9 апр. 2012 г.
Дански филмски фестивал
Дански филмски фестивал
Од понеделник, 09.04.2012 во Кинотеката на Македонија ќе се одржи првиот фестивал на Дански филмови во Република Македонија. Филмовите кои ќе се прикажуваат во „Кинотеката на Македонија“ беа дел од поголемите Европски филмски фестивали како фестивалот во Берлин, Солун, Брисел и Единбург.
“Наша цел е да ги прикажеме филмовите со кои што се гордееме” – вели Кристијан Јул Лемче, водител на проектот за филмски активности за време на Данското Претседателството со Европската Унија. Фестивалот се организира по повод седмото претседателство на Кралството Данска со Европската Унија и ќе трае 4 дена, од 9 до 12 април 2012 г. Македонските љубители на филмот ќе имаат можност да го доживеат Данскиот филм со сета своја разноликост.
Фестивалот ќе се отвори на 9 април 2012 г. Во 20.00 часот со филмот кој во 2011 година ја доби наградата Оскар за филм од не-англиско говорно подрачје: „Во подобар свет“, по што ќе бидат прикажани уште еден оскаровец од 1988 г: „Гозбата на Бабет“(10 април 2012 во 22.00 ч.) и филмот-добитник на наградата „Кристална мечка“ во категоријата најдобар филм за млади на „Берлинскиот филмски фестивал“ во 2006 г.: „Ќе надминеме“(11 април 2012, 20.00 ч.).
Фестивалот ќе се затвори со проекцијата на документарен филм, вистинска приказна за поранешни богаташки кои денес едвај составуваат крај-со-крај: „Добар живот“ (12 април 2012, 20.00 ч.).
Настанот е организиран од страна на Амбасадата на Кралството Данска од Виена под покровителство на компанијата Алкалоид АД Скопје, чиј генерален директор, г. Живко Мукаетов, е и генерален конзул на Кралството Данска во Република Македонија.
Влезот е бесплатен за сите проекции.
РЕПЕРТОАР И КРАТКА СОДРЖИНА НА ФИЛМОВИТЕ
Понеделник 09.04.2012, 20:00 часот
ВО ПОДОБАР СВЕТ (Haenven /In a better world)
игран филм, Данска/Шведска 2010 г.
режија: Сузане Биер
сценарио: Андерс Томас Јенсен (Anders Thomas Jensen )
улоги: Микаел Персбранд, Трине Дирхолм, Маркус Рајгард, Вилиам Јонк Нилсен
Антон е доктор кој работи во камп за африкански бегалци. Разделен е од сопругата со која има два сина.Постариот син, Елиас, е малтретиран на училиште се додека новодојдениот ученик, Кристијан, не му помогне да се одбрани од насилниците. Но нивното пријателство набргу ги внесува во неволја, и родителите, со сите свои проблеми, се тие што ќе треба да им помогнат на децата да се соочат со комплексноста на човечките емоции, болката и сочувството.Во 2011 година, филмот ја доби наградата Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје.
Вторник, 10.04.2012, 22:00 часот
ГОЗБАТА НА БАБЕТ(Babettes gaestebud /Babette's feast)
игран филм, Данска, 1987 г.
режија: Габриел Аксел
сценарио: Габриел Аксел, според роман на Карен Бликсен
улоги: Стефани Одрин, Бодил Кјер, Бригите Федершпел
Во Данска, во 19 век, Мартин и Филипа живеат во изолирана заеднца со својот татко кој е пастор во мала протестантска црква. Имале можности да го напуштат селото, но сепак останале да живеат со таткото. По неколку години, французинката Бабет бара засолниште во нивниот дом и тие ја ангажираат како куќна помошничка. Кога сестрите ќе посакаат да направат прослава во чест на 100-годишнината од раѓањето на пасторот, Бабет се нафаќа да подготви се` за таа пригода. Тие не знаат што да очекуваат од жена поинаква од нив – ем Французинка, ем католик. Во 1988 година, филмот ја доби наградата Оскар за филм од неанглиско говорно подрачје.
Среда 11.04.2012 20:00 часот
ЌЕ НАДМИНЕМЕ (Drømmen /We shall overcome)
игран филм, Данска, 2006 г.
режија: Нилс Арден Оплев
сценарио: Нилс Арден Оплев, Стин Биле
улоги: Бент Мејдинг, Андерс В. Бертелсен, Јенс Јорн Спотаг
Приказна за момче кое во 1969 година во Данска, инспирирано од борбата на Мартин Лутер Кинг за човекови права, се спротивставува на репресијата на училиште. Тој мора да се бори не само против строгиот директор, туку треба да се соочи и со депресивната состојба на сопствениот татко. Неговиот живот се менува кога во училиштето пристигнува учителот Свале, кој кај Фриц ќе предизвика интерес кон рок музиката, слободното размислување и пасивниот отпор.Во 2006 година, филмот ја доби наградата Кристална Мечка во категоријата Најдобар филм за млади на Берлинскиот филмски фестивал.
Четврток 12.04.2012 20:00 часот
ДОБАР ЖИВОТ (Det gode liv /The good life)
документарен филм, Данска, 2010 г.
режија: Ева Мулвадулоги: Анемате Бекман, Мете Бекман
Мајката и ќерката Бекман порано имале повеќе пари отколку што можеле да истрошат. Сега веќе ги немаат. Мајката мора финансиски да ја издржува ќерката од својата скромна пензија и тие живеат во мал стан. Ќерката, навлезена во шестата деценија од животот, никогаш досега не работела. Сепак, смета дека животот треба уште многу да и` даде. Филмот ги следи нивните обиди да состават крај со крај, нивните надежи за иднината, нивните малициозни судири.