test

Хипертензија и кардиоваскуларни појави

Артериската хипертензија е независен предиспонирачки фактор за развој на срцева слабост, коронарна артериска болест, мозочен удар, периферна артериска болест и на ренално оштетување и значаен ризичен фактор за кардиоваскуларен морталитет и морбидитет ¹.

Релацијата меѓу крвниот притисок и ризикот од кардиоваскуларни (КВ) појави е зависна и се однесува на сите возрасни групи, со тоа што систолниот крвен притисок (СКП) претставува поголема причина за КВ-појави во однос на дијастолниот крвен притисок (ДКП) по 50-годишна возраст. Кај помлади индивидуи (< 50 години) имаме почесто покачување на ДКП, којшто е причина за зголемен КВ-ризик. Својот ефект го изразува преку ризикот од развој на атеросклероза и преку оштетување на виталните органи. Од епидемиолошки аспект, поврзаноста меѓу крвниот притисок и кардиоваскуларниот ризик почнува од вредности на крвниот притисок од 115/75 mmHg. Ризикот од кардиоваскуларен морталитет се удвојува за секои 20 mmHg систолен и 10 mmHg дијастолен крвен притисок од основната вредност од 115/75 mmHg ² ³ ⁴ ⁵.

Слика 1 Релација меѓу вредностите на крвниот притисок и васкуларниот ризик

Кардиоваскуларните појави се одговорни за повеќе од 18 милиони смртни исходи секоја година, што е околу една третина од вкупните смртни исходи. Ризикот од развој на КВ-појави во релација со артерската хипертензија зависи од времетраењето на артериската хипертензија, нејзината изразеност, како и од степенот на варијабилноста на вредностите на крвниот притисок. Артериската хипертензија од степен 2 и од степен 3 е поврзана со зголемен вкупен морталитет и со зголемен ризик од КВ-појави, особено меѓу повозрасната популација. Кога се анализирале кардиоваскуларните појави во однос на вредностите на крвниот притисок, ризикот бил поголем кога вредностите на СКП се ≥ 160  mmHg или вредностите на ДКП се ≥ 100  mmHg. Релацијата меѓу КП и кардиоваскуларниот морбидитет и морталитет може да се модифицира/зголеми со постоење на други придружни кардиоваскуларни ризик-фактори. Збирниот ефект од придружните ризик-фактори ја позиционира индивидуата во повисок степен на ризик, зголемувајќи ја можноста за КВ-појави во одреден временски период. Присуството на КВ-заболувања кај индивидуа со хипертензија дополнително ја категоризира индивидуата како високоризична ¹ ⁶.

Оштетувањата на органите поврзани со хипертензијата се однесуваат на структурни и на функционални промени на артериите и на органите, коишто во пораните стадиуми на артериската хипертензија се од реверзибилен карактер ⁷ ⁸ ⁹.

Наведени се најчестите оштетувања на органите поврзани со хипертензијата.

 ⦁ Малите и големите крвни садови – ендотелна дисфункција со задебелување на интима медиjа и васкуларно ремоделирање, атеросклеротични промени, стенози, крутост на големите крвни садови, аневризми на аортата.

 ⦁ Срцево оштетување – левокоморна хипертрофија, коронарна микроангиопатија, коронарна артериска болест, миокарден инфаркт, срцева слабост, атријална фибрилација, абнормалности во спроводливоста.

 ⦁ Цереброваскуларно оштетување – мозочен удар, интрацеребрална хеморагија, лакунарни инфаркти, хипертензивна енцефалопатија, деменција, ретинопатија.

 ⦁ Бубрежно оштетување – албуминурија, протеинурија, нефросклероза, бубрежна слабост.

Артериската хипертензија преку процесот на атеросклероза, васкуларна инфламација, ендотелна дисфункција и преку структурното ремоделирање доведува до макроваскуларни и до микроваскулани заболувања. Макроваскуларните заболувања на големите артерии во овој комплексен инфламаторен процес доведуваат до миокарден инфаркт, мозочен удар и до периферна артериска болест.

Покачените вредности на КП се важен ризик-фактор којшто придонесува за развој на коронарна артериска болест. Резултатите од студијата INTERHEART, во којашто се испитувало влијанието на одредени ризик-фактори за развој на миокарден инфаркт, покажале дека артериската хипертензија како причина била присутна во 25 % од испитаниците. Во студијата PROCAM, во којашто се вклучени мажи на возраст меѓу 40 и 66 години, преваленцијата на артериска хипертензија кај пациентите коишто имале миокарден инфаркт била 14/1000 мажи во период од 4-годишно следење.

