test

Артериска хипертензија

Артериската хипертензија (АХ) се дефинира според европските препораки за третман на артериската хипертензија од 2018 година, како систолнен крвен притисок (СКП) ≥ 140 mmHg и/или дијастолен крвен притисок (ДКП) ≥ 90 mmHg, измерен во лекарска ординација. АХ е комплексен клинички проблем со мултипли патофизиолошки механизми, кој афектира крвни садови и витални органи и има повеќе терапевтски можности. Со оглед на асимптоматската природа (кај одреден процент од хипертензивна популација), скринингот и дијагнозата на артериската хипертензија се од суштинско значење. Преваленцијата на артериската хипертензија кај нас и во светски рамки има тенденција на зголемување, тргнувајќи од фактот дека популацијата старее, но и дека стапката на лица со покачена телесна тежина се зголемува, а се проценува дека во 2025 година бројката на хипертензивни лица би била околу 1,5 милијарди. На глобално ниво артериската хипертензија е водечка причина за прерана смрт од исхемично срцево заболување и од мозочен инсулт.

Проценката на кардиоваскуларниот ризик (КВР) кај хипертензивните пациенти е од големо значење за идентификација на високоризичните пациенти, како и за индивидуална стратификација на кардиоваскуларниот ризик при избирањето соодветен терапевтски пристап. Одредувањето на кардиоваскуларниот ризик кај лицето ни ја дава веројатноста за развој на кардиоваскуларно заболување (КВЗ) за одреден временски период. Артериската хипертензија ретко се јавува како изолиран ризик-фактор, најчесто е придружена од други ризик-фактори, како на пример дислипидемија и гликозна интолеранција/дијабет, кои значително го зголемуваат КВ-ризикот. Раната контрола на крвниот притисок и на другите кардиоваскуларни ризик-фактори треба да се интензивира, со цел намалување на КВ-случувањата.

Третманот на артериската хипертензија опфаќа нефармаколошки и фармаколошки пристап и зависи од степенот на хипертензија, од кардиоваскуларниот ризик, од присуството на оштетување на органите поврзани со хипертензијата и од присуството на коморбидитети. Кај одредена група хипертензивни пациенти со резистентна форма на хипертензија, во терапевтскиот пристап може да се изведуваат одредени интервентни процедури (ренална денервација и барорецепторна стимулација). Времето потребно за да се постигне контрола на крвниот притисок е важен фактор, особено кај високоризичните пациенти. Изборот на антихипертензивен лек треба да се базира на ефикасноста во намалувањето на крвниот притисок и во намалувањето на КВ-случувањето на долг временски период. Прифаќањето на концептот на почетна терапија со комбинација од два лека има голем ефект врз брзината и врз ефикасноста на контролата на крвниот притисок. Во терапевтскиот пристап придобивката од третманот треба да е поголема од ризикот од антихипертензивниот третман. За да се подобри контролата на крвниот притисок, фокусот треба да се насочи спрема рана детекција и дијагноза на артериската хипертензија, навремена интервенција од аспект на третман, спрема идентифицирање високоризични хипертензивни лица, порана употреба на комбинирана терпија како почетен третман и спрема напори да се обезбеди придржување до препишаната терапија на долг временски рок.

Aс. д-р Нела Костова

ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија – Скопје