test

Респираторни инфекции

Во 2020 година, вирусната пандемија на COVID-19 му покажа на светот колку респираторните вируси можат да бидат смртоносни. Во реалноста, респираторните инфекции се со нас долго време и ќе продолжат да бидат главен извор на човековото страдање и на смртноста.

Покрај вирусите, постојат многу други причинители на респираторни инфекции. Меѓу нив спаѓаат бактерии, габи и други организми коишто можат да ги инфицираат горните дишни патишта (нос, синуси, грло) и/или, уште позагрижувачки, долните дишни патишта и белите дробови (бронхитис и пневмонија). Тие можат да предизвикаат различни симптоми на белите дробови: кашлица, брзо дишење, зелен спутум, глад за воздух, болки во градите при дишење, како и некои општи симптоми, како што се треска, малаксаност, губење телесна тежина.

Респираторните инфекции претставуваат огромен светски товар на здравството:

1. Секоја година скоро 700 000 деца умираат од пневмонија. Осумдесет проценти од смртните случаи се јавуваат кај деца под 2 години и кај возрасни над 65 години. Скоро сите смртни случаи се случуваат во земји со низок и со среден приход.

2. Секоја година има 10 милиони нови случаи на туберкулоза (TB) и 1,5 милиони смртни случаи. Смртта од туберкулоза се јавува претежно кај деца под 5 години и кај возрасни од 20 до 35 години. Над 95 проценти од смртните случаи предизвикани од туберкулоза се во земјите со низок и со среден приход.

3. Вирусните респираторни инфекции може да се појават како епидемии, брзо да се шират во земјите низ целиот свет и да станат глобални пандемии. COVID-19 е една таква респираторна инфекција којашто погоди повеќе од 188 милиони луѓе низ светот, со над 4 милиони починати од почетокот на пандемијата. Товарот ќе продолжи експоненцијално да се зголемува во блиска иднина.

Светскиот ден за свесност за здравјето на белите дробови е на 25 септември. До денес, скоро 200 организации и многу повеќе индивидуалци го поддржуваат овој ден преку акции за здравјето на белите дробови. Оваа година, преку респираторното здравје, коешто е во центарот на вниманието, постои одлична можност да се подигне свеста за товарот на респираторните инфекции и да се повика на:

1. Здравствена безбедност и спречување идни епидемии на COVID-19.

2. Тестови коишто ќе покажат кој е имун, а кој е со ризик да развие болест од нови инфекции.

3. Дијагностички тестови за идентификување и за лекување на оние луѓе со ризик од прогресија на болеста кон тешка форма.

4. Висококвалитетни рандомизирани котролирани студии, со цел да се најдат најдобрите вакцини и третмани.

5. Пристап до ефективна достапна вакцина и третман за сите. Едукација на сите за придобивките од вакцинација и за безбедноста на вакцините против инфлуенца и против пневмокок, како и за вакцината против COVID-19.

Проф. д-р Дејан Докиќ

ЈЗУ Универзитетска клиника за пулмологија, Скопје