Постои јака и честа поврзаност меѓу артериската хипертензија и коронарната артериска болест. Доколку артериската хипертензија е придружена со левокоморна хипертрофија, којашто предизвикува поголема кислородна потрошувачка и намалена коронарна резерва, тоа придонесува за миокардна исхемија и затоа ризикот од развој на КАБ е поголем ¹⁰ ¹¹ ¹².

Хипертензијата доведува до васкуларно оштетување на малите крвни садови во мозокот, но потенцирајќи ја атеросклерозата ги оштетува и поголемите крвни садови, ја зголемува васкуларната резистенција и го потенцира губењето на физиолошките механизми за авторегулација. Овие промени може да доведат до неми мозочни инфаркти, коишто може да се асимптоматски, но понатаму да се причина за суптилни недостатоци во физичката и во когнитивната функција. Присуството на немите инфаркти го удвојуваат ризикот од последователни мозочни удари и од појава на деменција. Кај повозрасните пациенти на возраст > 65 години доста честа е појавата на мозочни удари, околу 75 %.

Артериската хипертензија е многу често застапен ризик-фактор за појава на хипертензивна енцефалопатија, мозочен удар (исхемичен и хеморагичен) и на субарахноидно крвавење. Години наназад се утврдува значењето на артериската хипертензија за развој на васкуларна деменција и на когнитивна дисфункција ¹ ⁷ ¹².

 Васкуларните промени коишто се резултат на артериската хипертензија, како зголемување на средниот артериски притисок и на вкупната васкуларна резистенција, може да доведат до намалување на пречникот на крвните садови и до крутост на артериите. Секако, свое влијание, покрај систолниот и дијастолниот крвен притисок, има и пулсниот притисок. Артериската хипертензија и периферната артериска болест (ПАБ) се придружни болести и околу 35 – 55 % од пациентите коишто имале ПАБ, исто така, имале и артериска хипертензија. При ПАБ, асимтоматска и симптоматска форма, покачениот крвен притисок бил ризик-фактор. Во студијата ATTEST, каде што била испитувана поврзаноста меѓу различните форми на артериска хипертензија и периферната васкуларна болест, како најчесто застапена форма на артериска хипертензија била изолираната систолна хипертензија. Периферната артериска болест е заболување коешто само по себе е поврзано со висок кардиоваскуларен морбидитет и морталитет и, во комбинација со артериската хипертензија, го зголемува ризикот од миокарден инфаркт и од мозочен удар ¹³ ¹⁴.

Артериската хипертензија е често заболување, чијашто преваленција се зголемува со возраста и се проценува дека ќе зафати 65 % од вкупната популација на возраст ≥ 60 години. На глобално ниво популацијата старее. Во 2030 година се проценува дека 20 % од вкупната популација ќе биде на возраст ≥ 65 години.

Влијанието на покачениот крвен притисок врз повозрасната популација во однос на кардиоваскуларните појави се очекува да расте во наредните декади. Влијанието на возраста врз ризикот од кардиоваскуларни појави е доста значаен ¹⁵ ¹⁶ ¹⁷.

Според метаанализите постои долга линеарна релација меѓу покачениот крвен притисок и зголемениот ризик од кардиоваскуларни заболувања, којашто значајно се зголемува со возраста ².

 ⦁ Кај пациенти на возраст од 45 до 54 години – ризикот е 36,1 % кај мажи и 33,2 % кај жени.

 ⦁ Кај пациенти на возраст од 55 до 64 години – ризикот е 57,6 % кај мажи и 55,5 % кај жени.

 ⦁ Кај пациенти на возраст од 65 до 74 години – ризикот е 63,6 % кај мажи и 65,8 % кај жени.

 ⦁ Кај пациенти на возраст од 75 години или постари – ризикот е 73,4 % кај мажи и 81,2 % кај жени.

Поврзаноста меѓу покачениот крвен притисок и кардиоваскуларните појави одамна е докажана во студии, во коишто е вклучена популација од средна возраст и постара популација. Со оглед на фактот дека преваленцијата на артериската хипертензија има тенденција на зголемување меѓу помладата популација, направена е метаанализа од студии каде што се вклучени возрасни млади од 18 до 45 години со покачен крвен притисок. Резултатите укажуваат на лесно зголемување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Овој ризик подоцна се зголемува во текот на животот ¹⁸ ¹⁹.

