29 апр. 2021 г.
„Алкалоид“ – резултати од работењето за периодот јануари-март 2021 година
„Алкалоид“ со консолидирани продажби во износ од 3,27 милијарди денари, со 58 нови вработувања во земјата и со инвестиции во износ од над 178 милиони денари во периодот јануари-март 2021 г.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-март 2021 година, продажбите достигнуваат 2.406.134.466 денари, што е за 4% помалку во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3.273.226.394 денари, што е за 3% помалку во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 14%. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е намален за 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 33% се остварени на домашен пазар, додека 67% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 1% од вкупните консолидирани продажби.
Минималното намалување на продажбите во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период од 2020 година се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти и тоа, пред сѐ, на извозните пазари, што беше реализирано во март 2020, предизвикано од почетокот на КОВИД-19 пандемијата.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 21%, антибиотиците со 19%, кардиолошките препарати со 15%, невролошките препарати заземаат 14% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3%, козметиката со 7%, а билкарството учествува со 2%.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 514.698.816 денари, бележи зголемување од околу 12%, додека единечната нето-добивка изнесува 283.499.233 денари и е зголемена за 11%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 606.551.018 денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 346.686.179 денари е зголемена за 10%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-март 2021 година, изнесуваат 178.821.567 денари.
Вработени
Во периодот јануари-март 2021 година во „Алкалоид“ се реализирани 58 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата „Алкалоид“ брои 2.430 вработени, од кои 1.860 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-март 2021 година се движеше од 13.300,00 денари до 14.530,00 денари или просечно 13.917,00 денари за една акција, што претставува раст од 14,9% во споредба со просечната цена во истиот период од 2020 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.03.2021 изнесуваше 20,5 милијарди денари.
Бизнис-план за 2021 година
Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година. Остварените резултати во првиот квартал од 2021 година ги надминуваат зацртаните плански цели.
Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност.