Производствени капацитети

Производствени капацитети

Почнувајќи од 1998 година, „Алкалоид“ АД Скопје мина низ инвестициски циклус вреден приближно 60 милиони евра, средства кои, главно, беа искористени во сегментот Фармација.

Во 2002 година компанијата ја заврши изградбата на новите фабрики за цврсти дозни форми (со капацитет од 2 милијарди дозни единици годишно) и на фабриката за полусинтетски цефалоспорини (со капацитет од 200 милиони капсули и 3,5 милиони шишиња сув прашок за орална суспензија).

Сите капацитети се комплетно опремени во согласност со европските ДПП-стандарди (класа ИСО 8, класа Д, 100.000), сертифицирани се од швајцарската консултантска куќа „тк3“, членка на групацијата „Тајсен Круп“ и се смета дека се совршенство на техниката.

Производниот капацитет на годишно ниво, организиран во две смени, е следниов:

  • 4,6 милиони ампули од 1 мл или 23,6 милиони ампули од 2 мл или 14,2 милиони ампули од 5 мл или 2 милиони ампули од 10 мл;
  • 4 милиони шишенца капки за очи;
  • 6 милиони супозитории;
  • 12,6 милиони туби маст, кремови, гелови;
  • 800.000 шишенца раствори за надворешна употреба.

Севкупната производна програма на фармацевтски производи на „Алкалоид“ - Фармација се состои од следниве фармацевтски форми:

  • Цврсти дозни форми за орална употреба: таблети - конвенционално и модифицирано ослободување, филм-таблети, обложени таблети, подјазични таблети, капсули и сув прашок за орална суспензија;
  • течни дозни форми за орална употреба: раствори за орална употреба, сирупи, суспензии;
  • топикални препарати: кремови, масти, раствори, гелови, спрејови, вагиналети и супозитории.
  • стерилни дозни форми: парентерални мало-волуменски, капки за очи и масти за очи.

Покрај капацитетите за производство на готови фармацевтски производи, „Алкалоид“ - Фармација има погон за екстракција на опиоиди, кој вклучува производство на морфин и на негови деривати како фармацевтски суровини.

Проектните трошоци за изградба и за пуштање во употреба на новите капацитети за производство на цврсти дозни форми и на полусинтетски цефалоспорини, кои беа дел од проектот на „Алкалоид“ АД Скопје „Влез на светскиот пазар", изнесуваа 35.000.000 евра.

Конвертибилниот заем ,кој компанијата го зеде од меѓународните финансиски институции (Европската банка за обнова и развој и Меѓународната финансиска корпорација) изнесуваше 17.400.000 евра и е комплетно исплатен на почетокот на 2004 година.

Оддел за пакување на лекови, линија за ампули и линија за раствори за орална употреба

Водејќи сметка за квалитетно одвивање на процесот на производство, Алкалоид изгради и опреми Оддел за пакување лекови, во согласност со  нормите за Добра производствена пракса. Одделот е екипиран со две нови линии: линија за пакување цврсти форми (таблети, дражеи и капсули) која во моментов се користи за пакување 50-ина производи од програмата на Фармација, со максимален капацитет од 200 поединечни кутии во минута, и линија за пакување ампули, која е наменета за пакување на сите ампулни форми од програмата на Фармација и има максимален капацитет од 30.000 ампули во минута. Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува приближно 4,5 милиони евра.

Со цел да се подигне степенот на автоматизација на производството, „Алкалоид“ инсталираше нова линија за дозирање, затворање, етикетирање и за пакување на раствори за орална употреба вредна 600.000 евра.

Интермедиери

Строгите норми за Добра производствена пракса налагаат почитување на прописи што се од исклучителна важност за непреченото и за високософистицираното одвивање на процесот на производство на лекови.

Во рамките на инвестицискиот проект за нов погон за пакување лекови, „Алкалоид“ предвиде и приспособи нов простор за чување полупроизводи (интермедиери), во согласност со највисоките стандарди за работење во фармацевтските компании. Со оваа дополнителна инвестиција, вредна околу 600.000 евра, во голема мера е добиена предност во брзината и во ефикасноста на одвивањето на производствениот процес, со тоа што постојната залиха на полупроизводи се подготвува за различни пазари, според различните побарувачки и потреби.

Обезбедување квалитет и контрола на лекови

Примарната грижа и акцентот на целокупното работење на „Алкалоид“ - Фармација се насочени кон обезбедување високо квалитетен производ кој потполно ќе ги задоволи потребите на пациентите. За таа цел, Компанијата лоцираше значајни инвестициони фондови во сегментите за контрола и обезбедување на квалитетот на лековите.

Тука би ја споменале инвестицијата во микробиолошката лабораторија, која енормно го подобри процесот на фармацевтската контрола на лекови, во која „Алкалоид“ вложи околу 1,2 милиони евра. Беа инвестирани дополнително, приближно 500.000 евра за нова хемиска лабораторија за контрола на меѓупроизводи и на готови фармацевтски производи, во согласност со важечките ДПП-стандарди. Таа опфаќа месечен магацин за хемикалии, изведен според ПП-проект со специјални безбедносни кабинети за запаливи материи: простор за испитување стабилност, централна вагална; физичко-хемиска лабораторија; инструментална лабораторија за хроматографски техники; посебна за спектрофотометрија, тестирање на растворливост, како и простории за обработка на документацијата комплетно опремени со високо  софистицирани инструменти и со опрема од реномирани светски производители.