test

Растројства на спиење

Вовед

Сите процеси во природата се одвиваат во одреден ритам, а човековиот организам е создаден да фунционира според дневно-ноќните соларни и лунарни циклуси.

Во последните декади општествено-социјалниот живот на човекот стана многу променлив, со изразено засилување на ноќните активности, со што луѓето се принудени да функционираат со нов, неприроден ритам.

Хроничните растројства на спиењето, како на пример инсомнијата, апнејата при спиење, нарколепсијата и др. зафаќаат сѐ поголем процент од популацијата.

Овие растројства стануваат поактуелни имајќи ги предвид сѐ понапредните технолошки методи со кои дијагностичките процедури значително ја олеснуваат секојдневната работа на лекарите кои се занимаваат со растројствата на спиење (сомнолозите).

Навиките за добро спиење претставуваат еден од главните предуслови за здрав живот, а правилната хигиена на спиењето претпочита правилно менаџирање на сите аспекти на живеење кои имаат влијание врз добриот сон.

Познавањето правилни хронобиолошки процеси може да ни помогне соодветно да ги планираме и да ги насочиме своите активности, почитувајќи ги знаењата за природните циклуси и нивното влијание врз нашето здравје.



Сомнологија

Зборот сомнологија потекнува од зборот сомнус.

Ако се земе предвид просечното времетраење на животот од седумдесет и пет години, дваесет години од животот поминуваат во спиење, а пет години во сонување.

Со откривањето на електроенцефалографијата започнува научното истражување на спиењето. Во лабараториите за спиење денес можно е точно следење на различните фази на спиењето со полисомнограф, со што може да се открие причината за нарушувањата на спиењето.

На едно новороденче просечно му се потребни 16 часа спиење, додека, пак, кај постарите од 70 години потребата од спиење се намалува на 6 до 7, а понекогаш и на 5 часа (некои се сомневаат во оваа појава на силно повлекување на потребата од спиење во староста и тврдат дека причината за тоа е дека постарите обично практикуваат попладневно спиење и легнување рано, па од таа причина и се будат порано). Освен тоа, постојат очигледни индивидуални разлики. Постојат „утрински луѓе“ и „вечерни луѓе“, а потребата од спиење зависи, исто така, и од физичките и од умствените напори во текот на денот. Пречките во спиењето, вообичаено, се интензивираат со староста. Вообичаено е дека времетраењето на длабокиот сон сѐ повеќе се намалува со староста, а со тоа, секако, доаѓаат и појавите на сѐ почестите посилни или послаби заболувања, кои влијаат врз спиењето.

Дневно-ноќен ритам и спиење

Дневно-ноќниот ритам на функционирање на луѓето, всушност, претставува начин за постигнување задоволувачка, консолидирана будност преку ден. Спиењето е нешто повеќе од напуштање на свесната состојба и одмор од надворешни стимули. Тоа е комплексен и динамичен процес. Во нормални дневно-ноќни околности ритамот на спиење, будност, е долг 24 часа.

Растројствата на спиењето, вклучително и депривацијата на спиењето, имаат големо влијание врз квалитетот на живот на пациентите. Студиите покажуваат дека пациент со растројство на спиење двапати повеќе денови годишно поминува во кревет поради болест, отколку пациент без растројство на спиење, има 3 – 4 дена повеќе отсуство од работа поради боледување и 25 % поголеми здравствени трошоци.

Хронобиологија

Областа на хуманата хронобиологија вклучува проучување на основните компоненти на циркуларните регулаторни системи (приближно 24 часа) и нивна модулација на голем број биолошки и невробихејвиорални функции.

ТИП – за да функционира со полн капацитет, човекот мора да има квалитетен сон и, обратно, за да има квалитетен сон, човекот треба да функционира со полн капацитет преку ден.



Растројства на спиењето

Според интернационалната класификација на болестите на сонот (ИЦСД), постојат 66 заболувања од оваа област.

