ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ДОДЕЛИ 42 НОВИ СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕБНАТА 2013/2014 ГОДИНА

31.10.2013

ФОНДАЦИЈАТА „ТРАЈЧЕ МУКАЕТОВ“ ДОДЕЛИ 42 НОВИ СТИПЕНДИИ ЗА УЧЕБНАТА 2013/2014 ГОДИНА

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и годинава додели 42 нови стипендии, и тоа 20 за најдобрите студенти на Фармацевтскиот и 22 за најдобрите студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, за учебната 2013/14 година.

Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а Согласно објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за тековната учебна година е усвоен од страна на Управниот Одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите за распределба на стипендии. Доколку ги исполнат предвидените услови, на стипендистите им продолжуваат стипендиите и во текот на наредната учебна година. Во состав на одборот за распределба на стипендиите влегуваат претставници од Фондацијата, од двата факултетети, како и претставници од редовите на студентите.

„Управниот Одбор работеше сериозно според постапката за избор на студенти и по опсежните анализите на комисиите при двата факултета, одлучивме наместо 40, годинава да доделиме 42 стипендии, поради бодовните критериуми кај кои имавме совпаѓање во делот на кандидатите од Медицинскиот факултет. Во оваа прилика би сакал да ја истакнам нашата гордост како членови на УО на Фондацијата, што на некој начин сме помогнале и придонеле нашите поранешни стипендисти да дипломираат. Трендот на вработување на успешни студенти во „Алкалоид“ после нивното дипломирање, дефинитивно ќе продолжи и во иднина“, истакна Претстедателот на Фондацијата и Генерален директор/Претседател на УО на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов.

Согласно програмските политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, почнувајќи од учебната 2009/2010 година, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, доделува и еднократна парична награда на првенците на генерациите на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ, која годинава изнесува 1.200 евра во денарска противвредност, а ја добија Емилија Лазова од Фармацевтскиот факултет, со просек 9,84 и Сандра Ѓоргова од Медицинскиот факултет со просек 9,89.

Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендираше вкупно 264 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 42 во учебната 2013/14. Од нив, 82 студенти по фармација и 51 по медицина се веќе дипломирани. Од 2009 година до денес, својата кариера во Алкалоид АД Скопје, во одделите на сегментот Фармација, ја започнале 17 од стипендираните студенти на Фондацијата.