Признанија за општествена одговорност

28.10.2010

Признанија за општествена одговорност за Алкалоид АД - Скопје

Концептот на општествена одговорност, кој е  составен дел на бизнис - стратегиите и дејствувањето на Алкалоид АД - Скопје во сите сегменти од работењето,  е потврден и со национални награди и признанија за најдобри општествени практики, што во рамките на проектот: „Општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија”,  го спроведува Министерството за економија во соработка со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Здружението „Конект".

Координативното тело за општествена одговорност на претпријатијата,  на  Алаклоид АД - Скопје му ја додели Националната награда за етичко управување за 2009 година, за проектот: „Код на  етичко и бизнис однесување",  а со признанија беа верифицирани и проектот „Менаџмент со човечки ресурси 2009 - 2011” во категоријата - Однос со вработените, како  и за проектот „Политика за општествена одговорност на Алкалоид АД - Симбиоза за поздрав живот и иднина” во категоријата вложување во заедницата.

Целта на наградата, која се доделува трета година по ред, е да ги промовира позитивните практики на општествено одговорно дејствување на претпријатијата во Македонија и да инспирира воведување и понатамошно унапредување на нивната општествената одговорност.

Министерот за економија Фатмир Бесими, кој присуствуваше на свеченото доделување на наградите, изрази задоволство што општествената одговорност сè повеќе станува составен дел на деловната политика на македонските компании, истакнувајќи дека „со прифаќањето на овој концепт, компаниите директно ја подобруваат сопствената конкуретност во глобалната економија, со зголемување на додадената вредност на нивните производи и услуги, подобрување на угледот и имиџот на претпријатијата, подобрување на односите со добавувачите, потрошувачите и со потенцијалните инвеститори, високата мотивираност и лојалност кон вработените и долгорочниот успех во бизнисот”.

Оваа година, Наградата, како дел од проектот „Општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија”,  е  кофинансирана од Европската унија,  во рамките на Рамковната програма за конкурентност и иновации ( CIP) 2007-2013 и со неa, според министерот Бесими,  се верифицираат успешни примери во примената на концептот на општествената одговорност на претпријатијата во Република Македонија, со кој компаниите, во нивните деловни активности и во нивната интеракција со заинтересираните страни, на доброволна основа, ги интегрираат социјалните грижи и грижата за заштита на околината.