Најпознати болести што се третираат во специјалистичка психијатриска амбуланта или во амбуланта за сомнологија се:

 • парасомнии (Pavor nocturnus, ноќни терори, сомнамбулисмус);

 • нарколепсија;

 • инсомнија (психофизиолошка, психогена);

 • синдром на немирни нозе (RLS-Restless Leg Syndrome);

 • нарушување на деноноќниот ритам (при работа во смени, Jet-lag).

Ноќна мора (pavor nocturnus)

Ноќниот страв и ноќната мора се типични растројства на сонот во детската возраст, кои се манифестираат со гласно викање или плачење во сон, како манифестација на стравот, проследени со вегетативни симптоми, како на пример тахикардија, тахипнеја и потење.

Единствената разлика се состои во тоа што pavor nocturnus се јавува во длабок сон 2 до 3 часа по заспивањето, додека, пак, ноќната мора се јавува во РЕМ-фазата на спиење, при крајот на спиењето.

Pavor nocturnusНоќен терорSomnambulismus
СимптомНагло седнување со крик, страв, срцебиење и со гушењеБудење со сеќавање на сонотСтанување, одење, стереотипни движења, зборување, викање и вршење намерни дејства
ПојаваВозраст 4 – 12 години, почесто кај момчињата5 % претшколски деца, 50 % до 10-тата годинаОд 5-тата до 15-тата година, почесто кај момчињата
ПричинаФебрилност и депривација на сонотПсихичко оптоварување и психофармациСтрес, невролептици и фебрилност
Време на појаваПрвата третина на сонотПоследната третина на сонотНајчесто во првата третина на сонот
EEG во сонДелта бранови, arousalREM-сонДелта сон, arousal
Диференцијална дијагнозаПарцијална епилепсијаПарцијална епилепсијаПсихомоторни напади, енуреза и pavor nocturnus

Сомнабулизам

Сомнабулизмот е нарушување на спиењето, кое е уште познато и под името „месечарење“. Ова име на заболувањето доаѓа од нагонот на лицето кое месечари да се движи кон извор на светлина, како што е светилката или, пак, месечината. Типично, сомнабулизмот се јавува во детската возраст, до 15-тата година од животот, и спонтано исчезнува. Доколку се појави или доколку постои и во понапредната возраст, причината треба да се бара во невролошки заболувања или, пак, во потсвесни и во интрапсихички, нерешени конфликти.

Сомнамбулизмот се јавува во длабоката фаза на спиењето, во првата третина од сонот, и се манифестира или преку седнување на креветот, со или без неповрзано зборување, или, пак, преку станување и одење. Пациентот обично има вкочанет израз на лицето и очите му се отворени, но не прима надворешни дразби. По будењето лицето не се сеќава што се случило. Причините за појава на сомнамбулизмот се непознати, но во одделни случаи се работи за наследно заболување. Надворешните фактори можат да придонесат за појава на сомнамбулизмот, како на пример: депривација на спиењето, консумирање алкохол пред спиење, фебрилност или, пак, земање одредени лекови, како што се литиумот, хлорпромазинот или бета-блокаторите.

Во детската возраст терапијата се состои од советување на родителите за да се спречат несакани повреди за време на месечарењето. Детето не треба да се буди и не треба да му се вика, туку треба да се следи на неговиот пат и да му се влијае смирувачки, сè додека самото не се разбуди.

Со текот на времето доаѓа до опаѓање на зачестеноста на сомнамбулистичките напади. Целта е заштита од опасни ситуации (обезбедување на просториите).

Кај возрасните сомнамбулизмот е секогаш поврзан со психопатолошки наод или комбинација со pavor nocturnus. Во тој случај се препорачуваат бихејвиорална терапија и медикација со лекови од групата на ССРИ-антидепресиви.

Инсомнија (Несоница)

Хроничната несоница е едно од најчестите заболувања поради кое луѓето бараат медицинска помош. Во западноевропските земји несоницата се јавува кај една четвртина до една третина од населението. Несоницата се јавува како симптом на многубројни соматски, ментални растројства или како придружна појава на акутна трауматска или посттрауматска ситуација.

Во натамошниот тек на нарушувањето инсомнијата се осамостојува и се развива во посебен ентитет, односно како самостојна хронична болест.

