Истражување и развој

Истражување и развој

Институт за развој и контрола на квалитет

Својата определба за производство на квалитетни, безбедни и на ефикасни лекови и својата посветеност на перманентниот развој, „Алкалоид“ АД Скопје ги потврди и со отворањето на Институтот за развој и контрола на квалитет. Оваа уникатна, високософистицирана, технолошко-аналитичка единица е прва од ваков вид во земјава, а само една година од поставувањето на камен-темелникот, со пригодна свеченост, официјално, беше предадена во употреба на 11 март 2009 година.

Во присуство на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, министерот за здравство д-р Бујар Османи и голем број гости, деловни партнери и вработени, Институтот свечено го отворија Претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски и Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, г. Живко Мукаетов.

Институтот располага со 1.540 квадратни метри корисна површина. Опремен е со најсовремена лабораториска и пилот-производствена опрема, која ќе овозможи да се развиваат нови, модерни форми на генерички лекови во кои ќе бидат имплементирани најновите научни сознанија од областа на фармацијата.

Во Институтот за развој и контрола на квалитет се инвестирани повеќе од осум милиони евра, а финансиската конструкција, во најголем процент, е обезбедена со сопствени средства на „Алкалоид“ АД, а дел преку наменски кредитни линии.

Формирањето на Институтот претставува додадена вредност на лековите од аспект на развој и на воведување нови технологии и методи, одржување на квалитетот, постојано подобрување и на задоволување на најстрогите референтни барања на европските и на американските регулаторни органи.

Оваа нова технолошко-аналитичка единица е поддржана со современа лабораториска и пилот-производствена опрема од реномирани американски, англиски, германски и од јапонски производители, а имплементирани се најсовремени инструментални техники и технологии. Просторот во кој се одвива технолошкиот развој е изведен и докажан во класа на чистота ИСО 8. Во согласност со планот за кадровска екипираност, во Институтот работат 80 високоспецијализирани и обучени извршители.

Во Институтот се изведуваат активности што го следат процесот на развој на генерички лекови и нивно воведување во индустриското производство, активности за постојано следење на квалитетот на лековите на пазарот, како и активности што произлегуваат од законската обврска за следење на стабилноста на лековите до истекот на рокот на траење. На овој начин се обезбедува не само одговор на сѐ построгите барања од регулаторните органи туку и развивање производи во кои ќе бидат имплементирани најновите сознанија од полето на фармацијата.