Податоците од метаанализата на рандомизирани клинички студии покажале дека намалувањето на СКП за 10 mmHg или на ДКП за 5 mmHg е поврзано со значајна редукција на сите големи КВ-појави за ∼20 %, на вкупниот морталитет за 10 − 15 %, на мозочните удари за ∼35 %, на коронарните појави за ∼20 % и на срцевата слабост за ∼40 % ²⁰ ²¹ ²².

Терапискиот пристап (нефармаколошки и фармаколошки), којшто има за цел да го намали крвниот притисок и да постигне оптимална контрола на неговите вредности, е значајна компонета за намалување на кардиоваскуларните појави во релација со артериската хипертензија.

Во студијата PROGRESS, кај 6 105 индивидуи со претходен мозочен удар или со транзиторна исхемична атака, комбинацијата на периндоприл и индапамид го намалил СКП за 12 mmHg, ДКП за 5 mmHg и ризикот од мозочен удар за 43 %. 

Со оглед на високиот степен на корелација меѓу покачениот крвен притисок и КВ-појавите, особено е значајна терапијата на артериската хипертензија, којашто треба да обезбеди не само намалување на вредностите на крвниот притисок туку и спречување на оштетувањето на органите поврзано со хипертензијата, обезбедувајќи срцева и бубрежна заштита и, најважно, намалување на морбидитетот и на морталитетот ²³ ²⁴.

 

Литература

¹ Kjeldsen S.E. „Hypertension and cardiovascular risk: general aspects“. Pharmacol Res 129, 2018, 95–9. 

² Lewington S., Clarke R., Qizilbash N., Peto R., Collins R. „Prospective Studies Collaboration. Age-specific relevance of usual blood pressure to vascular mortality: a meta-analysis of individual data for one million adults in 61 prospective studies“. Lancet 360 (9349), 2002 Dec 14, 1903–13. 

³ Benjamin E.J., Blaha M.J., Chiuve S.E., Cushman M., Das S.R., Deo R., de Ferranti S.D., Floyd J., Fornage M., Gillespie C., Isasi C.R., Jiménez M.C., Jordan L.C., Judd S.E., Lackland D., Lichtman J.H., Lisabeth L., Liu S., Longenecker C.T., Mackey R.H., Matsushita K., Mozaffarian D., Mussolino M.E., Nasir K., Neumar R.W., Palaniappan L., Pandey D.K., Thiagarajan R.R., Reeves M.J., Ritchey M., Rodriguez C.J., Roth G.A., Rosamond W.D., Sasson C., Towfighi A., Tsao C.W., Turner M.B., Virani S.S., Voeks J.H., Willey J.Z., Wilkins J.T., Wu J.H., Alger H.M., Wong S.S., Muntner P. „American Heart Association Statistics Committee and Stroke Statistics Subcommittee. Heart Disease and Stroke Statistics-2017 Update: A Report From the American Heart Association“. Circulation 135 (10), 2017 Mar 07, e146–e603.

⁴ Vishram J.K. et all. „Impact of age on the importance of systolic and diastolic blood pressures for stroke risk: the MOnica, Risk, Genetics, Archiving, and Monograph (MORGAM) project“. Hypertension 60, 2012, 1117–1123.

⁵ He J., Whelton P.K.J. „Elevated systolic blood pressure as a risk factor for cardiovascular and

renal disease“. Hypertens Suppl. 17 (2), 1999 Jun, S7–13.

⁶ „GBD 2017 Causes of Death Collaborators. Global, regional, and national age-sex-specific

mortality for 282 causes of death in 195 countries and territories, 1980-2017: a systematic

analysis for the Global Burden of Disease Study 2017“. Lancet 392, 2018, 1736–88.

⁷ Schmieder E.R. „End organ damage in hypertension“. Dtsch Arztebl Int 107 (49), 2010, 866–73.

⁸ Lip G.Y.H., Coca A., Kahan T., Boriani G., Manolis A.S., Olsen M.H., Oto A., Potpara T.S., Steffel J., Marin F., de Oliveira Figueiredo M.J., de Simone G.,  Tzou W.S., Chiang C.E., Williams B. Reviewers Dan G.A., Gorenek B., Fauchier L., Savelieva I., Hatala R., van Gelder I., Brguljan-Hitij J., Erdine S., Lovic D., Kim Y.H., Salinas-Arce J., Field M. „Hypertension and cardiac arrhythmias: a consensus document from the European Heart Rhythm Association (EHRA) and ESC Council on Hypertension, endorsed by the Heart Rhythm Society (HRS), Asia-Pacific Heart Rhythm Society (APHRS) and Sociedad Latinoamericana de Estimulacion Cardiaca y Electrofisiologia (SOLEACE)“. Europace 19, 2017, 891–911.