Една репрезентативна студија со 1997 интервјуирани испитаници (референца?) ги прикажува следниве податоци за Западна Германија: 25 % од населението страда од несоница, 67 % од испитаните покажуваат прекумерен дневен замор, 17 % земаат таблети за спиење, а 3 % од нив секојдневно или неколку дена во неделата.

Фактори што водат кон хронифицирање на несоницата се:

 • неправилно однесување кон спиењето;

 • долго лежење во будна состојба;

 • прекумерно лежење за време на викенд или на одмор;

 • дневно спиење;

 • нередовно време на легнување и на станување;

 • гледање на часовникот ноќе;

 • доцно консумирање последен оброк пред спиење;

 • консумирање алкохол пред спиење;

 • читање или гледање телевизија во лежечка положба.

Доколку едно лице боледува од редовен недостиг на спиење, доаѓа до сериозни последици, како што се, на пример, немоќ за концентрација и тешка изнемоштеност, при што луѓето најчесто биваат изненадувани од кратки, непожелни напади на сонливост.

Кај лицата кои се учесници во сообракајот или кои извршуваат одговорна работа ова може да предизвика далекосежни и несакани последици. Недостигот од спиење може, покрај намалување на работоспособноста, да резултира и со значајно намалување на имунитетот кај поединецот.

Иако оние кои страдаат од несоница бараат помош за овој проблем, тој се третира, главно, во склоп на други заболувања. Инсомнијата означува тешкотија при заспивањето и при одржувањето на континуитетот на сонот, која се јавува најмалку трипати во неделата и трае подолго од еден месец. Според интернационалната класификација на болестите, додадени се уште два критериуми: прекумерен ангажман со проблемот на несоница и страв од последиците на лошото спиење. Инсомнијата се карактеризира со тешкотии при заспивањето и при преспивањето, кои се опфатени под поимот „инсомнија“.

Во Америка дури една третина на населението страда од инсомнија. Таа нема влијание само врз спиењето, туку и врз будната состојба во текот на денот, бидејќи како нејзина последица доаѓа до дневна премореност и до опаѓање на концентрацијата. Лесно може да се сфати дека како последица на лошото спиење во ноќта се јавува дневната премореност.

Терапевтски пристап

 • Посебни техники, како на пример рестрикција на сонот и когнитивна или психотерапија, се прават од сомнолози. Целта на лечењето со методата на рестрикција на сонот е повторна синхронизација на сонот со физиолошките деноноќни осцилации на телото и на целокупниот биоритам.

 • Важно е да се пресметаат трошоците за здравството предизвикани од нетретираната инсомнија. Додека ваквите трошоци во индустријализираните земји се во тек на пресметување или се веќе евидентни, не постојат соодветни податоци во земјите во развој.

Мелатонин

Мелатонинот е природен хормон. Мелатонинот што се користи како додаток обично е синтетски.

Луѓето го користат за да го приспособат внатрешниот часовник на телото. Се користи за несоница, за приспособување на циклусите на спиење-будење кај лица чиј дневен распоред се менува (нарушување на работното место) и за помагање слепите лица да воспостават дневен и ноќен циклус.

Исто така, се користи и како помош за спиење по прекин на употребата на лекови од групата на бензодијазепини и за намалување на несаканите ефекти од прекин на пушењето.

Производството на мелатонин игра голема улога во регулацијата на дневно-ноќниот ритам на човекот.

Кога е светло, производството на мелатонин се намалува. Мелатонинот дејствува инхибирачки врз целокупната психомоторна активност и предизвикува замор. Од тие причини мелатонинот е наречен „хормон на спиењето“.

Фармаколошки третман на несоницата

 • Агонисти на бензодијазепински рецептор со кратко средно дејство (BZD / BzRAs) или Ramelteon – примери на овие лекови вклучуваат Золпидем, Зопиклон, Залеплон и Темазепам.

 • Антидепресиви, особено кога се користат во комбинација со лекување коморбидна депресија/анксиозност: Тразодон, Амитриптилин, Доксепин и Миртазапин

 • Комбиниран BzRA или Ramelteon и седативен антидепресив.

