„Алкалоид“ со две плакети од Стопанската комора на Македонија за значајни инвестициски активности

28.02.2013

„Алкалоид“ со две плакети од Стопанската комора на Македонија за значајни инвестициски активности

Во рамките на одбележувањето на 91-годишнина од основањето на Стопанската комора на Македонија, која годинава посвети посебно внимание на компаниите и на менаџерите, кои во кризниот период од 2008 година до денес биле храбри да инвестираат, „Алкалоид“ доби плакета како признание за инвестициските активности во странство и плакета како признание за инвестициските активности за нови производни капацитети во Македонија во услови на криза.

И покрај кризата со којашто се соочи светската економија во изминативе четири години, „Алкалоид“ не стагнираше со инвестиции во своите деловни операции во земјава и во странство. Од 2008 година па наваму, „Алкалоид“ во македонски рамки реализираше инвестиции во износ од близу 19 милиони евра, главно наменети за модернизација на техничко-технолошките процеси и капацитети, за изградба и за опремување на нов институт за развој и контрола на квалитет, а значајни средства се вложени и во делот на информатичката инфраструктура на компанијата. Покрај инвестициите дома, „Алкалоид“ вложи и над 2 милиони евра за отворање на  првиот производен капацитет надвор од Македонија, во Р. Србија, и во деловните операции во Србија, Словенија, Украина и во Русија.

На пригодната свеченост по повод официјалното одбележување на 91-годишнина од формирањето на Стопанската комора на Македонија и доделувањето на плакетите на „Алкалоид АД – Скопје“, генералниот директор и претседател на УО на компанијата, г. Живко Мукаетов, најави потенцијално отворање на канцеларии на компанијата во Р. Турција, Чешка и во Словачка. 

„Македонските компании имаат потенцијал да инвестираат во странство, но потребно е познавање на пазарите бидејќи секој има своја специфика. Доколку се соберат вистинските информации, луѓе и знаења, се отвораат можностите за инвестирање. Тоа е она што на крајот на денот секогаш носи успех“, истакна Мукаетов во своето обраќање.