МК БИЗНИС ЛИДЕР

04.11.2011

МК БИЗНИС ЛИДЕР

На свеченоста која се одржа на 2 ноември 2011 година по повод „Европскиот ден на претприемачи“ и „Европска недела на мали и средни претпријатија 2011“, во организација на Европската бизнис асоцијација и поддржана од Министерството за економија на Република Македонија, г. Живко Мукаетов, генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, беше прогласен за МК Бизнис Лидер за 2011 година.

“Ова е награда на сите вработени во Алкалоид и на сите генерации кои работеле и заеднички ја граделе оваа компанија. Најважно е да се работи тимски, успесите да се постигнуваат заеднички. Потребно е максимално да бидете фокусирани и да го сакате тоа што го работите. Да се внесете во начинот на работење не само како индивидуа, туку и како тимски играч, а исто така да се обидете енергијата да ја пренесете на оние околу вас. Многу е важно да бидете опкружени со луѓе кои навистина сакаат да работат и се квалитетни. Оваа награда е мотив повеќе, бидејќи на крајот на денот, се покажува дека во општеството се ценат оние кои постигнуваат резултати. Ова ми е посебно драго признание бидејќи го добивам во годината во која Алкалоид го прослави своето 75 годишно постоење,“ изјави Мукаетов за присутните на церемонијата.

Статуетката изработена од Европската Бизнис Асоцијација на г. Мукаетов му ја додели Вицепремиерот за економски прашања, г. Владимир Пешевски а наградата ја врачи г. Ваљон Сараќини, Министер за економија на Владата на Република Македонија кои имаа свои пригодни говори на овој настан.

“Европската недела на мали и средни претпријатија 2011“ годинава се одржува под мотото “Погоди ја целта“ а наградата “МК Бизнис лидер“ се воведува за првпат, со тенденција да стане традиционална и да претставува своевиден патоказ за иднината. Наградата МК Бизнис Лидер е воспоставена со цел да се издвојат луѓето кои ја водат Македонската економија и го помагаат нејзиниот просперитет.

"Сакавме да ги издвоиме менаџерите на компании кои треба да претставуваат пример, за тоа како може и како треба да се работи во Република Македонија“ – истакна г. Димитар Ристовски, Директор на Европската Бизнис Асоцијација.

“Основните критериуми по кои се водевме е лицето да е сопственик на компанија или на удел, да раководи со извозноориентирана компанија, компанијата во последните години да бележи развој во работењето и континуирана добивка, да се вбројува во категоријата социјално одговорни компании“, рече Ристовски.