18 фев. 2021 г.
АЛКАЛОИД АД во конкуренција со најдобрите компании од светот на шаховската табла
АЛКАЛОИД АД во конкуренција со најдобрите компании од светот на шаховската табла
Светската шаховска федерација од 19 до 21 февруари го организира „I Светски шаховски шампионат за корпорации“ (1st FIDE Online World Corporate Chess Championship 2021) кој ќе се игра преку интернет, со временско темпо за секоја партија по 10 минути за секој играч и дополнително 2 секунди за секој потег. Право на учество имаат корпорации од целиот свет, а секоја екипа ќе биде составена од вработени во компаниите со право на учество на еден надворешен член со цел да се засилат тимовите и да се подигне нивото на квалитет на играта.
На шампионатот се пријавени 288 екипи од сите континенти а учество ќе земат најпознатите и врвни светски компании од различни бранши како: Amazon, Socar, Vodafone, Siemens, IBM, Eli Lilly; информатички фирми како: Microsoft, Google, Facebook, Twitter, Yandex, Kaspersky, LinkedIn, Oracle; банкарски, ревизорски и финансиски институции: Сбер Банк, Morgan Stanley, Grenke Bank, American Express, European Investment Bank, Goldman Sachs, Credit Suisse, Societe Generale, Deutsche Bank, Czech National Bank, Bank of Russia, Paypal, European Patent Office The Hague, Ernst & Young, Deloitte, KPMG и тн.
Доказ за високото ниво на овој шампионат е и интересот за учество кој го потврдија големи светски имиња од светот на шахот како светскиот шампион Магнус Карлсен, Европскиот шампион за 2019 година Владислав Артемиев (Русија), потоа Јан Непомњаши (Русија), Аниш Гири (Холандија) како и поранешните светски шампионки Антоанета Стефанова (Бугарија) и Марија Музичук (Украина).
За екипата на АЛКАЛОИД АД ќе настапат: ИМ Дејан Стојановски (надворешен член, од ШК Алкалоид), и вработени во компанијата: ИМ Филип Панчевски, ИМ Никола Димовски, ЖФМ Моника Стојковска, и ЖФМ Лидија Софревска Андонова
Шаховскиот клуб „Алкалоид“ е формиран 1976 година, по завршување на тогаш традиционалниот и мошне силен меѓународен шаховски турнир „Средба на солидарноста“ кој се одржувал во Скопје во организација на Шаховскиот сојуз на Македонија. Учесниците на турнирот биле примени во официјална посета во „Алкалоид“, по која тогашниот светски шампион Анатолиј Карпов одиграл и симултанка со вработени во компанијата.
„Алкалоид“ континуирано ја поддржува шаховската игра а шаховскиот клуб на компанијата беше Европски Првак за 2016 г., Европски вицешампион за 2017г. а континенталната титула ја делеше во 2018 и 2019 година на третото односно четвртото место.
Првиот светски шаховски шампионат ќе може да се следи преку www.chess.com