Билкарство со нов сертификат

02.12.2010

Алкалоид АД - Скопје се стекна со сертификат „Fair Wild Standard Version 2” (08/2010) за чаевите од програмата Билкарство.

Сертификат за чаевите на Алкалоид АД

Инспектирањето го изврши IМO - Institute for Мarketecology од Швајцарија, единственото инспекциско тело овластено за овој вид на сертификација.

„Fair Wild” сертификатот потврдува дека производите од групата чаеви се во согласност со барањата на принципите на фер тргување (Fair Trade), Интернационалните стандарди за работа (ILO - International labour standards) и Интернационалните стандарди за одржливо собирање на диворастечките медицински и ароматични растенија (ISSC - MAP - International Standards for Sustainable Wild collection of medicinal and aromatic plants) кои се гаранција за безбедност, квалитет и ефикасност на произведените чаеви.

„Fair Wild” сертифицираните производи го потврдуваат фер односот помеѓу билкособирачите и компанијата - корисник на собраните диворастечки билки. Овој стандард воедно гарантира и подобри работни услови како на билкособирачите така и на вработените во Алкалоид АД, вклучени во процесот на производство на „Fair Wild” сертифицираните производи. Интегрален и особено значаен аспект на „Fair Wild” стандардот е управувањето со природните ресурси и одржливото користење на  лековитите и ароматични растенија.

Со ова, Алкалоид АД - Скопје се вброи во групата на малкуте компании во светот сертифицирани според принципите на новиот стандард „Fair Wild” верзија 2 (08/2010) и се стекна со можност за пласман на своите производи од групата чаеви заштитени со логото „Fair Wild” на сите светски пазари.