно се нарекувал првиот петгодишен план, се одликувал со квалитетни промени. Се подобриле условите за работа, се прошириле постојните капацитети и се изградиле нови, а бројот на вработените постојано растел. Во 1949 година се надминале дотогашните производствени планови, а со тоа и старите поими за производствените можности на претпријатието. Со 53 работници, „Алкалоид“ таа година реализирал 2.135 килограми алкалоиди, а остварените приходи биле за една третина поголеми од оние во 1947 година. Тоа не останало незабележано ниту дома ниту во пошироките рамки на тогашната заедничка држава и ваквите резултати му обезбедиле на „Алкалоид“ сојузно признание за најдобра фабрика во земјата.

Подемот на „Алкалоид“ продолжил и во периодот на таканареченото работничко самоуправување, што во фабриката било воведено на 29 август 1950 година. Со помали осцилации, претпријатието ја задржало динамиката на раст на производството, така што, по извршената реконструкција на капацитетите, производството на „Алкалоид“ било зголемено за осумпати.

Oваа декада по многу нешта претставува нова етапа во развојот на „Алкалоид“, пред сѐ, со воведувањето на новите производни дејности, како тенденција за заокружување на техничко-технолошкиот процес. За подемот на „Алкалоид“ од клучно значење е 1957 година кога бил пуштен во функција нов капацитет за производство на лекови - Галенскиот погон. Во него, врз база на алкалоидните суровини започнало производството на готови лекови во вид на таблети и на течности, а подоцна и на масти и на ампули, меѓу кои „Кодеин“, „Кафетин“, „Кодафен“ и „Носкапин“ - таблети и сируп. Новото производство барало забрзано подобрување на квалификациската структура на вработените - повеќе фармацевти, технолози, хемичари...

Сето тоа влијаело врз зголемувањето на учеството на Галенскиот погон во вкупното производство на „Алкалоид“, кое продолжувало континуирано да расте. Во првата година од отворањето, Галенскиот погон учествувал со седум проценти во остварените приходи, а само неколку години подоцна тој бил носител на 70 проценти од вкупните приходи на фабриката. Со отворањето на Галенскиот погон започнал нов период за македонската фармацевтска индустрија, која со „Алкалоид“ ги започнала пробивот и афирмацијата и надвор од границите на тогашната држава. Во развојот на „Алкалоид“ посебно поглавје претставува почетокот на деловно-техничката соработка со познати светски фармацевтски и хемиски корпорации, на што му претходеле обемни подготовки и анализи. Со тоа фабриката настојувала да фати чекор со забрзаниот од на современата фармацевтска и медицинска наука, како и со најновите технолошки достигнувања.

Првата деловно-техничка соработка била воспоставена во 1961 година со „Терапликс“ од Париз, Франција, а со прераснувањето на „Алкалоид“ во современа фармацевтско-хемиска индустрија, таквата соработка била трасирана и со реномираните „Фајзер“ од Њујорк, „Шеринг“ АГ од Берлин, „Специја“ од Париз, со лабораторија „Делагранж“ од Париз, „Хеми“ од Линц, „Солко“ АГ и „Хофман Ла Рош“ од Базел, „МеркШарпДом“ од САД и други. На почетокот, ваквата соработка се состоела од преземање лиценци, а подоцна се надградувала и се преминувало кон доработка и кон производство на супстанции наменети за создавање на специфични фармацевтски производи. Со тоа се збогатувал асортиманот на „Алкалоид“ со нови препарати за голем број области од медицината, а многу од нив претставуваат врвни достигнувања во фармакотерапијата.

