16 мар. 2015 г.
Амбасадорот на САД во работна посета на „Алкалоид“
Амбасадорот на САД во работна посета на „Алкалоид“
Делегација од Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија предводена од неговата екселенција, Амбасадорот Џес Л. Бејли, денес оствари официјална работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.
Целта на посетата на високите дипломатски претставници беше запознавање со резултатите од работењето на компанијата, нејзините пласмани и производното портфолио. Беа презентирани и бројните инвестиции кои „Алкалоид“ континуирано ги реализира низ годинините, како и извозните активности кои се еден од клучните сегменти од корпоративната политика на компанијата.
Акцентот на посетата беше ставен на долгогодишната успешна соработка на компанијата со Соединетите Американски Држави каде ,,Алкалоид АД“ Скопје во почетокот на 2006 година основаше своја подружница „Алкалоид УСА“ со седиште во Њу Олбани, Охајо. На ваквиот деловен потег му претходеше успешната деловно-техничка соработка со реномирани компании од САД, како Фајзер од Њујорк и Мерк Шарп и Дом (MSD), трасирани во далечната 1956 година.
Во моментов, „Алкалоид“ во своето потрфолио има неколку лекови кои се произведуваат под лиценца на реномирани американски фармацевтски куќи, како и маркетиншки авторизации за застапство на фармацевтски препарати од американски производители во Македонија. Од деловните потфати во САД, особена гордост за „Алкалоид“ е патентирањето на технологијата за производство на лекот ,,Новаморф“ во 2003 година, како и интензивната соработка со реномираната ,,АВЕДА“, членка на групацијата „Исти Лаудер“ во делот на производство на органски чаеви, која започна во 2005 година и сè уште успешно функционира. Во сегментот билкарство, во 2011 година ,,Алкалоид“ трасираше успешна соработка со уште две американски компании „Арбон Интернационал“ и ,,Свансон“ специјализирани за производство и дистрибуција на чаеви и природни лековити производи.
Неговата Екселенција, Амбасадорот Бејли, го истакна своето задоволство од успешното работење на Алкалоид во Македонија, САД и на останатите извозни пазари. Особено радува податокот што според неговите сознанија, ,,Алкалоид“ е единствениот македонски инвеститор во САД. По обиколката на производните капацитети на компанијата и сегментите за истражување и контрола на квалитет на производите, Амбасадорот беше импресиониран од операциите и потенцираше дека сега му е јасно зошто производството на квалитетни лекови е толку скап и макотрпен процес.
„Алкалоид“ е член на Американската Стопанска Комора во Македонија од 2000-та година.