# Piknik 2024 - Alkaloid

> Почитувани колешки и колеги, Водени од начелата за општествена одговорност, грижа и солидарност, кои се длабоко втемелени во корпоративната култура на…

Source: https://alkaloid.com.mk/mk/piknik-2024-mk

20 сеп 2024

  

Почитувани колешки и колеги,

Водени од начелата за општествена одговорност, грижа и солидарност, кои се длабоко втемелени во корпоративната култура на АЛКАЛОИД, оваа година, на заедничко огромно задоволство, ја продолжуваме долгогодишната традиција на одржување хуманитарен пикник на нашето алкалоидово семејство: нашите вработени, членовите на нивните семејства и/или нивните пријатели.

  

Хуманитарниот пикник ќе се одржи на 29 септември 2024 година (недела) од 11:00 до 15:00 часот во комплексот „Бест вестерн – хотел БЕЛВИ“ Скопје.

  

Едни од главните приоритети на АЛКАЛОИД се здравјето пред сѐ и постојаната грижа за луѓето, а најголем фокус е поставен на грижата за децата и за најмладите. Секое дете има право на грижа и љубов, топол дом, сигурност и поддршка и на правилен раст и развој бидејќи децата се нашата иднина. 

  

Водени од овие начела, особено водејќи сметка за децата од социјално ранливите категории, средствата собрани од овогодишниот хуманитарен пикник ќе ѝ бидат донирани на oрганизацијата СОС Детско село и ќе бидат наменети за финансиско олеснување при функционирањето и при одржувањето на тековните трошоци, за континуирана едукативна поддршка на децата и за помош во процесот на професионално советување и третман на работниот тим за совладување на развојните предизвици со децата во СОС-семејствата, овозможувајќи стабилност и развој.

  

За донација од минимум 400 денари ќе добиете наменски брендирана маичка, која ќе претставува дрес-код и влезница за настанот. Како и секоја година, акцијата ќе се спроведе под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, чиј основач е АЛКАЛОИД АД Скопје. 

  

Вашите донации за оваа цел, како и преземањето на маичките можете да ги извршите почнувајќи од 23, па сѐ до 27 септември 2024 година (понеделник до петок) во периодот од 7:30 до 15:30 часот на влезот од објектот М, ресторан за исхрана на вработените во Автокоманда, кај Наташа Вучидолова. 

  

Водени од една главна и позитивна мисла – да им помогнеме на децата и на младите без родителска грижа – давајќи безрезервна поддршка преку хуман гест и присуство, да бидеме најдобриот пример за поттик и за промени во заедницата, сѐ со цел постојана поддршка на овие деца, оставајќи позитивен мотив за сите други во општеството. 

Со почит,

АЛКАЛОИД АД Скопјe

2 ное 2026[Претставници на Амбасадата на САД во официјална работна посета на „Алкалоид“](https://alkaloid.com.mk/mk/pretstavnici-na-ambasadata-na-sad-vo-oficijalna-poseta-na-alkaloid)

* * *

29 окт 2026[АЛКАЛОИД – резултати од работењето за периодот јануари – септември 2026 година](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-rezultati-od-rabotenjeto-za-periodot-januari-septemvri-2026-godina)

* * *

28 окт 2026[„АЛКАЛОИД“ Е ПРВАТА ДОМАШНА КОМПАНИЈА ДОБИТНИК НА ПРЕСТИЖНИОТ МЕЃУНАРОДЕН СЕРТИФИКАТ TOP EMPLOYER 2026](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-dobitnik-na-nagrada-top-employer-2026)

* * *

8 окт 2026[„АЛКАЛОИД“ СО 23. УЧЕСТВО НА ВОДЕЧКИОТ ГЛОБАЛЕН ФАРМАЦЕВТСКИ НАСТАН CPHI](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-so-23-u-ch-estvo-na-vode-ch-kiot-globalen-farma-cz-evtski-nastan-cphi)

* * *

22 сеп 2026[МУКАЕТОВ НА 25. КОНФЕРЕНЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА: МАЛ ПАЗАР, ГОЛЕМА МОЖНОСТ](https://alkaloid.com.mk/mk/mukaetov-na-25-konferencija-na-makedonskata-berza)

* * *