Bо мај 1966 година кон „Алкалоид“ се интегрирало претпријатието за откуп на лековити билки „Билка“ од Скопје. Како една целина се обединиле три основни дејности: производство на алкалоиди, на готови лекови и на билки. „Алкалоид“ прераснал во вистинска индустрија каде што производството започнувало со обезбедување сопствена суровинска база, а завршувало со финален производ. Друг значаен момент во овој период биле изградбата и пуштањето во функција на новиот погон за екстракција на афион во 1968 година. Со тоа се вовела нова технологија за водна екстракција на незасечени афионови чушки. На тој начин се поедноставил дотогашниот процес и, што е многу важно, се овозможило екстрахирање на двојно поголемо количество морфин-база. Зголемените производствени капацитети за екстракција барале поголеми количества афионови суровини, што наметнувало и долгорочно планирање на афионовото производство и потреба од обезбедување сопствена суровинска база. Овие зафати уште посилно ги зацврстиле позициите на „Алкалоид“ и неговите економски карактеристики.

За само три години, од 1968 до 1971 година, остварените резултати на „Алкалоид“ се зголемиле четирикратно. Порастот на производството бил проследен и со зголемување на бројот на вработените и со промена на квалификациската структура. Во 1969 година, тогашната работна организација броела 515 вработени, а по две години овој број се зголемил на 671, од кои 120 биле со високо образование. Биле во согласност со развојната стратегија, „Алкалоид“ во овој период издвојувал значајни финансиски средства во инвестициските и во другите развојни фондови, при што водел сметка и за стандардот на вработените. Визијата за создавање модерна фармацевтска индустрија започнала да се остварува во 1972 година со новата фабрика за готови лекови.

Современ капацитет, со работна површина од 7.000 квадратни метри, во кој се сместени сите галенски одделенија и кој претставува заокружена техничко-технолошка производствена целина. Процесот на модернизација и на унапредување на производството продолжил со докомплетирањето на алкалоидното производство, преку воведување нови, најсовремени уреди за екстракција на афионот и за проширување на производната програма на готови лекови. Технолошкиот процес се модернизирал и во билкарството, што резултирало со зголемување на асортиманот и на квалитетот на чаевите и на сушените производи. Во 1972 година „Алкалоид“ започнал производство на ветеринарни препарати, а влегол и во секторот на козметичката индустрија.

Следејќи ги интеграциските движења, во насока на поекономично и на порентабилно работење, во 1973 година се реализирала интеграцијата со фабриката за производство на хемикалии и на фотоматеријали „Лафома“ и со фабриката за сапуни и козметика „Цветан Димов“.

Во средината на седумдесеттите, години во „Алкалоид“ започнал инвестициски циклус, чија основна цел е реконструкција на тесните грла во повеќе погони на компaнијата, која веќе била со регионално значење. Во 1979 година била пуштена во употреба фабриката за преработка на лековити билки, а во овој период започнало и производството на рентген филмови, на графички филмови, како и на други фотоматеријали.

Во текот на 1978 година во „Алкалоид“ се интегрирала и фабриката за бои и лакови „Пролетер“. Во оваа декада започнала и подготовката за изградба на фабриката за козметика и за сапуни, како и за некои други помали инвестициски зафати. Ваквиот раст и развој го позиционирал „Алкалоид“ меѓу петте најголеми компании од овој вид во тогашната југословенска заедница. „Алкалоид“ веќе броел над 2.800 работници, од кои 560 биле со високо образование. Податокот дека во периодот 1974 – 1979  година вредноста на вкупниот производ на „Алкалоид“ продолжувала да расте несомнено го илустрира подемот на компанијата, која во своето 40-годишно постоење прераснала во исклучително значаен субјект на македонското стопанство.

За да се оди во чекор со техничко-технолошките достигнувања, пред сѐ во областа на медицинската наука и на фармацијата, кон крајот на седумдесеттите години била извршена целосна реконструкција на Таблетното одделение, започнало осовременувањето на Одделението за ампули и за конфекционирање и се изготвувале плановите за новата фабрика за ветеринарни производи. Се проширил асортиманот на готови лекови и се продлабочила деловно-техничката соработка со најпознатите светски фармацевтски компании. На тогашниот југословенски пазар, „Алкалоид“ пласирал широк асортиман производи од препаративната и од декоративната козметика, меѓу кои посебно се истакнувале колекциите „Becutan“ и „Black up“, како и палетата што е резултат на соработката со реномираните „Алберто Калвер“ од САД и со германскиот бренд „Шерк“.