 • Други седативни агенси: примери вклучуваат антиепилептични лекови (Габапентин и Тијагабин) и атипични антипсихотици (Кветијапин и Оланзапин).

 • Постари одобрени лекови за несоница, вклучувајќи барбитурати, лекови со барбитуратен тип и хлорален хидрат не се препорачуваат за третман на несоница (консензус).

ОТЦ-препарати

Препарати кои содржат мелатонин, валеријана и други хербални екстракти (Лунерба плус).

Синдром на немирни нозе

Преглед

Синдромот на немирни нозе (RLS) е состојба што предизвикува неконтролиран нагон за движење на нозете, обично поради непријатна сензација. Тоа обично се случува во вечерните или во ноќните часови, при седење или при легнување. Преместувањето го олеснува непријатното чувство привремено.

Синдромот на немирни нозе, исто така познат како Вилис-Екбом болест, може да започне на која било возраст и генерално се влошува со стареењето. Може да го наруши спиењето, што се меша со секојдневните активности.

Едноставните чекори за самогрижа и за промени во животниот стил може да помогнат за ублажување на симптомите.

Лековите им помагаат и на многу луѓе со RLS. Симптомите се јавуваат главно ноќе. RLS може да биде поврзана со друга, почеста состојба наречена „периодично движење на екстремитетите во сон“, што предизвикува нозете да се грчат и да клоцаат, можеби во текот на целата ноќ, при спиење.

Луѓето обично ги опишуваат симптомите на RLS како абнормални, непријатни сензации во нозете или во стапалата.

Тие обично се случуваат од двете страни на телото. Поретко сензациите влијаат и врз рацете. Понекогаш сензациите тешко се објаснуваат. Луѓето со RLS обично не ја опишуваат состојбата како мускулен грч или како вкочанетост. Сепак, тие постојано ја опишуваат желбата да ги движат нозете. Вообичаено е симптомите да варираат со сериозноста. Понекогаш симптомите исчезнуваат за одредено време, а потоа се враќаат.

Нарушување на деноноќниот ритам

Во групата на несоници поврзани со нарушен деноноќен ритам спаѓаат: jetlag (синдром на различни временски зони), како и синдромот на работи во смена. Една четвртина од работоспособното население работи во смени, а од него 10 % страда од синдром на ноќни смени.

Причината за појава на ова нарушување се должи на нефизиолошкиот начин на работа: работникот кој работи во смени е активен кога нормално треба да се спие и, обратно, треба да спие кога, всушност, биоритамот налага активност. Исто така, мелатонинот има централно значење за регулирање на деноноќниот ритам.

Мелатонинот се лачи во епифизата ноќе. Истовремено, предуслов за доволно лачење на мелатонинот е експозицијата на светлина во текот на денот, која се апсобира преку ретината. Бидејќи работниците кои работат во смена, работејќи ноќе, а спиејќи дење, не апсорбираат доволно количество светлина, страдаат од дисрегулација на лачење на мелатонинот, што уште повеќе негативно влијае врз деноноќниот ритам.

Главни симптоми на синдромот на работа во смена се:

1. несоница и

2. замор во текот на денот.

Најважен аспект на терапијата се хигиената на спиењето, како и бихејвиоралната когнитивна терапија. Но и други фактори имаат значење за третманот на ова заболување, како што се правилната ротација на смените, доволното време за одмор помеѓу смените, правилната исхрана и задоволителниот социјален живот.

Полисомнографија

Полисомнографијата означува преглед во една лабораторија за полисомногафија, кој се врши за време на спиењето. Пациентот доаѓа навечер и си заминува наутро по снимањето.

Се препорачува пациентот да се снима две, а не само една ноќ, бидејќи во првата ноќ се очекува полош квалитет на спиењето, отколку што е тоа вообичаено, додека да се приспособи на новата околина.

