test

Горнореспираторни инфекции

Респираторните инфекции можеби се најчестата причина поради којашто пациентите посетуваат лекар. Иако се јавуваат во текот на целата година, есенско-зимскиот период е сезона кога настинките и посериозните респираторни заболувања се најчести.

Според тоа кој дел од дишното стебло го зафаќаат, респираторните инфекции може да бидат горнореспираторни или долнореспираторни инфекции. Вообичаените симптоми при горнореспираторните инфекции вклучуваат секрет од носот, затнат нос, кивање, кашлање, гребење, печење или болка во грлото, болка при голтање, општа слабост, главоболка и тешкотии при дишењето.

Дополнително може да се јават и болки во мускулите, лесно покачена или висока температура, мачнина и губење на апетитот. Овие симптоми траат неколку дена, а ако се појават компликации, и подолго.

Горнореспираторните инфекции се пренесуваат преку контакт со заболено лице, преку секретот од кивање, кашлање или од предметите во непосредната околина на болниот. Ова е особено истакнато во зимскиот период кога најголем дел од денот се престојува во затворени простории.

Причинители на горнореспираторни инфекции се многу микроорганизми: бактерии, вируси, габички. Дијагнозата секогаш треба да се темели на детален преглед од страна на лекар и на точен лабораториски резултат.

Доколку се работи за бактериска инфекција, се препорачуваат антибиотици на коишто е осетлив соодветниот причинител.

Доколку се работи за вирусна инфекција, се препорачува симптоматска терапија којашто вклучува антипиретици, аналгетици, деконгестиви и сл., проследено со одмор и со правилна исхрана.

 

 

Проф. др Ѓорѓи Оровчанец

Прва приватна општа болница Ремедика, Скопје