Во рамките на „Алкалоид“ успешно работел и Центарот за медицинска козметологија. Во производството на хемикалии била воспоставена долгорочна производно-техничка соработка со „Мерк“ од Дармштад за заеднички настап на југословенскиот пазар и на странските пазари. Долгогодишните стручни и деловни контакти со англиската фирма „Адмел“ од Вејбриџ, придонеле за проширување на асортиманот во сегментот на дијазо и фотоматеријали, а во соработка со јапонската корпорација „Фуџи“ со работа започнала новоизградената фабрика за производство на рентген-филмови. Подем има и во областа на билкарството каде што зад производството и зад примената на лековитите растенија застанала науката. Bо таа функција биле и специјализираните билни аптеки што се отвориле во Скопје и во Белград. Напоредно со развојот, „Алкалоид“ постојано посветувал големо внимание и на унапредувањето на работната и на животната средина и на стандардот на вработените.

Успешната приказна на „Алкалоид“ во овој период ја обележале подготовките и почетокот на најкрупниот инвестициски циклус во историјата на компанијата, како и нејзината сопственичка трансформација во рамките на системските реформи во државата. Во оваа декада, „Алкалоид“ успешно го пребродбил транзицискиот период, во кој севкупниот економски амбиент во државата се трансформирал, кога се случуиле значајни промени во македонското стопанство и кога дополнитилен удар предизвикале случувањата во регионот поврзани со распаѓањето на поранешната југословенска држава.

Приватизацијата на „Алкалоид“ била извршена во согласност со важечките модели на тогашниот Закон за трансформација на претпријатијата со општествен капитал. Во 1990 година, компанијата била регистрирана како акциoнерско друштво со мешовита сопственост. Во 1995 година била донесена одлука за трансформација на претпријатието во друштво со приватна сопственост, додека, пак, во 1998 година, „Алкалоид“ бил регистриран како акционерско друштво со приватна сопственост. И покрај радикалните промени во сопственичката структура на компаниите во приватизацискиот период, „Алкалоид“ останала една од ретките компании во државата која успеала да го задржи позитивниот тренд на раст и развој, па дури и да ги подобри своите перформанси во работењето.

Процесот на приватизација бил воден од неколку приоритети, од кои доминантни се: постигнување одлични резултати со паралелно мотивирање на вработените, константна профитабилност, инвестиции во модернизацијата, одржување на единството на компанијата, редовна исплата на дивиденди на сите акционери и водење постојана грижа за вработените. Менаџерскиот тим на „Алкалоид“ во oвој период ја зацврстил определбата за интензивирање на развојот преку јасниот концепт - за инвестиции во објекти и за техничко-технолошко осовременување на производството. И покрај релативно лимитираната акумулативност во тоа време, веќе во 1986 година бил направен првиот потег во оваа насока, кога била купена новата опрема во Одделението за ампули.

„Алкалоид“ ги зголемил производството и асортиманот, а сѐ понагласената извозна ориентација на компанијата резултирала со пробив на странските пазари. Кон крајот на оваа декада биле склучени исклучително значајни извозни аранжмани, во чии рамки „Алкалоид“ прв на овие простори воспоставил нов вид на деловна соработка со меѓународно етаблирани фармацевтски куќи. Со цел да се реализираат извозните обврски, „Алкалоид“ склучил договори за соработка со реномирани европски компании. Ваквата соработка резултирала со реализирање на извоз што неколкукратно ги надминувал тогашните максимални производствени капацитети на „Алкалоид“. Палета на повеќе производи од асортиманот на „Алкалоид“ под препознатливиот македонски бренд излегла од производните линии на швајцарски „Солко“ и на француски „Делагранж“.

