24 септ. 2024 г.

Освојувачот на сребрен медал на Шаховската Олимпијада, Тони Лазов, на прием кај Генералниот директор/Претседател на УО на „Алкалоид“ АД, Живко Мукаетов



Во чест на успехот на членот на ШК Алкалоид, интернационалниот мајстор Тони Лазов (24), кој освои сребрен медал на Шаховската Олимпијада во Будимпешта, денеска беше организиран прием од Претседателот на Управниот одбор, Живко Мукаетов.



ИМ Тони Лазов веќе 15 години е дел од шаховскиот клуб кој егзистира под закрила на компанијата од 1976 година. Изучувајќи ги тајните на древната игра, тој ги мина сите младински категории и започна да освојува меѓународни шаховски титули, етаблирајќи се како најголема надеж за македонскиот шах. Минатата година тој ја освои својата прва велемајсторска норма, а оваа година стана државен првак освојувајќи го Отвореното првенство на Македонија. Овојпат направи фантастичен резултат освојувајќи 7,5 поени од 8 меча играјќи на втората табла за македонската репрезентација. Неговата кариера е извонреден пример за значењето и начинот на функционирање на шаховската школа на ШК Алкалоид, во која најдобрите македонски велемајстори им го пренесуваат знаењето на идните генерации.



„Алкалоид“ и натаму се држи до својата долгогодишна традиција и посветеност на развојот на спортот во Македонија и продолжува да биде поттик за напредок преку континуирана поддршка за талентираните спортисти. Воспоставената стратегија придонесува за нивно професионално усовршување и за постигнување врвни резултати, а „Алкалоид“ се гордее со постигнатите успеси на своите членови!