Снежана Петровска
Снежана Петровска:
Бидете горди што станувате дел од алкалоидовото семејство.
1.Како го паметите Вашиот прв работен ден во компанијата?
Првиот работен ден во „Алкалоид“ за мене претставуваше прв работен ден по дипломирањето на Медицинскиот факултет во Скопје. Ден исполнет, пред сѐ, со радост и возбуда, но и со доза на неизвесност бидејќи влегував во ново подрачје надвор од клиничката пракса. Од денешна перспектива, впечатокот од првиот работен ден е незаборавен, особено поради позитивната атмосфера, тимскиот дух и поддршката од поискусните колеги, што беше особено значајно за моето приспособување и за натамошниот развој.
2.Што е најразлично во Вашата работа денес споредено со почетоците?
Постои значајна разлика во работните обврски од почетоците до денес. Мојата прва работна позиција пред 25 години беше медицински претставник за алкалоидовото портфолио. Клучниот пресврт во мојот професионален развој се случи пред 14 години, кога започнав да раководам со тим од лекари кој беше задолжен за медицинска поддршка за лековите на рецепт. Следуваа повеќе промени и реструктуирања и се формираше секторот со кој управувам денес – Глобални медицински работи и безбедност на лекови. Денешните работни активности се значително пообемни и вклучуваат управување со тимови и со процеси за ширење и за одржување на алкалоидовото портфолио од медицински аспект, во насока на остварување на стратешките цели на компанијата. Особено сум горда што изградивме тимови од врвни професионалци, со кои работата претставува вистинско задоволство!
3.Што Ве мотивираше да останете, да се развивате и да растете заедно со компанијата?
Силен мотив за мојот професионален раст и развој е, пред сѐ, желбата да работам во „Алкалоид“, компанија која нуди континуирана едукација, валоризација на трудот и силно чувство на припадност. Довербата во системот и вредностите на компанијата, водена од лидер со јасна визија и стратегија, ми создаваат дополнителна сигурност и стабилност и искрено ме мотивираат и инспирираат во секојдневната работа.
4.Што е она што остана непроменето за Вас низ сите години поминати во „Алкалоид“?
„Алкалоид“ е систем кој го граделе генерации и кој се темели врз чесност, интегритет, посветеност, тимски дух и заемно почитување. И покрај континуираните промени и унапредувања на процесите изминатите години, грижата за вработените е секогаш на прво место и тоа е вредноста што останa непроменета бидејќи во „Алкалоид“ луѓето се пред сѐ!
5.Каква порака би им дале на новите вработени кои штотуку го започнуваат својот пат овде?
Бидете горди што станувате дел од алкалоидовото семејство. Работете одговорно, посветено и чесно и негувајте ги тимскиот дух и почитта спрема колегите. Успехот доаѓа со трпение, континуиран труд, интегритет и со лојалност спрема компанијата, која нуди многу можности за професионален раст и развој. Искористете го и верувајте во процесот на сопствен развој.
6.Постои ли нешто што денес би го направиле поинаку или би го промениле во текот на Вашето работење во „Алкалоид“?
Задоволна сум од начинот на кој го градев мојот професионален пат и од знаењата и вештините што ги стекнав низ годините. Сепак верувам дека секогаш постои простор за подобрување. Со искуството, знаењето и самодовербата што ги имам денес полесно се справувам со секојдневните предизвици и со носењето одлуки.

Во „Алкалоид“ има простор за напредок за секој што е подготвен да вложува во своето знаење и развој.
90-те години на АЛКАЛОИД се создаваа преку приказните на луѓето што растат заедно со компанијата. Дваесет од тие деведесет години се дел и од професионалниот пат на Бисера Јанеска-Трајковска, помлад менаџер во лабораторијата за суровини.


