Награда за Европски придонес

25.05.2010

Награда за Европски придонес за 2009 година за Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД - Скопје

Наградата за Европски придонес за 2009 година за посебни заслуги за
промовирање на Република Македонија, нејзината економија и култура во Европа,
како и за промовирање на eвропските идеи и вредности, Европското движење на
Република Македонија му ја додели на господинот Живко Мукаетов, генерален
директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.

Наградата на г. Мукаетов му беше врачаена на свечената Академија што во
рамките на одбележувањето на 9. мај, денот на Европа и 60 - годишнината од
Шумановата декларација, се одржа во Скопје на која, покрај членовите на
Европското движење, присуствуваа евроамбсадорот г-дин Ерван Фуере,
вицепремиерот задолжен за европски прашања г. Васко Наумовски,
претставници на дипломатскиот кор, како и други гости и подржувачи на
европската идеја и европските вредности.
Наградата за Европски придонес за првпат ја добива човек од економијата,
бизнисмен кој води една од најуспешните македонски компании, етаблиран и
потврден бренд не само во регионот, туку и пошироко. Како прв човек на
Алаклоид АД, кој е присутен и на пазарите на ЕУ и САД, г. Мукаетов , како што
беше истакнато, несомнено ја промовира Република Македонија, нејзината
економија и култура, покажува дека Македонија има успешни луѓе, успешни
компании кои можат да се носат со предизвиците на глобалната економија, можат
да продолжат на патот на успехот и во услови на криза.
Досега наградата за Европски придонес ја имаат добиено Тоше Проевски, Борис
Трајанов, Влатко Стафановски и маестро Симон Трпчевски.

"Наградата претставува исклучителна чест не само за мене и за моите најблиски,
туку и за вработените во Акалоид АД, компанија која е веќе во Европа", истакна
г. Мукаетов, заблагодарувајќи се на добиеното признание. Тој го потенцира
значењето што ваква награда ја добива човек од економијата и изрази надеж дека
во иднина ќе има повеќе луѓе од стопанството кои ги практикуваат европските
вредности во работењето на патот кон Европа, во Европа во која 9. мај и
Македонија ќе го прославува како свој ден.