Alkaloid
Христијан Крстевски

Христијан Крстевски

Работна позиција:Сменоводител - вагање и припрема, Фармација производство
Години во Алкалоид:25

Христијан Крстевски:

И порано и сега, добриот однос помеѓу колегите е клучен за успехот на секој процес.

1.Како го паметите Вашиот прв работен ден во компанијата?

Мојот прв работен ден на 3.5.2001 година (четврток) ми остана силно врежан во сеќавањето. Започнав во Одделот за вагање и подготовка и се сеќавам дека чувството беше мешавина од возбуда, трема и голема одговорност. Дополнително, за мене тоа имаше и посебно значење бидејќи и моите родители работеа во Алкалоид, па на некој начин чувствував дека продолжувам една семејна приказна. Сѐ ми изгледаше ново – од процесите и правилата до динамиката на работата. Сепак, она што веднаш ми остави впечаток беше односот со колегите. Беа отворени и подготвени да помогнат и да објаснат, што ми даде сигурност и чувство дека сум на вистинското место. Токму таа поддршка ми помогна побргу да се вклопам и да започнам да учам.

2.Што се промени најмногу од Вашите почетоци во компанијата до денес?

Ако ги споредам почетоците со денешницата, најголеми се промените во технологијата, организацијата и во пристапот спрема работата. Денес процесите се значително помодернизирани, со поголема автоматизација и со многу построга контрола во секој чекор. Стандардите се повисоки, документацијата пообемна, а одговорноста поделена и јасно дефинирана. Воедно, се чувствува и поинтензивен развој на компанијата – раст во капацитетот и во производствениот асортиман. Сето тоа придонесе и ние како вработени да напредуваме и постојано да учиме нови работи.

3.На кој момент од Вашиот професионален пат во „Алкалоид“ сте најгорди? Како го паметите Вашиот прв работен ден во компанијата?

Тешко е да се издвои само еден момент, но најгорд сум на континуитетот. Тоа што со години сум дел од овој систем и сум растел заедно со него. Секое ново знаење, секој успешно завршен предизвик и секоја доверба што сум ја добил од претпоставените за мене претставува големо признание. Посебно е чувството кога ќе го видиш резултатот од сопствената работа и знаеш дека си придонел во процесот што носи квалитет и сигурен производ. Дополнително, горд сум што имав можност да бидам дел и од отворањето на новото одделение, што претставуваше еден значаен момент и чекор напред и за компанијата и за мене лично. Таквите моменти остануваат како потврда дека си дел од нешто што се развива и што оди напред. Тоа не е само работа, туку лична сатисфакција.

4.Што е најразлично во Вашата работа денес споредено со почетоците?

Од личен аспект, најголема е разликата во моето искуство и во начинот на пристап спрема работата. На почетокот се учев чекор по чекор, со повеќе несигурност и со потреба од постојани насоки, додека, пак, денес работам со многу поголема сигурност и самодоверба. Со текот на годините не се менува само работата, туку се менува и човекот. Се учиш да размислуваш поодговорно и да носиш одлуки со поголема зрелост. Работата сега бара повеќе одговорност и прецизност, но искуството што сум го стекнал ми помага полесно да се справам со секојдневните предизвици. На некој начин, оваа работа ме изгради не само професионално, туку и како личност.

5. Што Ве мотивираше да останете, да се развивате и да растете заедно со компанијата?

Она што најмногу ме мотивираше се стабилноста и сигурноста што ги нуди компанијата, но и можноста постојано да се учи и да се напредува. Во текот на годините секогаш имало простор за развој без разлика дали преку практично искуство или преку нови знаења. Дополнително, работната атмосфера и колегијалноста имаат голема улога. Кога работиш во средина во која има почит и поддршка, многу е полесно да останеш мотивиран. Чувството дека си дел од сериозна и успешна компанија, исто така, те тера да даваш повеќе од себе.

6. Што е она што остана непроменето за Вас низ сите години поминати во Алкалоид?

Без разлика на промените, една работа остана иста – мојот однос спрема работата. Од првиот ден до денес се трудам да бидам одговорен, посветен и да ја завршам работата најдобро што можам. Исто така, тимскиот дух е нешто што секогаш го ценам. И порано и сега, добриот однос помеѓу колегите е клучен за успехот на секој процес. Тоа чувство на заедништво е нешто што не се менува лесно.

7. Каква порака би им дале на новите вработени кои штотуку го започнуваат својот пат овде?

На новите вработени би им порачал да бидат трпеливи и отворени за учење. На почетокот сѐ изгледа сложено, но со текот на времето сѐ доаѓа на свое место. Да не се плашат да поставуваат прашања и да бараат помош – тоа е дел од процесот. Исто така, важно е да пристапат со одговорност и сериозност затоа што тоа секогаш се забележува и се цени. На крајот, најважно е да вложат труд затоа што успехот не доаѓа преку ноќ.

8. Постои ли нешто што денес би го направиле поинаку или би го промениле во текот на Вашето работење во Алкалоид?

Гледано од денешен аспект, можеби повеќе би се посветил на дополнителна едукација уште во раниот период. Сепак, не можам да кажам дека жалам за некои одлуки затоа што секој чекор бил дел од процесот на учење. И добрите и потешките моменти ме изградиле како работник и како човек. Денес на сето тоа гледам како на едно вредно искуство кое ме довело тука каде што сум.

ГЛАСОТНА ВРАБОТЕНИТЕ

Во „Алкалоид“ има простор за напредок за секој што е подготвен да вложува во своето знаење и развој.

90-те години на АЛКАЛОИД се создаваа преку приказните на луѓето што растат заедно со компанијата. Дваесет од тие деведесет години се дел и од професионалниот пат на Бисера Јанеска-Трајковска, помлад менаџер во лабораторијата за суровини.

Прочитај повеќе
Години во Алкалоид20
Бисера ЈанескаПомлад менаџер во лабораторијата за суровини
Бисера Јанеска