АЛКАЛОИД - ДОМАЌИН НА ПАНЕЛ 5 НА ГЛОБАЛНИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ САМИТ

30.10.2012

АЛКАЛОИД - ДОМАЌИН НА ПАНЕЛ 5 НА ГЛОБАЛНИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ САМИТ

Тоа што Македонија е мал пазар нека ни биде адут, не хендикеп! На Панелот 5 од Глобалниот Инвестициски Самит за Македонија, насловен како „Глобално конкурентни македонски производи и услуги: Успешни бизнис-модели на соработка“, модериран од страна на генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов, учествуваа еминентни домашни, но и светски познати бизнисмени. Меѓу нив, менаџерите на компаниите Хербал Сајнс, ЕМСА Солар, Cosmic Developmen/JMG Canada, Макпрогрес Виница, Еxport Packers, Карником и FX3X.

Македонија има голем број неискористени бизнис-потенцијали, квалитетни производи кои би биле висококонкурентни на странскиот пазар и многу успешни бизнис-приказни чиј пример треба да се следи. Ова го едногласно го заклучија и странските и домашните бизнисмени кои зедоа учество на 5-тиот Панел од Глобалниот Инвестициски Самит, модериран од страна на генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов. На Панелот кој се одржа на 20 октомври, во склоп на вториот официјален дел од Самитот, говореа докажани менаџери од земјава, но и еминентни светски бизнисмени со македонско потекло, членови на организацијата Македонија 2025.

Генералниот директор на Алкалоид и член на Бордот, Живко Мукаетов ја потенцираше потребата од заедничка работа помеѓу компаниите, затоа што тоа е најефикасен начин за зајакнување на македонската економија. “Секој од нас треба да направи што е можно повеќе во својот дел, да даде придонес, повеќе труд, со цел со заеднички сили да постигнеме раст на македонската економија. Евидентно е градењето мостови меѓу бизнисот тука и дијаспората надвор. Воедно е јасна и координацијата меѓу сите сегменти во општеството заинтересирани за подобра македонска економија што се потврди со присуството на владините претставници на Самитот“, истакна Мукаетов.

„Една од главните цели на Македонија 2025 е да стимулира бизнис соработка што најдобро е објаснето во интервјуто на Џон Битов Јуниор за неделникот „Граѓански“ кој вели: ’Моите бизнис искуства се комбинација на многу години од обиди и грешки, учење чекор по чекор и напорна и долга работа за да се надминат сите пречки’. Македонија 2025 има компаративно бизнис знаење и можеме да ги учиме и да ги мотивираме младите македонски претприемачи да креираат успешни бизнис приказни“ – рече Мукаетов во своето воведно обраќање до аудиториумот.

Како успешен пример за влез на американскиот пазар, директоркот на Хербал Сајнс и Алкалоид САД, Вера Ставроф, го посочи примерот со Алкалоид АД Скопје. “Пресудни за успешното лансирање на чаевите Аведа беа високиот квалитет и менаџерските способности на квалификуваниот кадар. Тоа се главните адути на компанијата“, истакна Ставроф, потенцирајќи дека подобар партнер од Алкалоид и да сакала, не би можела да најде.

Основачот на ЕМСА Солар и член на Македонија 2025, Емил Христов, ја раскажа својата животна, а воедно и бизнис приказна, која докажува дека добрата идеја знае да победи дури и без еден единствен долар во џеб. “Во 2009 година кога ја создадов компанијата, започнав со двајца луѓе. ЕМСА Солар ја воведовме на пазарот во 2010 година, кога започнавме да работиме и во Македонија. Ние не размислуваме во граници, тоа ни овозможи да растеме на пазарот слободно.

Основачот на JMG Канада и коосновач на Cosmic Development, Крис Павловски, кој беше дел од 5-тиот Панел од МГИС, истакна дека за шест месеци до една година ќе создаде фонд за финансирање на младите претприемачи во ИТ секторот. “Овој фонд ќе го водам лично јас и се надевам дека Македонија наскоро ќе стане Швајцарија во мало“, истакна Павловски. Во овој дел од Самитот учество зедоа и македонските бизнисмени Кристијан Данаиловски, извршен директор на FX3X Македонија, според кој следењето нови трендови и високи стандарди е пресудно за успех надвор, како и директорот на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, кој потенцираше дека да се биде македонски извозник е многу голем предизвик. Директорот на Карником, Мики Величковски и неговиот партнер од Export Packers Company, Борис Лаиќ ја раскажаа интересната приказна за успешната соработка помеѓу овие две компании, потенцирајќи дека во Северна Америка има огромна побарувачка за квалитетни земјоделски производи.