29 јул. 2019 г.
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз од 21%, раст на консолидираната нето добивка од 22%, инвестиции во износ од 422 милиони денари и 80 нови вработувања во периодот јануари – јуни 2019-та
„Алкалоид“ со раст на консолидираниот извоз од 21%, раст на консолидираната нето добивка од 22%, инвестиции во износ од 422 милиони денари и 80 нови вработувања во периодот јануари – јуни 2019-та
„Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2019 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех.
Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 4.138.296.380 денари, што е за 13% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 846.016.625 денари, бележи зголемување од околу 21%, единечната нето добивка изнесува 476.943.692 денари и истата е зголемена за 19%.
Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 5.527.969.892 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 6%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 21%. Од вкупните консолидирани продажби, 34% се остварени на домашен пазар, додека 66% се остварени на странски пазари.
Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби. Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 208.941.531 денари што е 3 пати повеќе од лани и Русија со продажби од 349.136.633 денари што претставува раст од 95% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Германија раст од 49%, Бугарија раст од 32%, Украина раст од 31%, Романија раст од 27%, Чешка раст од 26%, САД раст од 15%, Косово раст од 15%, Србија раст од 12%, Црна Гора раст од 11%, Словенија раст од 9% итн.
Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 16%, Антибиотиците со 15%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 3%.
Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 865.953.790 денари бележи раст од 22%, додека нето консолидираната добивка во износ од 460.762.242 денари е зголемена исто така за 22%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари - јуни 2019 година изнесуваат 421.718.320 денари.
Во периодот јануари - јуни 2019 година во Алкалоид се реализирани 80 нови вработувања во Република Северна Македонија.