Живко Мукаетов по четврти пат дел од собирот на лидери на Југоисточна Европа

02.06.2015

Живко Мукаетов по четврти пат дел од собирот на лидери на Југоисточна Европа

Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов и годинава е дел од четвртиот по ред елитен собир на успешни бизнис лидери и политичари од Југоисточна Европа: „Самит 100 - Договор за новата ера“.

Во рамки на Самитот кој годинава се одржува во Порторож, Словенија, г. Мукаетов, заедно со г. Ивица Мудриниќ од „Дојче Телеком“ го модерираа панелот со градоначалниците на 4 регионални метрополи: Љубљана, Сараево, Загреб и Подгорица. Во рамки на пленарниот панел насловен како: „Паметни градови за одржлив развој: Претворање на регионалните метрополи во попаметни иновативни центри“, челниците на четирите главни градови ги споделија своите искуства, презентирајќи ги реализираните и тековните проекти во напорот да го зголемат одржливиот развој на метрополите со кои управуваат. Градоначалниците на Љубљана и Загреб, кои како градови предничат во регионот во однос на исполнување на целите за одржлив развој, во текот на панелот имаа конструктивна дискусија околу дополнителните ресурси (капитални и човечки), кои би им биле потребни со цел да ги направат градовите поекономични, поефикасни и попријатни за живеење за граѓаните.

Учество на панелот модериран од страна на г. Мукаетов и г. Мудриниќ зеде и експертот од американската мултинационална компанија „ИБМ“ (IBM – International Business Machines), г. Мајкл Диксон, кој воедно е и Директор на ИБМ Програмата за паметни градови на глобално ниво.

Покрај сесијата наменета за претседателите од државите од процесот ,,Брдо-Бриони", на која активно учество зема Претседателот на Република Македонија, Н.Е. Проф. д-р Ѓорге Иванов, на „Самитот на 100 бизнис лидери на Југоисточна Европа" учествуваат бизнисмени, претприемачи и истакнати стопанственици од регионот, поткрепени од меѓународни експерти.

„Како член на управните одбори на неколку еминентни економски институции во Македонија и надвор од нејзините граници, но и како директор на „Алкалоид“, компанија која успешно извезува во над 30 земји во светот, сметам дека настаните од овој тип се од огромно значење за промовирање на регионалната соработка и унапредување на бизнис операциите. Токму можноста за поврзување и заедничко дејствување на државите и компаниите од регионот, му даваат додадена вредност на овој меганастан. За полесен и поуспешен пристап до нови надворешни пазари, на компаниите им е неопходно здружување. „Самит 100" е одлична иницијатива за остварување на овие цели, а во исто време и солидна платформа за структуирање на развојни програми кои регионот би го донеле чекор поблиску до исполнувањето на мисијата за градење на моќна бизнис заедница која би била генератор на поголем економски раст", истакна Мукаетов.

Самитот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, со теми од секторот банкарство и финасии, туризам, подобрување на конкурентноста на компаниите, зголемување на извозот и заеднички настап на регионалните компании на трети пазари.