9 авг. 2017 г.

Градоначалникот на Загреб во посета на „Алкалоид“ Скопје, 9 август 2017

Делегација од канцеларијата на хрватската метропола, предводена од градоначалникот на Загреб,г. Милан Бандиќ, во рамки на посетата на Скопје за време на УЕФА Супер Купот 2017, oствари работна посета на „Алкалоид AД Скопје“

За време на работната средба, г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, го запозна г. Бандиќ со работењето и резултатите од работењето на „Алкалоид АД Скопје“ како и деловните операции на компанијата на хрватскиот пазар, каде производите на „Алкалоид“ се присутни речиси половина век.

По обиколката на производните капацитети на „Алкалоид АД Скопје“, г. Милан Бандиќ изјави: „Кога една компанија успеала цели 8 децении да се одржи на европскиот и да допре до светскиот пазар, тогаш нејзин главен гарант е единствено високиот квалитет. Навистина сум воодушевен од она што имав можност да го видам низ производните погони на "Алкалоид" и сега ми е сосема јасно зошто кога ме боли глава, веднаш посегнувам по Кафетин“. Од Кабинетот на загрепскиот градоначалник истакнаа дека бизнис и пријателските релации помеѓу г. Мукаетов и г. Бандиќ, пред сѐ се базираат на заедничката страст која ја имаат кон работата и грижата кон вработените, како неизбежен предуслов за напредок и успех.

Како тема на разговор во рамки на агендата на работната средба, беше и претстојното сениорско Европско ракометно првенство 2018 во машка конкуренција, кое во јануари следната година ќе се одржува во Хрватска. На првенството, чии натпревари ќе се играат во 4 различни градови, македонските ракометни сениори боите на Македонија ќе ги бранат во градот Загреб. Од позиција на Претседател на Ракометната федерација на Македонија, г. Мукаетов побара логистичка поддршка од домаќините, имајќи го предвид огромниот интерес кај македонските ракометни фанови за следење на овој спортски спектакл од трибините на „Арена Загреб“, како и искуството од 2009 година, кога македонската „Фаланга“ ‘ги запоседна’ Вараждин и Задар за време на Светското ракометно првенство.

 

Неодамна, г. Милан Бандиќ го отпочна својот шести мандат како челник на градот Загреб. Меѓу Загрепчаните, тој е познат како реформатор, за време на чие раководење градот доживува економска и културна ренесанса. Меѓудругото, во низата инфраструктурни проекти реализирани под негова палка, се вбројува и комплексот „Арена Загреб“, кој симболично е пуштен во употреба токму со ракометна „пресметка“.

Мукаетов и Бандиќ заедно го проследија натпреварот од УЕФА Суперкупот помеѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на трибините на ВИП Арената Филип Втори.