# Висока делегација на САД во работна посета на „Алкалоид“

> Делегација предводена од американската DFC ја посети „Алкалоид“, потврдувајќи над 60 години соработка со американски компании.

Source: https://alkaloid.com.mk/mk/visoka-delegacija-na-sad-vo-rabotna-poseta-na-alkaloid

4 мај 2026

Како дел од пошироката регионална агенда на Владата на САД, насочена кон поттикнување на инвестициите и кон стратешко поврзување на американскиот капитал со водечките компании од Западен Балкан, висока делегација составена од претставници на Владата на САД, партнерски организации и од институции оствари работна посета на „Алкалоид“ АД во Скопје.

Ентони Рандацо, Извршен директор во Канцеларијата за здравство и агробизнис при Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), придружуван од претставници на Амбасадата на САД во Скопје ‒ Барнабас Беркеланд, Економски офицер, Шеф на економскиот оддел, и Розита Мреношки, политичко-економска асистентка ‒ како и од Јелена Арсовска, Извршна директорка на Американската стопанска комора во РСМ, ги обиколи производствените капацитети на компанијата, Институтот за истражување и развој и Музејот на „Алкалоид“ во рамки на работната посета на „Алкалоид“ АД Скопје.

Домаќин на делегацијата беше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој истакна дека компанијата повеќе од шест децении гради успешна соработка со водечки американски фармацевтски компании, а од почетокот на 2000-тите години развива партнерства со американски мултинационални брендови, како __Aveda, Arbonne International__ и __Swanson__, снабдувајќи ги со премиум билни производи. 

„Посетата на делегацијата од САД претставува значајна потврда за квалитетот и за конкурентноста на ‘Алкалоид’, како и за нашата долгорочна ориентација кон нови деловни релации. Тековната соработка со водечките американски компании во фармацевтскиот сектор, како __Medtronic, MSD__ и други, како и со мултинационални брендови од САД во сегментот билкарство, е од особена важност за ‘Алкалоид’ со оглед на фактот дека станува збор за исклучително голем и конкурентен пазар, којшто се одликува со строго регулирани правила и со високи стандарди во поглед на квалитетот и на целосната усогласеност со регулаторните барања“ – нагласи Мукаетов.  

Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (U.S. International Development Finance Corporation/DFC) е развојна финансиска институција на Владата на САД со капацитет за заеми од 205 милијарди долари и со портфолио од над 40 милијарди долари во повеќе од 100 пазари во развој, вклучително и со 8,4 милијарди долари активна изложеност во Европа и во Централна Азија. Институцијата нуди финансиски инструменти, како долгорочни заеми и гаранции, сопственички вложувања и осигурување од политички ризици, со фокус на сектори како критични минерали, модерна инфраструктура, енергија, здравствени услуги и технологија, безбедност на храна и агробизнис. 

Ентони Рандацо e Извршен директор за импакт-финансии при Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), директно задолжен за секторите здравство и агробизнис, со фокус на зајакнување на здравствените системи и на развој на одржливо земјоделство.

Посетата е дел од пошироката регионална агенда на Владата на САД насочена кон поттикнување на инвестициите и кон стратешко поврзување на американскиот капитал со водечките компании од Западен Балкан.

Живко Мукаетов е член на Одборот на директори на македонската подружница на Американската стопанска комора од ноември 2023 година, каде што, во рамки на својот втор мандат, ја извршува функцијата прв потпретседател.

4 ное 2026[Alkaloid launches modern high-rack warehouse in Gjorche Petrov (EN only)](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-launches-modern-high-rack-warehouse-in-gjorche-petrov-mk)

* * *

29 окт 2026[АЛКАЛОИД – резултати од работењето за периодот јануари – септември 2026 година](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-rezultati-od-rabotenjeto-za-periodot-januari-septemvri-2026-godina)

* * *

28 окт 2026[„АЛКАЛОИД“ Е ПРВАТА ДОМАШНА КОМПАНИЈА ДОБИТНИК НА ПРЕСТИЖНИОТ МЕЃУНАРОДЕН СЕРТИФИКАТ TOP EMPLOYER 2026](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-dobitnik-na-nagrada-top-employer-2026)

* * *

8 окт 2026[„АЛКАЛОИД“ СО 23. УЧЕСТВО НА ВОДЕЧКИОТ ГЛОБАЛЕН ФАРМАЦЕВТСКИ НАСТАН CPHI](https://alkaloid.com.mk/mk/alkaloid-so-23-u-ch-estvo-na-vode-ch-kiot-globalen-farma-cz-evtski-nastan-cphi)

* * *

22 сеп 2026[МУКАЕТОВ НА 25. КОНФЕРЕНЦИЈА НА МАКЕДОНСКАТА БЕРЗА: МАЛ ПАЗАР, ГОЛЕМА МОЖНОСТ](https://alkaloid.com.mk/mk/mukaetov-na-25-konferencija-na-makedonskata-berza)

* * *