28 фев. 2013 г.
„Алкалоид“ доби Златна Бубамара за општествено одговорна компанија
„Алкалоид“ доби Златна Бубамара за општествено одговорна компанија
Во опуштена атмосфера, низ смеа до солзи и пред повеќе од 2 000 гости, „Златна бубамара на популарноста“ годинава го прогласи „Алкалоид“ за општествено одговорна компанија.
Честа за доделување на признанието му припадна на истакнатиот епилептолог, проф. д-р Тодор Чепреганов.
Не штедејќи епитети и пофални зборови за раководството на „Алкалоид“ и за активностите на оваа компанија, проф. Чепреганов истакна дека му претставува особено задоволство што една од најуспешните македонски компании ќе круниса со признание: „Ова е компанија со којашто, мора да признаам, и јас растев овие 50 години, компанија која има голема визија и е проширена веќе и надвор од нашата земја, компанија која безрезервно инвестира во медицината и во знаењето и во којашто вработените со задоволство го поминуваат работното време, без притисоци и без мобинг“. Со овие зборови проф. Чепреганов го покани на сцена генералниот директор на „Алкалоид АД – Скопје“, г. Мукаетов, да ја подигне статуетката, како што рече: „од рацете на близок пријател“.
Мукаетов истакна дека му е особена чест и задоволство што „Алкалоид“ е дел од оваа манифестација и наградата им ја посвети на вработените во компанијата.
„Ова не е само награда за генерацијата којашто моментално работи во „Алкалоид“, за сите 1400 вработени, туку и за генерациите кои во изминатите 76 години биле дел од неа. Ние сме компанија која се грижи за заедницата, за среќата на граѓаните, за што повеќе насмеани лица. Во таа насока и ќе продолжиме со уште позасилено темпо“, истакна г. Мукаетов во своето пригодно обраќање на свечената церемонија на доделувањето на статуетките.
„Алкалоид“ досега има добиено неколку награди и признанија за корпоративна општествена одговорност.