Обраќање од генералниот директор

ОБРАЌАЊЕ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР/ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ

На глобално ниво, 2017 ја обележаа различни тензии што ќе претставуваат нови предизвици во геополитичките текови и што би можеле да се одразат врз светската економија. Нашата земја, по две години политичка криза и стагнација, доби нова влада, која создаде нови потенцијали и позитивни импулси за економијата, кои, се надеваме, во наредниот период ќе се пресликаат и во графиконите на деловните субјекти.

Многу ме радува охрабрувачкиот факт што во регионот Западен Балкан, пазар од околу 24 милиони жители (вклучувајќи ја и Македонија), постојат голем број иницијативи за регионален развој преку инвестиции во инфраструктурата, транспортот, енергетиката, дигитализацијата, во брендирањето, унапредувањето на мобилноста на производите, на услугите и на работната сила, како и во образованието, во согласност со потребите на пазарот на труд и слично. Затоа, АЛКАЛОИД и натаму ќе учествува во разните иницијативи, како што се Инвестицискиот форум на шест комори на Западен Балкан, Самитот 100 на бизнис-лидери и слични меѓукоморски соработки, сѐ со цел обезбедување поефикасни пласмани на производите на АЛКАЛОИД и олеснување на протокот на нашите производи и услуги на странските пазари.

РЕЗУЛТАТИ

И покрај сите објективни и субјективни предизвици, компанијата успеа да генерира позитивни финансиски резултати во своето работење, вложувајќи извонредни напори и мерки на претпазливост во секојдневните активности.

Постигнавме вкупна консолидирана продажба од 9.094.716.094 МКД, што претставува раст од 10%. Нашата консолидирана нето-добивка изнесуваше 809.277.171 МКД и забележавме раст од 11%; двете споредени во однос на 2016 година.

85% од вкупната (консолидирана) продажба се однесуваат на сегментот Фармација, 9% на Козметика, 3% на Билкарство и 3% на Хемија.

Од вкупната консолидирана продажба, 38% се реализирани на домашниот пазар, а 62% претставуваат пласман на странските пазари. Од нив, 33% се реализирани на пазарите во Југоисточна Европа, 20% во Западна Европа, 7% во Русија и во ЗНД и 2% на останатите пазари. Во 2017 година од извозот постигнавме раст во продажбата од 13%.

Во текот на 2017 година, имавме 131 ново вработување во компанијата, па на 31 декември 2017 година, АЛКАЛОИД АД Скопје броеше 1856 лица.

БЕРЗАНСКО РАБОТЕЊЕ

Според податоците на македонската Берза, акциите на АЛКАЛОИД во текот на 2017 година беа меѓу најтргуваните и најликвидните акции.

АЛКАЛОИД АД Скопје, како една од водечките компании на македонската Берза, во редовното берзанско работење учествуваше со тргувани 376.193.552 МКД, што претставува 14% од вкупниот промет регистриран на првиот официјален пазар на Берзата во 2017 година.

Цената на акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје се движеше од 5.351 МКД до 7.615 МКД, со просек од 6.340,47 МКД, што претставува раст од 20,51% од просечната цена на акцијата во однос на 2016 година.

Приходот од дивидендата на акциите во АЛКАЛОИД АД изнесува 3,34%, што е значително подобра инвестиција од банкарската заштеда.

НОВИ ПОТФАТИ

2017 година беше обележана и со трендот на проширување на одобренијата за ставање во промет лекови и започнување нови проекти. Реализиравме околу 50 проекти за надворешно лиценцирање со речиси 40 партнери во светот. Добивме 132 маркетинг одобренија за над 200 фармацевтски производи и медицински помагала.

Преку нашата Служба за деловен фармацевтски развој остваривме 650.000 ЕУР преку продажба на лиценци за нашите производи на реномирани компании и ги склучивме првите договори за три нови пазари: за Канада, за Монголија и за Швајцарија.

ИНВЕСТИЦИИ

Во 2017 година, вкупните инвестиции на Компанијата изнесуваат 861.420.437 МКД. Тековните инвестициски активности, во согласност со планот за капитални инвестиции, ги вклучуваат: набавката на две нови машини за блистер–пакување; новата машина за производство цврсти желатински капсули; новата опрема за сушење влажни гранулати во Одделот за производство антибиотици при ПЦ Фармација и новиот хомогенизатор во сегментот Козметика.

Новите производни капацитети што започнаа со работа и што се протегаат на површина од 1000 m² претставуваат инвестиција во вредност од над 2,5 милиони евра . Тоа се три инвестициски проекти: Kапацитет за производство полуцврсти фарамцевтски форми; Централна вагална 2 и Оддел за пакување цврсти фармацевтски форми – сите реализирани во согласност со стандардите на добрата производствена практика.

Во 2017 интензивно работевме на неколку проекти од информатичката технологија, меѓу кои:

  • Проект Alka T&T за серијализација, со цел пласирање на нашите производи на пазарите во ЕУ;
  • Проект Alka CDC (интегрирано решение за лабораториски инструменти);
  • Проект Alka City за замена и за надградба на компаниската ИТ-структура;
  • Проект Alka MOS за сервисирање и за одржување, и други проекти.

КОРПОРАТИВНА ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ

Активностите за општествена одговорност, како една од главните карактеристики на Компанијата и како главен приоритет во оперативната агенда, продолжија со силен интензитет и во текот на 2017 година.

По седми пат вработените во Компанијата, под покровителство на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, се здружија на уште еден хуманитарен настан за да соберат повеќе од еден милион МКД, кои беа донирани за опремување два оддела на Детската клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Деветта година по ред Фондацијата „Трајче Мукаетов“ им доделува стипендии на талентираните студенти по медицина и по фармација на Државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Од 418 приматели на стипендии (212 студенти по фармација и 206 студенти по медицина), 177 се активни приматели на стипендии, а 61 од овие дипломирани студенти веќе ја започнаа својата кариера во АЛКАЛОИД.

ПЕРСПЕКТИВИ

Пред две години Шаховскиот клуб „Алкалоид“ стана европски шампион. Во 2017 Клубот ја освои титулата европски вицешампион. Спортот, како институција и како универзален феномен, е присутен во секое современо општество, а ние, како општествено-одговорна компанија, ќе ги вложиме сите напори за поддршка на системите на позитивни вредности.

Во спортот успехот вообичаено се должи на исклучителниот талент, дисциплината, вештото менаџирање и на исклучително напорната и посветена работа. Истото се однесува и на бизнисот. Во спортот, исто како и во бизнисот, има победи и порази. Методот на учење преку осознавање на грешките и преку повторното обидување е добар затоа што истрајноста ни го поплочува патот до успехот.

Успеавме да го задржиме растечкиот тренд на Компанијата во последниве единаесет години. Искрено се надевам и пожелувам овој тренд да продолжи и во иднина. Мораме да се соочиме со сите предизвици зајакнати со нашето водство, со нашето знаење, посветеноста на иновациите, со искуството, професионалниот интегритет и со кредибилитетот, бидејќи преку посветеноста и преку напорната тимска работа ќе постигнеме резултати со кои ќе се гордееме. Во духот на компанискиот слоган „Здравјето пред сѐ“, мораме да ја потврдиме перцепцијата за АЛКАЛОИД како компанија која стои цврсто, исправено и подготвено да одговори на сите нови предизвици.

Живко Мукаетов
Генерален директор/Претседател на управниот одбор