30 дек. 2021 г.
ОБРАЌАЊЕ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР / ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УО НА АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ
ОБРАЌАЊЕ НА ГЕНЕРАЛНИОТ ДИРЕКТОР / ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА УО НА АЛКАЛОИД АД СКОПЈЕ
Живко Мукаетов
Генерален директор / Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД
Во 2021 година „Алкалоид“ го одбележа 85-годишниот јубилеј, јубилеј кој беше сосема поинаков од сите други, во година која сè уште го носеше бремето на пандемијата. На тоа се надоврзаа и воената и енергетската криза, нешто што мислевме дека не може да биде наша реалност, особено не во 21 век. Сѐ повисоките цени на енергијата и на транспортот, недостигот од суровини и од амбалажа, неизвесноста на пласманите и недостапноста на основните производи неизбежно ќе се одразат и врз бизнисот воопшто.
Во време на такви неизвесности, верувам дека сите се прашуваат како да продолжиме натаму и колку долго ќе трае ова. Веројатно, одговорот на овие прашања на идните генерации ќе им го даде светската историја. Овде и сега единственото нешто што ние во „Алкалоид“ го знаеме е дека мораме да се потпреме на сопствените ресурси, способности и знаење. Мораме да останеме посветени на нашите заложби, кои јас и мојот тим во континуитет ги трасиравме во изминатите 15 години, кои, исто така, беа обележани со различни кризи. Во време на криза, особено како оваа, секако дека компаниите штедат на маркетинг и на инвестиции. Короната, војната, инфлацијата, стагфлацијата и енергетската неизвесност некако како да создаваат паника што води до радикални одлуки. Не им е лесно ниту на компаниите ниту на поединците. Тешките времиња бараат тешки одлуки, но зад секој предизвик се крие шанса.
РЕЗУЛТАТИ
И покрај сите објективни и субјективни предизвици во текот на 2021 година, „Алкалоид“ успеа да создаде позитивни финансиски резултати во своето работење, вложувајќи исклучителни напори и мерки на претпазливост во своето секојдневно работење. Остваривме вкупна консолидирана продажба од 12.794.180.346 денари, што претставува раст од 5 % во однос на 2020 година. Остварена е консолидирана нето-добивка од 1.304.959.925 денари, што е раст од 12 %. Од продажбата 35 % се реализирани на домашниот пазар, додека, пак, 65 % од извоз, од кои 32 % на пазарите на ЈИЕ, 19 % на западноевропските пазари, 13 % во Русија и во ЗНД, а 2 % на другите пазари. Со особена гордост ги најавуваме првите пласмани на нашите фармацевтски производи во Австрија, Португалија и на Кипар, како и првиот извоз на производи од нашето портфолио Becutan на пазарот во Саудиска Арабија.
Од вкупната продажба 88 % се реализирани во сегментот фармација, 8 % во козметика, а по 2 % во билка и во хемиски производи.
БЕРЗАНСКО РАБОТЕЊЕ
Според податоците од Македонската берза за хартии од вредност, акциите на „Алкалоид“ во текот на 2021 година повторно беа меѓу најтргуваните и најликвидните. „Алкалоид“ АД Скопје, како една од водечките компании на Македонската берза, во редовното берзанско работење учествуваше со истргувани 845.002.973 денари, што претставува 15,35 % од вкупниот промет остварен на првиот официјален пазар на Берзата во 2021 година. Цената на акцијата на „Алкалоид“ АД Скопје се движеше од 13.300 до 18.501 МКД, со просечни 15.799,55 денари, што претставува раст од 29,8 % од просечната цена на акцијата во однос на 2020 година.
Во 2021 година „Алкалоид“ го доби престижното признание од Македонската берза за најтранспарентно котирано акционерско друштво во текот на годината. Во своето портфолио „Алкалоид“ додаде уште едно признание – „Акција на годината за 2021“ – доделено врз основа на јавна анкета од пошироката инвестициска јавност, Македонската берза и од порталот „Фактор“.
ИНВЕСТИЦИИ
Во согласност со политиката на компанијата за континуирани инвестиции, останавме цврсто на вистинскиот пат и во текот на 2021 година, издвојувајќи 1.186.124.984 денари за зголемување и за диверзификација на производствените капацитети, унапредување на технолошките процеси, проширување на лабораториските и на магацинските капацитети, како и за неколку проекти за енергетска ефикасност. За да им служиме на динамичните барања на научните дисциплини во кои работиме, во согласност со континуираните инвестиции во образованието, го пуштивме во употреба нашиот нов Центар за образование и обуки, кој во иднина планираме да го надградиме и да го прошириме. Активностите на нашата Фондација „Трајче Мукаетов“ беа во насока на едукација на идните здравствени работници, па во текот на 2021 година Фондацијата додели 40 нови стипендии за студенти по медицина и по фармација на државниот универзитет. Задоволни сме што учествувавме во успешната приказна на 579 стипендисти во изминатите 15 години. Во овој период инвестиравме повеќе од 117 милиони денари во стипендии на Фондацијата и во еднократни премии за првенците на генерација.
ИДНИНА
Во текот на 2021 година „Алкалоид“ целосно се фокусираше на создавањето ангажирана и здрава младина. Го реализиравме проектот „Бенефиции за децата на вработените“ за да ги насочиме младите кон спортот и кон други воннаставни активности. Го основавме Ракометниот клуб „Алкалоид“ со намера да работиме систематски и да ги моделираме идните спортисти. Младите беа во фокусот и на одбележувањето на 85-годишниот јубилеј на „Алкалоид“, кој започна со хуманитарно видео со кое се ширеа пораки на благодарност, оптимизам и на емпатија. Преку овој проект ѝ дониравме 4.099.448 денари на Клиниката за детски болести во Скопје. Донацијата официјално беше врачена во Музејот на град Скопје на отворањето на Ретроспективната изложба од минатото на „Алкалоид“, од нашата сегашност и од најзначајните моменти во историјата на компанијата.
Оваа изложба беше доказ дека „Алкалоид“ помина низ многу предизвици во изминатите 85 години, но покажа дисциплина, солидарност, високо ниво на емпатија и на посветеност од генерации вработени. Човечките ресурси отсекогаш биле во центарот. И денес целта ни е да изградиме компанија од задоволни луѓе, кои го вложуваат својот потенцијал во заедничкиот успех, бидејќи имиџот, вредностите и кредибилитетот на компанијата, пред сѐ, се одраз на организациската култура и на луѓето.