27 јул. 2015 г.
Амбасадорот на Руската федерација со јубилеен медал за Живко Мукаетов
Амбасадорот на Руската федерација со јубилеен медал за Живко Мукаетов
При официјалната посета на најголемата македонска фармацевтска индустрија, „Алкалоид АД“ Скопје, Амбасадорот на Руската Федерација на Република Македонија, Н.Е. г. Олег Шчербак на Генералниот директор и Претседател на УО на компанијата, г. Живко Мукаетов, му врачи специјално одликување, медалот „70 години од Победата” за неколкукратната помош укажана на воените ветерани од Втората Светска Војна.
Според некои податоци, денес во светот постојат околу 3 милиони ветерани од Втората светска војна. Дневно умираат околу 500 од нив, а проценката е дека до 2038 година нема да има преживеани од овoj најголем конфликт во светската воена историја.
„Ова признание за мене е огромна чест и посебно ми е драго што ние како компанија на симболичен начин дадовме придонес за луѓето кои ги преживеале воените виори и ги жртвувале своите животи за победа над фашизмот“, истакна г. Живко Мукаетов на пригодната церемонија. Неговата Екселенција, Амбасадорот Олег Шчербак истакна дека врачувањето на ова признание му претставува огромна чест, изразувајќи надеж дека хуманата мисија на г. Мукаетов и компанијата „Алкалоид“ ќе продолжат и во иднина.
„Русија, Република Македонија и сите членови на меѓународната заедница одбележуваат истакнат настан во историјата на човештвото - 70 години од победата над фашизмот. Во тој контекст, за мене претставува голема чест денес да му врачам признание на г. Мукаетов, ценејќи ја неговата благородна и хумана дејност која е достојна за висока почит. Овој медал е доделен од рускиот организационен одбор „Победа“ предводен од Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин. Имајќи ја предвид неколкукратната помош од страна на компанијата Алкалоид преку донација на лекови и медицински производи, од сé срце им посакувам уште поголеми успеси како на г. Мукаетов, така и на сите вработени во компанијата“, истакна Н.Е. г. Шчербак.
Покрај Мукаетов, признанија од Руската Федерација им беа доделени и на Претседателот на Република Македонија, Н.Е. проф. д-р Ѓорге Иванов, Центарот за холокауст во Скопје, Ректорот на Универзитетот „Св. Kирил и Методиј“, Проф. д-р г. Велимир Стојковски и г-ѓа Мирка Велиновска, новинар.
Фаталната статистиката од најголемата војна во историјата на човештвото брои од 50 до 80 милиони човечки животи, а бројот на жртви од Втората Светска војна од Република Македонија изнесува околу 33.000 човечки животи.