27 авг. 2013 г.
Доделена државната награда „Мајка Тереза“
Доделена државната награда „Мајка Тереза“
На свечена церемонија одржана денес во „Порта Македонија“, Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза”, ги врачи признанијата на годинешните добитници: г. Живко Поповски – Цветин, сликар, хуманист и новинар и г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.
Државната награда „Мајка Тереза”, традиционално, секоја година се доделува за особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човековата солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусебното разбирање и развој на соработката како меѓу народите, така и меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Претседателот на Одборот за доделување на наградата „Мајка Тереза“, Академик Витомир Митевски, истакна дека при изборот на овогодинешните добитници, најмногу внимание посветиле на тоа кои од кандидатите вистински би ја продолжиле хуманата мисија на Мајка Тереза. „Кога решававме кој да ја добие овогодинешната награда, баравме кои од кандидатите се најблизу до тој стремеж... до вредностите кои ни ги остави Мајка Тереза“, рече академик Митевски.
Добитниците на традиционалните одличја за хуманост истакнаа дека овој чин за нив претставува огромна чест, но и поттик за уште похумани дела во иднина.
„Во име на г. Живко Поповски – Цветин и во мое лично име, би сакал да се заблагодарам на надлежните институции и сите индивидуалци кои одлучија да ни го доделат ова значајно признание. Морам да истакнам дека оваа висока државна награда претставува чест, задоволство, но и потстрек за наши понатамошни активности кои би биле во знакот на вредностите коишто особено се ценат кај луѓето, а тоа се хуманоста, човековата солидарност, меѓусебното разбирање, а во исто време и почитување на различностите кај луѓето.
Тоа се вредности во кои јас сум бил воспитуван и кои се трудам да ги пренесам на моите деца. Помагањето на луѓето на кои им е потребна помош, нема да осиромаши никого. Напротив, ќе нè направи побогати за едно убаво искуство, а тоа е сознанието дека сме направиле добро дело“, изјави г. Мукаетов.
Во свое лично име, г. Мукаетов истакна и дека паричниот надомест кој му следува како добитник на оваа државна награда, во износ од пет просечни месечни плати во Македонија, ќе го донира за набавка на работни материјали во Заводот за рехабилитација на деца и младинци “Св. Климент Охридски“ од Скопје.