Остварените резултати му овозможиле на „Алкалоид“ добра кондиција за реализирање на амбициозните развојни планови на менаџерскиот тим. Инвестициите се насочиле кон купување современа опрема, и кон јакнење на машинскиот парк, а изградбата на нова фабрика за лекови била зацртана како единствена вистинска перспектива за компанијата. Паралелно продолжува и модернизацијата односно развојот и на делот за козметика, а крупен инвестициски зафат од околу 400.000 евра е реализиран и во фабриката за органски и за неоргански хемикалии, како и во Премази. Начелото дека за сѐ попребирливите светски пазари инвестирањето не е избор, туку неопходност, и натаму останало цврста определба во деловната агенда на „Алкалоид“.

Стратешки, „Алкалоид“ го реализирал најзначајниот потег - трансфер на современ маркетиншки систем, извозно ориентиран, со отворање сестрински компании надвор од границите на државата. Ваквата мрежа континуирано се проширува на нови пазари.

Bo 1996 година „Алкалоид“ го започнал најкрупниот инвестициски циклус. Прв чекор во развојната стратегија на компанијата бил почетокот на изградбата на новата фабрика за цврсти таблетни форми, со површина од околу 12.000 квадратни метри. Квалитативно, нов значаен потег на „Алкалоид“ во овој период била соработката со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ). Договорите со овие меѓународни финансиски институции, потпишани во 1999 година, претставувале основа за нов вид повеќеслојна соработка. Преку нив „Алкалоид“, од една страна, обезбедил финансиска поддршка од околу 17,4 милиони евра, и тоа не како класичен кредит, туку во форма на конвертибилен заем, кој во секој момент ЕБРД и ИФЦ можеле да го трансферираат во акционерски капитал во компанијата.

Од друга страна, преку ваквиот вид соработка, која што за првпат се реализирала во Македонија, „Алкалоид“ ги имплементира најсовремените принципи на корпоративното управување. Во носечката дејност на „Алкалоид“, секторот Фармација, започнала имплементација на строгите норми за Добра производствена пракса, т.н. GMP-стандарди. Претходно, во делот на билкарство лекови, биле воведени највисоките тогашни ISO--стандарди, кои подоцна биле инсталирани и во сите други капацитети на „Алкалоид“, со постојано надградување. Сето ова создало услови носечкиот македонски фармацевтски бренд да фати чекор со светски признатите производители на лекови. Во 1999 година се комплетирал новиот магацин за готови лекови, со современ дистрибутивен центар, а во април 2000 година бил предаден во употреба најсовремен магацин за суровини и за амбалажа.

Под мотото „Пробив на светскиот пазар“, инвестирањето се интензивирало во 2002 година со почетокот на новата фабрика за цврсти дозни форми и на фабриката за полусинтетски цефалоспорини, единствена во регионот во која целосно биле воведени GMP-стандардите. Заради поефикасно и поквалитетно производство, „Алкалоид“ изградил и опремил најсовремен Оддел за пакување лекови, во вредност од 4,5 милиони евра, со две нови линии: за пакување на цврсти форми (таблети, дражеи и капсули), со капацитет од 200.000 пакувања во минута, и за ампули, со капацитет од 30.000 ампули во минута. Со цел да се обезбеди повисок степен на автоматизација на производството, по 600.000 евра се вложуваат во новата линија за дозирање и за пакување на раствори за орална употреба и во осовременување и во адаптација на просторот за чување на полупроизводи.

