1 ноем. 2012 г.
Фондацијата “Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии
Фондацијата “Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии
Стипендии во износ од 6.500 денари во текот на 12 месеци добија 40 студенти, 20 од Фармацевтскиот и 20 од Медицинскиот факултет при УКИМ Скопје.
Деканите на овие два факултети изразија благодарност за соработката и заложбите од страна на “Алкалоид“, потенцирајќи дека оваа компанија е најголем донатор на македонското здравство.
Традиционално, по шести пат годинава фармацевтката компанија „Алкалоид“, преку фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии, 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Скопје.
Стипендијата изнесува 6.500 денари во текот на 12 месеци, а согласно објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2012/2013, година е усвоен од Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите. Во составот на УО влегуваат претставници од Фондацијата, од Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет при УКИМ и од редовите на студентите.
Деканите на овие два факултети изразија благодарност за соработката и заложбите од страна на менаџерскиот тим на “Алкалоид“, потенцирајќи дека оваа компанија е пример за сите останати.
“Ваквата соработка на факултетите со “Алкалоид“, треба да е пример за другите комапнии“, порача деканот на Фармацевтскиот факултет, проф.д-р Александар Димовски.
И деканот на Медицинскиот факултет, проф.д-р Никола Јанкуловски изрази задоволство од негувањето на ваквата традиција.“После ова можеме да заклучиме дека “Алкалоид“ е најголем донатор на македонското здравство“, истакна Јанкуловски.Генералниот директор на “Алкалоид“, Живко Мукаетов истакна дека компанијата и понатаму ќе ја негува ваквата традиција и ќе ги помага заложбите за унапредување на македонската фармација и здравство.
“Почнувајќи од учебната 2007/08 година, Фондацијата стипендира вкупно 222 студенти по фармација и медицина, вклучувајќи ги и новите 40 во учебната 2012/13. Од нив, 71 студенти по фармација и 29 по медицина се веќе дипломирани“, рече Мукаетов.Во знак на неуморните заложби и програмски политики за поддршка на млади и амбициозни кадри кои своите кариери ги посветиле на македонското здравство и фармација, Фондацијата „Трајче Мукаетов“ почнувајќи од учебната 2009/2010, доделува еднократна парична награда на првенците на генерациите на двата факултета, во висина од 1.000 евра во денарска противвредност. Годинава, еднократната парична награда за првенец на генерација на Фармацевсткиот факултет ја поделија Наташа Ѓеоргиевска и Стефан Петровски, двајцата со просек 9,74, додека со парична награда за првенец на Медицинскиот факултет, се закити студентот Михајло Ѓеорѓиевски со просек 9,85.
Фондацијата „Трајче Мукаетов“ е основана со одлука на Управниот одбор на “Алкалоид АД Скопје“. Фондацијата чиј основач е самата компанија, има за цел стипендирање, донирање и финансирање на талентирани доктори и фармацевти, како и финансиска поддршка на проекти од овие две области.