Alkaloid AD Skopje logo

Алкалоид на форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“

Патот кон европските пазари го изградивме сами, чекор по чекор, со квалитет, стандарди и визија насочена надвор од границите

 

Бизнис-клубот „Европа“, како советодавно тело на Стопанската комора на Македонија, во Виница го организираше форумот „Европската перспектива на македонскиот бизнис“. На панелот насловен „Единствениот пазар на ЕУ: колку е подготвена македонската економија?“ учествуваше и генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

 

1_ezgif.webp

 

Посочувајќи ја фармацијата како една од најрегулираните индустрии во светот, во која успехот се темели на доверба, квалитет и строга усогласеност со меѓународните стандарди, Мукаетов истакна дека „Алкалоид“ расте и се развива во таква комплексна средина, останувајќи доследен на своето мото Здравјето пред сè.

 

2_ezgif.webp

 

Од 53 милиони евра продажби во 2005 година, денес компанијата достигнува 339 милиони евра консолидирани продажби, од кои 220 милиони евра се извоз. Со повеќе од 3000 вработени и со присуство на повеќе од 50 пазари, преку своите 27 подружници низ светот „Алкалоид“ прерасна во значаен регионален фармацевтски производител.

 

3_ezgif_com.webp

 

Клучна пресвртница во деветдеценискиот развој на компанијата беше визијата од 1994 година за изградба на современи производствени капацитети и за воведување високи стандарди на корпоративно управување. Влезот на пазарот на ЕУ во 2007 година со GMP-верификација и со првата дозвола за лек го отвори патот до повеќе од 1000 одобренија за производи во Унијата.

 

4_ezgif.webp

 

„Иако како компанија од земја надвор од ЕУ се соочуваме со подолги регулаторни процедури и ограничен пристап до финансиска поддршка, континуирано инвестираме во технологија, знаење и квалитет. Нашиот раст е резултат на стратегијата, истрајноста и визијата насочена надвор од границите. Тој пат не беше однапред трасиран, туку го изградивме сами, чекор по чекор, со посветеност, дисциплина и доследна примена на највисоките стандарди во работењето“, истакна Мукаетов во своето обраќање.

 

5_ezgif.webp

 

На панелот учествуваа и Глигор Цветанов од „Макпрогрес“ Виница, кој е претседател на Бизнис-клубот „Европа“; Мариa Канелопулу, прв советник и раководител на Секторот за економски прашања, градење институции и за прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ, и Драган Тилев, државен советник за европски прашања. 

 

6_ezgif.webp

 

Бизнис-клубот „Европа“ е формиран на иницијатива на претседателот на Комората, Бранко Азески, како платформа за дијалог меѓу бизнис-заедницата, академијата, носителите на евроинтегративните процеси и европските дипломатски претставници. Во фокусот се прашањата поврзани со ЕУ, интеграцијата на македонската економија во европските текови и со креирањето политики спрема ЕУ од бизнис-перспектива.