⁹ John R. Petrie. „Diabetes, Hypertension, and Cardiovascular Disease: Clinical Insights and Vascular Mechanisms“. Can J Cardiol. 34 (5), 2018 May, 575–584.

¹⁰ E. Escobar. „Hypertension and coronary heart disease“. Journal of Human Hypertension, volume 16, 2002, pages S61–S63.

¹¹ Enrico A. Rosie, Lorenco M. Muiesa. „Hypertension and left ventricular hypertrophy“. European Society of Hypertension Scientific Newsletter, 2007, 8: No 10.

¹² DeVenecia T., Lu M., Figueredo V.M. „Hypertension in young adults“. Postgrad Med 128, 2016, 2017. 

¹³ Dongling Luo, Yunjiu Cheng, Haifeng Zhang, Mingchuan Ba, Pengyuan Chen, Hezhi LiKequan Chen, Weihong Sha, Caojin Zhang, Hao Chen. „Association between high blood pressure and long term cardiovascular events in young adults: systematic review and meta-analysis“. BMJ 2020,  Published 09 September 2020.

¹⁴ Yano Y., Reis J.P., Colangelo L.A. et al. „Association of blood pressure classification in young adults using the 2017 American College of Cardiology/American Heart Association blood pressure guideline with cardiovascular events later in life“. JAMA 320, 2018, 1774–82.

¹⁵ Brunstrom M., B. Carlberg. „Association of blood pressure lowering with mortality and cardiovascular disease across blood pressure levels: a systematic review and metaanalysis“. JAMA Intern Med 178, 2018, 28–36.

¹⁶ Dena Ettehad , Connor A. Emdin, Amit Kiran , Simon G. Anderson , Thomas Callender , Jonathan Emberson , John Chalmers , Anthony Rodgers , Kazem Rahimi. „Blood pressure lowering for prevention of cardiovascular disease and death: a systematic review and meta-analysis“. Lancet 387 (10022), 2016 Mar 5, 957–967.

¹⁷ Costas Thomopoulos, Gianfranco Parati, Alberto Zanchetti. „Effects of blood pressure lowering on outcome incidence in hypertension. Overview, meta-analyses, and meta-regression analyses of randomized trials“. J Hypertens 32, 2014, 2285–2295.

¹⁸ Ettehad D. et al. „Blood pressure lowering for prevention of cardiovascular disease and death: a systematic review and meta-analysis“. Lancet 387, 2016, 957–967.

¹⁹ Dongling Luo, Yunjiu Cheng, Haifeng Zhang, Mingchuan Ba, Pengyuan Chen, Hezhi LiKequan Chen, Weihong Sha, Caojin Zhang, Hao Chen. „Association between high blood pressure and long term cardiovascular events in young adults: systematic review and meta-analysis“. BMJ 2020,  Published 09 September 2020.

²⁰ Yano Y., Reis J.P., Colangelo L.A. et al. „Association of blood pressure classification in young adults using the 2017 American College of Cardiology/American Heart Association blood pressure guideline with cardiovascular events later in life“. JAMA 320, 2018, 1774–82.

²¹ Brunstrom M., B. Carlberg. „Association of blood pressure lowering with mortality and cardiovascular disease across blood pressure levels: a systematic review and metaanalysis“. JAMA Intern Med 178, 2018, 28–36. 

²² Dena Ettehad , Connor A. EmdinAmit Kiran , Simon G. Anderson , Thomas Callender , Jonathan Emberson , John Chalmers , Anthony Rodgers , Kazem Rahimi. „Blood pressure lowering for prevention of cardiovascular disease and death: a systematic review and meta-analysis“. Lancet 387 (10022), 2016 Mar 5, 957–967.

²³ Costas ThomopoulosGianfranco ParatiAlberto Zanchetti. „Effects of blood pressure lowering on outcome incidence in hypertension. Overview, meta-analyses, and meta-regression analyses of randomized trials“. J Hypertens 32, 2014, 2285–2295.

²⁴ Ettehad D. et al. „Blood pressure lowering for prevention of cardiovascular disease and death: a systematic review and meta-analysis“. Lancet 387, 2016, 957–967.

²⁵ "PROGRESS Collaborative Group Randomised trial of a perindopil-based blood-pressure-loweing regimen among 6105 individuals with previuos stroke or transient ischameic attack". Lancet 358, 2001, 1033-1041.

Проф. д-р Магдалена Отљанска

ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија, Скопје