„Алкалоид“ доби прва награда за општествената одговорност од ЦИРа

15.07.2013

„Алкалоид“ доби прва награда за општествена одговорност од ЦИРа

Воведувањето корпоративен весник „Здравјето пред сѐ“, од страна на „Алкалоид“, како метод со кој се унапредува и модернизира интерната комуникација во компанијата, стипендирањето на студенти од Фармацевтскиот и Медицинскиот факултет при УКИМ од страна на Фондација „Трајче Мукаетов“, акцијата „Биди ми пријател“ во соработка со Здружението за борба против рак „Борка - За секој нов ден“ и средствата одвоени за опремување на одделот за детска онкологија при Клиничкиот Центар во Скопје, добивањето Интегрирана еколошка дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и континуираното вложување во едукација и развој на вработените, се носечките проекти поради кои „Алкалоид“ годинава доби прва награда за севкупна посветеност кон општествената одговорност, од страна на Центарот за институционален развој (ЦИРа).

Овие проекти се дел од политиката за општествена одговорност и традиција на „Алкалоид“. Грижата за општеството и средината во која компанијата делува, унапредувањето и развојот на истата, се приоритет при мисијата со своето општествено одговорно однесување и целосна посветеност кон реализација на општествено одговорни проекти, да ги подигне стандардите во пристапот на целокупната бизнис заедница.

ЦИРа и минатата година, на петтиот јубилеј од своето постоење, му додели две награди на „Алкалоид“, и тоа во категориите Однос кон вработени и Однос кон животната средина.

Годинешнава награда на компанијата ѝ беше доделена во рамките на традиционалната шеста по ред церемонија, на која беа доделени наградите за филантропија и општествена одговорност за 2012 година.