25 мај 2010 г.

Награда за Европски придонес за 2009 година за Живко Мукаетов, Генерален Директор и Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД - Скопје

Наградата за Европски придонес за 2009 година за посебни заслуги за промовирање на Република Македонија, нејзината економија и култура во Европа, како и за промовирање на eвропските идеи и вредности, Европското движење на Република Македонија му ја додели на господинот Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје.

Наградата на г. Мукаетов му беше врачаена на свечената Академија што во рамките на одбележувањето на 9. мај, денот на Европа и 60 - годишнината од Шумановата декларација, се одржа во Скопје на која, покрај членовите на Европското движење, присуствуваа евроамбсадорот г-дин Ерван Фуере, вицепремиерот задолжен за европски прашања г. Васко Наумовски, претставници на дипломатскиот кор, како и други гости и подржувачи на европската идеја и европските вредности.


Наградата за Европски придонес за првпат ја добива човек од економијата, бизнисмен кој води една од најуспешните македонски компании, етаблиран и потврден бренд не само во регионот, туку и пошироко. Како прв човек на Алаклоид АД, кој е присутен и на пазарите на ЕУ и САД, г. Мукаетов , како што беше истакнато, несомнено ја промовира Република Македонија, нејзината економија и култура, покажува дека Македонија има успешни луѓе, успешни компании кои можат да се носат со предизвиците на глобалната економија, можат да продолжат на патот на успехот и во услови на криза.


Досега наградата за Европски придонес ја имаат добиено Тоше Проевски, Борис Трајанов, Влатко Стафановски и маестро Симон Трпчевски.

"Наградата претставува исклучителна чест не само за мене и за моите најблиски, туку и за вработените во Акалоид АД, компанија која е веќе во Европа", истакна г. Мукаетов, заблагодарувајќи се на добиеното признание. Тој го потенцира значењето што ваква награда ја добива човек од економијата и изрази надеж дека во иднина ќе има повеќе луѓе од стопанството кои ги практикуваат европските вредности во работењето на патот кон Европа, во Европа во која 9. мај и Македонија ќе го прославува како свој ден.