Во 2004 година бил дислоциран најстариот погон на „Алкалоид“ од локалитетот во Автокоманда во новиот капацитет во Ѓорче Петров, каде што со повисоки стандарди и со пософистицирана опрема се обезбедувал и повисок квалитет на производството. Генералната определба на менаџерскиот тим за континуирано инвестирање, како услов за опстојување на светскиот пазар, останала, но со новата агенда вложувањата се насочиле главно кон опремата и кон технологиите. Нова, целосно автоматизирана опрема, со многу поголем капацитет и перформанси, била инсталирана во секторот Билкарство, а вакво осовременување било воведено и во секторот Козметика. Во 2000 година „Алкалоид – Фармација“ станал член на Европската генеричка асоцијација на производители на лекови. Во функција на врвниот квалитет на финалниот производ, значајни инвестициски фондови биле алоцирани и во процесот на контрола и на обезбедување на квалитетот на лековите - во најсовремена микробиолошка лабораторија вредна 1, 2 милиони евра и уште 500.000 евра во новата хемиска лабораторија.

Со заокружувањето на инвестицискиот циклус, било обезбедено целокупниот производствен процес, од влезот на суровината во фабриката до излезот на финалниот производ, да се одвива во согласност со највисоките европски стандарди за производство на лекови. Тоа е верификувано и од страна на неколку инспекциски служби од земјите на ЕУ, како и од американската мултинационална компанија „Фајзер“, за која веќе со децении „Алкалоид“ е партнер од избор. Во 2002 година „Алкалоид“ ја продал првата лиценца за лекот „Кафетин“ на рускиот пазар, деловен успех со кој ретко кој македонски производител може да се пофали. Гордост на компанијата е и патентирањето на препаратот „Новаморф“ во САД во 2003 година. Соработката со босанската фармацевтска куќа „Фармавита“ била трасирана во 2005 година, а со неа биле опфатени неколку препознатливи лекови од асортиманот на „Алкалоид“. Производната палета на „Алкалоид“ се пласира во пазарите на 29 земји, а компанијата со свои подружници ги покрива Руската Федерација, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија и Албанија. Со отворањето подружница во САД, во февруари годинава, започнува планот за пробив на еден од најпробирливите светски пазари.

На странските пазари, според последните податоци, „Алкалоид“ пласира над 70 отсто од производството, факт што ја потврдува извозната ориентација како доминантна определба на компанијата. „Алкалоид“ во меѓувреме станува препознатлив и со новиот проактивен маркетиншки концепт и со корпоративниот европски имиџ. Меѓу приоритетите остануваат грижата за вработените, акционерите, животната средина, за деловните партнери, здравствениот систем и, пред сѐ, здравјето на луѓето.

Реализираните инвестиции, промените и зголемениот обем на работа, особено во последните неколку години, ја наметнуваат потребата од надградба на постојниот и инсталирање на модерен информативен систем и интеграција и консолидација на севкупната софтверска мрежа.

Во пресрет на 70-годишниот јубилеј, почнува имплементацијата на SAP, податочен софтверски систем, вреден над два милиони евра, кој со своите модули целосно ги интегрира сите деловни сегменти на компанијата. Со тоа „Алкалоид“ останува лидер и во оваа област со оглед на тоа што тоа е првиот матичен SAP што една компанија го инсталира во земјата. Од ноември 2002 година компанијата котира на официјалниот пазар на македонската Берза на долгорочни хартии од вредност. „Алкалоид“ прв во Македонија го отвора и го потврдува својот легитимитет пред јавноста и транспарентно ги прикажува билансите и финансиското работење пред сите потенцијални инвеститори. „Алкалоид“ е избран за најтранспарентна компанија што котира на Берзата за 2003 година, додека неговата акција е најликвидна и најтргувана на македонскиот Пазар на долгорочни хартии од вредност.

Во последните 20 години, „Алкалоид“ во своето осовременување вложил помеѓу 70 и 80 милиони евра, а паралелно со воведувањето нови технологии се менувала и структурата на вработените во полза на високостручните кадри. „Алкалоид“ во својата визија останува на определбата дека најголемата инвестиција за една компанија е во човекот и во неговата едукација за управување со нови технологии, што несомнено е важно за развојот и за битисувањето на компанијата, чија успешна приказна продолжува со нови предизвици.