За време на снимањето се мерат следниве сигнали:

 • електроокулограм;

 • електромиограм на m.mentalis;

 • електромиограм на mm. Tibialisanterior обострано;

 • електроенцефалограм со две до четири електроди;

 • електрокардиограм;

 • абдоминално дишење;

 • торакално дишење;

 • со помош на мал микрофон се регистрира ’ркањето;

 • проток на воздух низ носот;

 • со помош на актометар се регистрира положбата на телото.

Сите сигнали што се регистрираат во текот на ноќта се следат на еден монитор, а наутро, по будењето на пациентот, се врши анализа на сигналите.

Неопходно е снимањето да биде проследено и со видеоснимка бидејќи еден дел од пациентите кои страдаат од епилепсија или од парасомнија покажуваат моторни феномени и движења, кои со видеоснимката најдобро можат да се регистрираат.

Корисни совети за спиење

1. Добриот, удобен кревет е „прв закон“ на доброто спиење. Потребна е убава, удобна, тивка и чиста спална соба.

2. Редовни навики за спиење – да се оди во одредено време во кревет и да се станува во одредено време.

3. Креирање и почитување правила за дневен распоред на активностите, што води кон редовен и кон соодветен дневно-ноќен ритам на функционирање.

4. Креветот служи за спиење, НЕ за гледање тв или за играње на компјутер.

Телевизорот во спалната соба е непријател на добриот сон, исто како и играњето или работата на компјутер. Не седи во кревет ако си буден. Имај навика да легнуваш во својот кревет кога заспиваш.

5. Релаксација пред спиење

Заврши ги работните обврски неколку часа пред спиење. Планирањето и грижите за следниот ден, исто така, комплетирај ги. Спортските активности го помагаат доброто спиење, но се препорачуваат, исто така, неколку часа пред спиење.

6. Да се избегнуваат алкохол, цигари и кофеински напитоци

Алкохолот, кафето и кофеинските напитоци пред спиење се непријатели на добриот сон.

Литература

  1. American Academy of Sleep Medicine. International classification of sleep disorders, revised: Diagnostic and coding manual. Chicago: American Academy of Sleep Medicine; 2001.

  2. American Psychiatric Association. Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders. 5th ed. Arlington: American Psychiatric Publishing; 2013.

  3. Berk M. Sleep and depression. Aust Fam Physician. 2009;38(5):302–4.

  4. Buysse DJ. Insomnia. JAMA. 2013;309(7):706 

  5. Crispim CA, Diniz RM, Dattilo M, Cavagnolli DA, Faria APD. Gender differences in the relationship of sleep pattern and body composition in healthy adults. Sleep Sci. 2011;4(2):39–40.

  6. Ellis JG, Perlis ML, Bastien CH, Gardani M, Espie CA. The natural history of insomnia: acute insomnia and first-onset depression.

  7. Espie CA, Kyle SD, Hames P, Gardani M, Fleming L, Cape J. The Sleep Condition Indicator: a clinical screening tool to evaluate insomnia disorder. BMJ Open. 2014;4(3):e004183 

  8. Monti JM, Monti D. Sleep disturbance in generalized anxiety disorder and its treatment. Sleep Med Rev. 2000;4(3):263–76.

  9. Moreno C, Marqueze EC, Sargent C, Wright KP Jr, Ferguson SA Jr, Tucker P. Working Time Society consensus statements: Evidence-based effects of shift work on physical and mental health. Ind Health. 2019;57(2):139–57 

  10. Nutt D, Wilson S, Paterson L. Sleep disorders as core symptoms of depression. Dialogues Clin Neurosci. 2008;10(3):329–36.

  11. Ohayon MM, Reynolds CF. Epidemiological and clinical relevance of insomnia diagnosis algorithms according to the DSM-IV and the International Classification of Sleep Disorders (ICSD). Sleep Med. 2009;10(9):952–

  12. Stranges S, Tigbe W, Gómez-Olivé FX, Thorogood M, Kandala NB. Sleep problems: an emerging global epidemic? Findings from the INDEPTH WHO-SAGE study among more than 40,000 older adults from 8 countries across Africa and Asia. Sleep. 2012;35(8):1173–81 

Доц. д-р Стојан Бајрактаров

ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија , Скопје