Донација на Клиниката за детски болести и најава на нов хуманитарен проект Биди ми пријател

20.02.2012

Донација на Клиниката за детски болести и најава на нов хуманитарен проект „Биди ми пријател“

Брендот Алкалоид е препознатлив и потврден како што е препознатливо и неговото мото – Здравјето пред сè... Слоган кој е мотив при остварувањето на мисија на компанијата за поздрав свет и супериорен квалитет на производите и услугите. Цврста определба на Алкалоид е грижа за здравјето на секој поединец, квалитетот на животот на секој човек, здравствениот систем и животната средина.

Во низата настани компанијата Алкалоид АД Скопје ги организираше по повод својот 75 годишен јубилеј беше и хуманитарниот хепенинг кој се одржа на 3 септември 2011 година за вработените на компанијата и членовите на нивните семејства. Средствата во износ од 200 денари кои секој вработен ги донираше во Фондацијата „Трајче Мукаетов“ беа искористени за набавка на опрема за потребите Одделот за детска онкологија на Клиниката за детски болести при Клиничкиот центар во Скопје.

Набавена е опрема во износ од близу 7000 евра, собрани за само ден и половина, која се состои во апарати кои се наменети за третирање на децата со канцерогени заболувања: инфузиони пумпи за апликација на цитостатска терапија; апарати за инхалација; преносливи монитори за мерење на повеќе параметри и пренослив ЕКГ апарат со 12 одводи. 

Во насока на својата посветеност на општествената одговорност и грижата за здравјето на луѓето, Алкалоид одлучи да продолжи со своите хуманитарни активности и да помогне на најранливата категорија на пациенти, децата со канцерогени заболувања. Хуманитарната акција насловена „Биди ми пријател“ Алкалоид ќе ја спроведува во соработка со здружението „Борка – За секој нов ден“ кое веќе петта година работи на подигање на свеста за малигните заболувања кај граѓаните.

Активностите од проектот ќе траат 9 месеци и првенствено ќе бидат насочени на месечни набавки на одредени апарати и материјали за клиниката со цел да се олесни престојот и лекувањето на пациентите хоспитализирани и третирани на одделот за детска онкологија, како и на нивните семејства во фазата на лекувањето. Родителите на децата со канцерогени заболувања ќе можат да ја користат психо-социјалната помош во соработка со групите за поддршка кои ги организира здружението „Борка“.

За целите на овој проект, како еден од придонесите на Алкалоид АД Скопје во унапредувањето и развојот на заедницата во која делува, Компанијата ќе одвои минимум 1,2 милиони денари од продажбите на својот бренд „Бекутан“.

Акцијата стартува на 15 февруари, меѓународниот ден посветен на децата со канцерогени заболувања. Овој ден за прв пат се одбележува во Република Македонија, а со тоа нашата држава станува дел од светската борба посветена на подигање на свеста за раната детекција и дијагностика на канцерогените заболувања кај децата што резултира со 70% излеченост кај сите дијагностицирани случаи со апликацијана соодветен третман, која е во организација на Меѓународната конфедерација за канцерогени заболувања кај децата и Унијата за меѓународна контрола на канцерогени заболувања.