Интервју со вработена Елена Вељанова-Мартиноски
Елена Вељанова-Мартиноски
Елена Вељанова-Мартиноски:
И денес со ист ентузијазам и со голема проактивност им пристапувам на новите задачи и проекти, затоа што континуираното подобрување е двигател и на личниот и на професионалниот развој
1. Kако го паметите вашиот прв работен ден во компанијата?
Мојот прв работен ден во „Алкалоид“ беше пред 15 години, но и денес живо го паметам. Беше комбинација од збунетост и возбуда, но се чувствував среќно бидејќи бев водена од голема желба за учење и од искрена мотивација да ги запознаам процесите и колегите. Од почетокот почувствував професионална и поддржувачка средина, која ми помогна бргу да се вклопам во тимот.
2. Што се промени најмногу од вашите почетоци во компанијата до денес?
Кога започнав да работам, Производство на цврсти фармацевтски форми беше значително помал оддел, со помал број вработени и со поедноставна организација. Денес зборуваме за современ производствен систем со значително поголеми капацитети, високо ниво на автоматизација, дигитализирани процеси и со континуирано усовршување на GMP-стандардите. Она што остана непроменето е посветеноста на вработените, тимскиот дух и фокусот на квалитетот во секој сегмент од работењето. Посебна благодарност упатувам до тимот на одделот, чија професионалност и подготвеност за прифаќање нови предизвици беше клучна за развојот и напредокот што го постигнавме низ годините.
3. На кој момент од вашиот професионален пат во Алкалоид сте најгорди?
Без двоумење, тоа е реализацијата и пуштањето во употреба на новиот производствен погон за цврсти фармацевтски форми. Станува збор за повеќегодишен стратешки проект кој опфати планирање, изградба, инсталација и квалификација на опремата, како и примена на највисоките фармацевтски стандарди. Со оваа инвестиција се удвоија постојните производствени капацитети и се создадоа услови за натамошен раст на компанијата. Особено сум горда што бев дел од мултидисциплинарен тим составен од врвни интерни и екстерни експерти, со кои заеднички создадовме современ производствен погон што претставува пример за добри индустриски практики во регионот и пошироко.
4. Што е најразлично во вашата работа денес споредено со почетоците?
Мојот развоен пат во „Алкалоид“ започна како стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, продолжи како приправник и специјалист во производство, а денес имам чест да раководам со најголемиот производствен оддел во профитниот центар Фармација. Со текот на годините се менуваа одговорностите, но секоја позиција ми овозможи подобро да ги разберам процесите и предизвиците од различни перспективи. Тоа искуство и денес претставува цврста основа за носење одлуки, развој на тимовите и за создавање услови за долгорочен раст и одржливост на работењето.
5. Што ве мотивираше да останете, да се развивате и да растете заедно со компанијата?
Довербата и отвореноста од раководството, можностите за професионален развој, континуираната едукација и работата со врвни професионалци се меѓу клучните причини поради кои останав и професионално се развивав во компанијата. Но, лично за мене најголема мотивација отсекогаш биле и ќе останат луѓето. Соработката со колегите, меѓусебната поддршка и отворениот фидбек резултираат со постигнати цели, успешно реализирани проекти и со надминати предизвици. Токму овие заеднички успеси претставуваат моја најголема професионална мотивација.
6. Што е она што остана непроменето за вас низ сите години поминати во Алкалоид?
Вербата дека секој процес може да се подобри, а секој предизвик да се претвори во можност за напредок. И денес со ист ентузијазам и со голема проактивност им пристапувам на новите задачи и проекти, затоа што континуираното подобрување е двигател и на личниот и на професионалниот развој.
7. Kаква порака би им испратиле на новите вработени кои штотуку го започнуваат својот пат овде?
Бидете љубопитни, трудољубиви и отворени за учење. Исто толку важно, практикувајте активно слушање и учете од искуствата на луѓето околу вас. Во „Алкалоид“ има многу можности за личен и професионален развој. Успехот доаѓа преку знаење, континуирана работа и соработка со колегите. Комбинацијата од искуството на постарите колеги и енергијата на новите генерации е една од најголемите вредности на компанијата.
8. Постои ли нешто што денес би го направиле поинаку или би го промениле во текот на вашето работење во Алкалоид?
Секој ден носи нови лекции и можности за подобрување. Наместо да размислувам што би променила во минатото, повеќе сум фокусирана на тоа денеска да бидам подобра верзија од вчера, но и на тоа како заедно со мојот тим да создадеме уште поголема вредност, да воведуваме подобрувања и да придонесуваме за натамошниот развој на „Алкалоид“. Особена привилегија е да се биде дел од компанија која повеќе децении успешно поставува стандарди во фармацевтската индустрија и која континуирано инвестира во своите луѓе и во својата иднина.

„Денес правилното селектирање и одложување стана секојдневие и култура во компанијата.“
20 години посветеност, одговорност и грижа за животната средина. За Иван Цветковски, постар специјалист во Екологија, Обезбедување квалитет – животна средина, двете децении во Алкалоид значат професионален развој и активен придонес за унапредување на еколошките практики во компанијата.
Прочитај повеќе
