15 фев. 2023 г.

„Алкалоид“ ја официјализираше новата соработка како генерален спонзор на Македонската таеквондо федерација


Спортот во „Алкалоид“ има долга историја и богата традиција. Децении наназад, компанијата помагала и помага разни ентитети на клупско, репрезентативно и индивидуално ниво во бројни спортови, како: фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пливање, борење, алпинизам и други. 


Скоро 47 години, во рамки на компанијата функционира шаховскиот клуб „Алкалоид“ кој важи за еден од најдобрите европски клубови, а од неодамна отпочна со работа и ракометниот клуб „Алкалоид”, со амбициозна програма посветена на развој на млади македонски ракометни таленти. 



Согледувајќи ги потенцијалите и сериозната посветеност на работењето на Македонската таеквондо федерација, „Алкалоид“ АД Скопје одлучи да даде сериозна поддршка во финансиски средства и останати логистички ресурси на овој ентитет во текот на 2023/24 година.

 


Во тој контекст „Алкалоид“ денес ја официјализираше новата соработка како генерален спонзор на Македонската таеквондо федерација, во присуство на спортската јавност. На одржаната прес-конференија во х. „Double Tree by Hilton“ Скопје, договорот за соработка го потпишаа Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов и Претседателот на Македонската таеквондо федерација, Борче Костовски. Меѓу присутните учесници беше и репрезентативецот на МФТ и член на ТК „Бутел“, Дејан Георгиевски, кој националниот олимписки сон го претвори во реалност и заедно со својот тренерски тим е заслужен за одликувањето на македонското таеквондо со престижен сребрен медал.. 



Македонско таеквондо, како еден трофеен сегмент од поновата спортска историја, последниве години успева да задржи еден солиден резултатски континуитет. Начнувајќи ја оваа предолимписка година, Македонската таеквондо федерација е фокусирана на добивање уште една олимписка виза, а паралелно со тоа, посветено работи и на развој на овој спорт на сите генерациски нивоа. 



За „трка“ без препреки за учество на ЛОИ 2024 во Париз, притоа базирајќи се на досегашниот резултатски контнуум на македонското таеквондо, „Алкалоид“ како општествено-одговорна компанија со силно изразена стратешка определба за поддршка во сите сфери од општествениот, спортскиот, образовниот, здравствениот и културниот живот во Македонија, рамо до рамо со федерацијата ќе даде поддршка во борбата за освојување нова олимписка гордост.