ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕДИУМИТЕ

     

06.12.2011

ИНФОРМАЦИЈА ЗА МЕДИУМИТЕ.

На 5 декември 2011 година, во официјална работна посета на Алкалоид АД Скопје беше Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, неговата екселенција, г. Пол Волерс.

Целта на посетата беше запознавање на овој висок дипломатски претставник со работењето на компанијата Алкалоид, која има своја фирма-ќерка во САД и има долгогодишна блиска и успешна деловна соработка со повеќе Американски компании.

Алкалоид АД Скопје во почетокот на 2006 година формираше своја подружница Алкалоид УСА во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег му претходеше успешната  деловно-техничка соработка   со реномирани компании од САД како Фајзер од Њу Јорк и Мерк Шарп и Дом (MSD), трасирани уште од 1956 година.

Во моментов, Алкалоид АД Скопје во своето потрфолио има неколку лекови кои ги произведува под лиценца од реномирани американски фармацевтски куќи, како и маркетиншки авторизации за застапство на фармацевтски препарати од Американски производители во Република Македонија. Од деловните потфати во САД, за особена гордост на Алкалоид е патентирањето на технологијата за производство на лекот Новаморф во 2003 година, како и интензивната соработка со реномираната АВЕДА, членка на групацијата Исти Лодер (Estee Lauder Group) во делот на производство на органски чаеви, која започна во 2005 година и сèуште успешно се остварува. Од јуни оваа година, Алкалоид ја започна својата соработка со уште една позната американска компанија Арбон Интернационал, за кои компанијата го произведува чајот за детоксикација наменет за нивните пазари во САД, Канада, Обединетото Кралство и земјите од Пацификот. Амбасадорот Волерс го забележа развојот на компанијата и успесите на домашниот и странските пазари и му посака на Алкалоид понатамошен развој и успех.