19 окт. 2016 г.
Францускиот амбасадор во Македонија, во официјална посета на „Алкалоид“
Францускиот амбасадор во Македонија, во официјална посета на „Алкалоид“
Делегација од Амбасадата на Франција во Република Македонија, предводена од Н.Е., амбасадорот Кристијан Тимоние, оствари официјална работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје.
Целта на посетата на високите дипломатски претставници беше запознавање со резултатите од осумдецениското работење на компанијата, нејзините пласмани и производното портфолио. Во рамки на средбата со менаџерскиот тим, беа презентирани и бројните инвестиции кои „Алкалоид“ континуирано ги реализира низ годинините, како и извозните активности кои се еден од клучните сегменти од корпоративната политика на компанијата.
Н.Е., г. Тимоние истакна дека е импресиониран од посетата и од успешното работење на „Алкалоид“.
„Особено сум среќен што Алкалоид успешно соработува со неколку француски фармацевтски компании, но заеднички ќе се обидеме да го зголемиме нивниот број во иднина и да воспоставиме продлабочена соработка во делот на истражувањето, што би било од големо значење за двете земји. Алкалоид е успешна приказна, која покажува дека кога постои знаење, сé се може“, изјави г. Тимоние.
Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, г. Живко Мукаетов посочи дека посетата од страна на францускиот амбасадор претставува огромна чест за компанијата, која е подготвена да вложи и дополнителни напори со цел интензивирање на соработката помеѓу двете држави.
„Годинава, кога славиме 8 децении истражување, развој, иновации и континуирани вложувања во алкалоидовата визија за поздрав живот, не можам а да не ги споменам и генерациите Алкалоидовци пред нас, благодарение на чии несебични заложби, денес сме една од најмодерните и најбрзорастечки фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа со над 1.600 вработени и пласмани во над 30 земји во светот“, истакна Мукаетов.
Во рамки на официјалната посета, гостите имаа можност одблизу да се запознаат со производните капацитети на компанијата и сегментите за истражување, како и со новиот Центар за контрола на квалитет.