# АЛКАЛОИД – резултати од работењето за периодот јануари – март 2025 година

> АЛКАЛОИД со консолидирани продажби од 84,5 милиони евра, извоз од 57,4 милион евра и со инвестиции од 4,2 милиони евра во периодот јануари – март 2025 г.

Source: https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-rezultati-od-rabotenjeto-za-periodot-januari-mart-2025-godina

30 апр 2025

**АЛКАЛОИД со консолидирани продажби од 84,5 милиони евра, извоз од 57,4 милион евра и со инвестиции од 4,2 милиони евра во периодот јануари – март 2025 г.**

**Приходи од продажби**

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2025 година продажбите достигнуваат 3.458.394.494 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.201.163.839 денари, што е за 6 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

**Продажби според региони**

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 24 % во споредба со првите три месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 25 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 23 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 19 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби. Продажбите на странските пазари во првиот квартал од 2025 година се во согласност со предвидената динамика и бележат раст од 8 % во однос на планот. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени на Јужна Африка, кои се зголемени 3,8-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 3,7-пати, во Португалија, каде што се зголемени 2,3-пати, како и во Австрија, каде што продажбите се удвоени. Потоа следуваат оние во Грција (раст од 40%), Финска (раст од 39%), Ерменија (раст од 29 %), во Украина (раст од 13 %), Босна и Херцеговина (раст од 12 %), Саудиска Арабија (раст од 10 %), во Словенија (раст од 9 %), Србија (раст од 6 %), Хрватска (раст од 5 %) итн.

**Продажби според групи производи**

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот _фармација,_ и тоа 92 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 29 %, препаратите ОТЦ со 16 %, кардиолошките препарати со 12 %, невролошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот _хемија, козметика и билкарство_ учествува со 8 % во вкупните консолидирани продажби, поточно _хемија_ учествува со 2 %, _козметика_ со 5 %, а _билкарство_ учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот _фармација_, додека во Сегментот _хемија, козметика и билкарство_  бележат намалување во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот _фармација_ бележи раст од 7 %, _хемија_ намалување од 3 %, _козметика_ пад од 11 %, а _билкарство_ намалување од 13 %. Намалувањето на продажбите во сегментите _козметика_ и _билкарство_ во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија и во Црна Гора.

**Инвестиции**

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2025 година изнесуваат 256.658 илјади денари.

**Резултати од работењето**

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 744.810.347 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 407.432.285 денари и е зголемена за 4 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 928.314.407 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 491.703.111 денари е зголемена за 3 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

**Вработени**

Во периодот јануари – март 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 13 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.046 вработени, од кои 2.288 се во земјава, а 758 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

**Податоци за акциите**

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2025 година се движеше од 26.800,00 до 31.099,00 денари или просечно 28.966,38 денари за една акција. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.03.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.188 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 39,4 милијарди денари.

На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.

**Бизнис-план за 2025 година**

Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.

Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

**Очекувања за претстојниот период**

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

29 окт 2026[АЛКАЛОИД – резултати од работењето за периодот јануари – септември 2026 година](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-rezultati-od-rabotenjeto-za-periodot-januari-septemvri-2026-godina)

* * *

28 окт 2026[„АЛКАЛОИД“ Е ПРВАТА ДОМАШНА КОМПАНИЈА ДОБИТНИК НА ПРЕСТИЖНИОТ МЕЃУНАРОДЕН СЕРТИФИКАТ TOP EMPLOYER 2026](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-dobitnik-na-nagrada-top-employer-2026)

* * *

8 окт 2026[„АЛКАЛОИД“ СО 23. УЧЕСТВО НА ВОДЕЧКИОТ ГЛОБАЛЕН ФАРМАЦЕВТСКИ НАСТАН CPHI](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-so-23-u-ch-estvo-na-vode-ch-kiot-globalen-farma-cz-evtski-nastan-cphi)

* * *

22 сеп 2026[МУКАЕТОВ НА 25. КОНФЕРЕНЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА: МАЛ ПАЗАР, ГОЛЕМА МОЖНОСТ](https://alkaloid.com.mk/mk/mukaetov-na-25-konferencija-na-makedonskata-berza)

* * *

21 сеп 2026[ОД ВРВОТ НА ФАБРИЧКИОТ ОЏАК ДО УМЕТНИЧКА ИНСТАЛАЦИЈА: ПРИКАЗНАТА ЗА ИСТОРИСКИОТ ЗНАК НА „АЛКАЛОИД“](https://alkaloid.com.mk/mk/od-vrvot-na-fabri-ch-kiot-o-ak-do-umetni-ch-ka-instala-cz-i-a-prikaznata-za-istoriskiot-znak-na-alkaloid)

* * *