Соопштение за медиуми 12.04.2013

12.04.2013, Скопје

Соопштение за медиуми

Под покровителство на компанијата „Алкалоид“, вчеравечер во Кинотеката на Македонија свечено беше отворен вториот по ред фестивал на современи дански филмови во земјава. На пригодната свеченост, покрај бројните гости, присуствуваа и нерезидентниот Амбасадор на Данското Кралство во Виена, надлежен за Република Македониа, Н.Е., г. Торбен Брил, како и Почесниот Конзул на Данска, г. Живко Мукаетов.

“Особена чест ми е што во Македонија по втор пат се одржува оваа манифестација и искрено се надевам дека ова дружење ќе прерасне во традиција. Филмот на некој начин претставува алатка преку која можеме да ви пренесеме дел од данската култура и средство кое ќе ја зацврсти нашата меѓусебна комуникација“, истакна Н.Е., г. Брил.

Директорката на Кинотеката на Македонија, г-ѓа Мими Ѓоргоска-Илиева истакна дека годинава филмскиот репертоар во рамките на циклусот „Современ дански филм“, е скроен по сечиј вкус, така што сите вљубеници во филмот, почнувајќи од најмладите, деновиве ќе имаат можност да проследат еден од најпопуларните анимирани филмови од данската продукција.  

“Искрено се надевам дека на овој начин ќе успееме да ја зајакнеме културната соработка помеѓу Република Македонија и Кралството Данска, а секако, би ни било задовлство во блиска иднина и на данската публика да ѝ овозможиме да се запознае со дел од македонската кинематографија“, рече г-ѓа Ѓоргоска-Илиева“

Н.Е., г. Брилер упати особена благодарност до компанијата „Алкалоид“ и генералниот директор г. Мукаетов и неговото семејство, како и до Кинотеката на Македонија, која веќе втора година го поддржува овој проект.

Од 12-ти до 15-ти април годинава, во рамките на циклусот „Современ дански филм“, во Кинотеката на Македонија ќе се емитуваат филмовите „Меланхолија“ од еминентниот дански режисер Ларс вон Триер, „Смешниот човек“ во режија на Мартин Зандвлит, како и анимираниот филм „Жика Жабарот“ од Питер Дуд. На 15-ти април (понеделник) ќе се прикажува популарната романтична комедија „Суперкласико“, со која воедно и беше отворен годинешниот дански филмски фестивал.