40 НОВИ СТИПЕНДИСТИ НА ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“

28.10.2011

40 НОВИ СТИПЕНДИСТИ НА ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“

Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“, на 28 октомври 2011 година, додели 40 нови стипендии за студентите на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, за учебната 2010/2011 година: 20 стипендии за студенти по фармација и 20 стипендии за студенти по медицина. Стипендијата изнесува 6500 денари во текот на 12 месеци.

Согласно со определбите за поддршка на млади и амбициозни кадри, кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“, на првенците на генерацијата на Медицинскиот и на Фармацевтскиот факултет, доделува и еднократна парична награда во висина од 1000 евра во денарска противвредност.

Елена Кочова, со просечен успех од 10,00, студент на Медицинскиот факултет и Тања Баковска, со просечен успех од 9,35, студент на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, се првенци на генерацијата на соодветните факултети за учебната 2010/2011 година.

Почнувајќи од учебната 2007/2008 година, Фондацијата „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ стипендираше и стипендира вкупно 182 студенти по фармација и по медицина, вклучително со новите 40 студенти, во учебната 2011/2012 година. Од нив, 46 студенти по фармација и 11 по медицина се веќе дипломирани.

Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година. Од 2009 година до денес, својата кариера во „Алкалоид АД – Скопје“, во одделите на сегментот Фармација, ја започнале 12 од стипендираните студенти на Фондацијата.

Досегашните проекти претставуваат доказ за остварување на заложбите на Фондацијата за поддршка на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ преку поддржување на млади, амбициозни кадри кои својата кариера ја посветиле на овие дејности.

Фондацијата е основана во чест на Трајче Мукаетов, кој на чело на „Алкалоид АД – Скопје“ застана во 1985-та година, а главното обележје во неговиот мандат е интензивирањето на растот и на развојот на компанијата во водечка фармацевтска компанија во регионот. Во контекст на посветеноста на перманентниот развој, овој голем стратег и визионер сметаше дека важен параметар е зголеменото ниво на инвестирање во научни, во истражувачки и во развојни активности, вложувања кои се неопходни за посакуваниот просперитет.